Достапни линкови

Изложба на Али Синани во КИЦ


Слика од македонскиот сликар Али Синани.
Слика од македонскиот сликар Али Синани.

50 дела на сликарот Али Синани, кој живее и работи во Швајцарија, ќе бидат претставени на изложбата што од 6 до 17 септември ќе се одржи во Културно-информативен центар во Скопје. Ова е негово второ самостојно претставување во земјава.

Споредувајќи го со германскиот сликар Вили Баумајстер и Каталонецот Жоан Миро, историчарот на уметноста Џемал Ахмети за творештвото на Али Синани ќе забележи дека е длабоко и чисто и дека за критичарот кој е во потрага по естетскиот императив за времето тоа може да биде директен пат кон статичните врати на тоталната хармонија.
Техниката масло на платно се трудам да ја комбинирам со несликарски материјали како картон, песок и хартија, сè со идеја тие да оддаваат еден вид на асоцијативна релјефна форма.
Али Синани, сликар.

Синани, пак, кому актуелната постановка во салоните „Империјал 1“ и „Империјал 2“ во Културно-информативен центар во Скопје му е второ, како што вели, „покомплетно претставување“ во Македонија, истакнува дека овојпат на ликовната публика и нуди 50 дела работени во техниките масло и акрилик на платно создадени во последниве неколку години.
Али Синани.
Али Синани.

„Техниката масло на платно се трудам да ја комбинирам со несликарски материјали како картон, песок и хартија, сè со идеја тие да оддаваат еден вид на асоцијативна релјефна форма.“

Иако сега живеам во средина како Швајцарија и таму туѓинецот си е туѓинец. Затоа е нормално што во моите слики лесно се забележува носталгијата по родниот крај. Таа носталгија се трудам да ја изразам во моите дела. Асоцијативноста на формите и емоциите кои се постигнуваат со игра на цртежот и бојата ги преземам од секојдневниот живот.
Али Синани, сликар.
Али Синани е роден 1977 година во Добридол, Гостиварско. Студирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2009 година и досега има реализирано 20 самостојни и повеќе групни изложби во Република Македонија, Швајцарија и во Германија. Живее и работи во сопственото студио „Арте“ во Сент Гален, но потенцира дека и покрај тоа што инспирацијата ја црпи од секојдневието, „носталгијата по родниот крај“ е она што како вруток блика од неговите дела.

„Иако сега живеам во средина како Швајцарија и таму туѓинецот си е туѓинец. Затоа е нормално што во моите слики лесно се забележува носталгијата по родниот крај. Таа носталгија се трудам да ја изразам во моите дела. Асоцијативноста на формите и емоциите кои се постигнуваат со игра на цртежот и бојата ги преземам од секојдневниот живот.“

Синани е член на повеќе македонски и швајцарски асоцијации на ликовни уметници и дополнува дека по пет години поминати во тој дел од Европа, конечно може за себе да каже дека живее од својата професија.

„Јас моментално опстојувам од сликарството. Имам своја менаџерка и соработувам со неколку галерии во Швајцарија. Инаку не е нималку едноставно, но веќе се навикнав на овој начин на работа.“

По Скопје, оваа постановка на Али Синани ќе и биде претставена на ликовната публика во неколку европски градови.

„Идниот месец имам изложба во Германија, во Аугзбург. Потоа овие дела ќе се носат во Швајцарија, во Цирих. Идната година во февруари ќе имам изложба во Париз и потоа во април во Берлин.“

Уметникот дополнува дека е подготвен да им помогне на своите колеги да го однесат нивното творештво надвор од земјава и притоа ако сакаат да се пробијат на интернационалната сцена им сугерира да бидат упорни и да остваруваат што поголем број на контакти.

„Тука има доста квалитетни уметници, но имам чувство дека во Македонија работите како да се вртат во круг. Колегите треба нормално да контактираат со разни луѓе и разни култури и да се борат да реализираат една своја желба.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG