Достапни линкови

Две години затвор за „Pussy Riot“


Трите членки на руската панк група „Pussy Riot“ добија по две години затвор откако судот во Москва ги прогласи за виновни по обвинението за хулиганство, а во врска со нивниот настап во московската црква „Христос Спасителот“. Тие ги отфрлија обвинувањата, наведувајќи дека тоа било дел од кампањата против враќањето на Владимир Путин во Кремљ.

Трите членки на оваа панк група, Надежда Толокоњикова, Марија Аљохина и Екатерина Самуцевич за својот настап на 21 февруари годинава велат дека не бил со цел распламтување меѓуверска омраза и навреда на чувствата на верниците, туку своевиден протест против блиските врски меѓу црквата и државата. Тие особено протестирале против поддршката што поглаварот на Руската православна црква патријархот Кирил му ја даде на претседателот Владимир Путин за време на неговата изборна кампања.
Одлуката секако не е донесена во судница. Како и во другите познати политички случаи во Русија така и во овој, одлуката ќе биде донесена на друго место.
Марија Липман, аналитичарка во московскиот Карнеги центар.

Случајот предизвика меѓународно негодување на кое му се приклучија и многу поп ѕвезди, меѓу нив и Пол Макартни и Мадона.

Дури и шефот на путиновиот Совет за човекови права Михаил Федотов судењето го оцени како срамно.

При неодамнешната посета на Лондон, Путин, пак, изјави дека трите членки на „Pussy Riot“ кои се во затвор од март годинава не би требало да бидат строго осудени.

„Како и да е, не мислам дека би требало да бидат строго осудени. Се надевам дека ќе научат нешто од сето ова. Сепак, судот е тој што ја носи конечната одлука.“
Тоа беше свесна постапка. Тие јасно знаеа каде одат и зошто. Тие тоа го имаа подготвено, не беше никаква грешка како што потоа изјавија. Тие точно знаеа што прават.
Владимир Бурматов, Обединета Русија.

Аналитичарката во московскиот Карнеги центар Марија Липман смета дека токму пресудите за ваквите случаи не ги носат судиите.

„Одлуката секако не е донесена во судница. Како и во другите познати политички случаи во Русија така и во овој, одлуката ќе биде донесена на друго место.“

Од инаугурацијата на Владимир Путин во мај годинава, тој потпиша неколку закони со кои се зголемија казните за оние што протестираат, се зацврсти контролата врз интерентот и се воведоа поостри правила за кампањи и лоби групи кои се финансирани од странство.

Владимир Бурматов од владејачката „Обединета Русија“ смета дека членките на „Pussy Riot“ би требало да бидат казнети за навреда на православните верници.

„Тоа беше свесна постапка. Тие јасно знаеа каде одат и зошто. Тие тоа го имаа подготвено, не беше никаква грешка како што потоа изјавија. Тие точно знаеа што прават.“

Обвинителството бараше казна од три години за трите членки на групата кои, како што пренесуваат агенциите, имаат различни биографии.

23-годишната Толокоњикова студирала филозофија во Москва и само неколку денови пред да се породи учествувала во оргии.

24-годишната Аљохина е поетеса и мајка на петгодишно дете, а интензивно се занимавала со хуманитарна работа.

30-годишната Самуцевич, пак, студирала информатика и работела на софтвер за руските нуклеарни подморници, но ја напуштила работата и и се посветила на фотографијата.

Еден од нивните проекти бил и цртеж на 65-метарски пенис на еден мост во Санкт Петерсбург.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG