Достапни линкови

Мишел Камило на Охридско лето


Мишел Камило, пијанист и композитор.
Мишел Камило, пијанист и композитор.

Како еден од адутите на музичката програма на годинешното 52-ро „Охридско лето“, утревечер од 21 часот, во предворјето на црквата Света Софија, ќе настапи славниот доминикански џез пијанист и композитор Мишел Камило.

Роден на 4 април 1954 година во Санто Доминго, Доминиканска република, Мишел Камило уште од најраното детство бил фасциниран од музиката. Првата авторска композиција ја напишал на петгодишна возраст, осум години подоцна веќе бил студент на Националниот конзерваториум, а на 16 години станал член на Националниот симфониски оркестар.
Мишел Камило, пијанист и композитор од Доминиканска Република.
Мишел Камило, пијанист и композитор од Доминиканска Република.

Силно инспириран од музиката на џез великаните Кит Џарет, Чик Кориа, Бил Еванс и Оскар Питерсон и со желба да ги прошири сопствените музички хоризонти, тој во 1979 година се сели во Њујорк и ги продолжува студиите на респектираниот Џулијард скул оф мјузик.
Во тамошните музички кругови влегува откако неговата композиција „Why Not?“ како носечка на еден од своите албуми ќе ја стави славниот Пакито де Ривера, а успехот ќе биде потврден откако а-капела составот „Менхетен трансфер“ за својата вокална верзија на истата тема во 1983 година ќе стане добитник на престижната награда Греми.

Потем работите за Камило се редат како на филмска лента. Во 1985 ќе го има своето деби во престижниот Карнеџи хол, со триото и музиката од двата објавени албума ќе настапува по САД, Карибите, Јапонија и во Европа и на тој начин полека станува значајна фигура на интернационалната сцена.
Од таму, сосема разбирливо е што набрзо од родната Доминиканска република ќе уследи поканата да диригира на концертот на Националниот симфониски оркестар каде на програмата покрај композициите на Бетовен, Дворжак, Римски-Корсаков се нашла и неговата тема напишана за Игрите на добра волја, дело за кое подоцна ќе биде овенчан со наградата Еми.
Мишел Камило, пијанист и композитор од Доминиканска Република.
Мишел Камило, пијанист и композитор од Доминиканска Република.

Набрзо потоа станува и уметнички директор на големиот Хајнекен џез фестивал, за да во ноември 1988 излезе и неговото прво издание за голема дискографска компанија - „Сони“. Насловен само со неговото име овој албум цели десет недели ќе биде на самиот врв на специјализираните топ листи, следниот „On Fire“, според престижниот „Билбоард“, ќе биде еден од трите албуми на годината...и така со ред. Неговите композиции ќе се најдат на репертоарот на Дизи Гилеспи и пијанистките Кети и Мариел Лебек, тој во 1996 ќе настапува во Копенхаген тогашната Европска престолнина на културата, ќе свири во Кенедиевиот центар за изведувачки уметности во Вашингтон и, меѓу другото, ќе ја започне својата плодна соработка со кубанскиот џез пијанист Чучо Валдез.

И, кога сме веќе кај неговите дружби со познатите музичари, на изгревот на новиот милениум, Камило заедно со гитаристот Томатито, за престижната дискографска етикета „Врв“, ќе го снимат албумот „Spain“ кој ќе биде одбран за Најдобар латино џез албум и наедно првото било кога издание – добитник на Латино-Греми. Успехот ќе биде повторен со „Triangulo“ , за да потем уследи серија од објави се до минатогодишниот 23 по ред албум - „Mano a Mano“ како потврда за неговиот раскошен композиторски и изведувачки подем.

Конечно, еден таков Мишел Камило, подеднакво успешен во класиката, џезот и на полето на филмската музика, во родната Доминикана чествуван и со највисокото можно признание орденот „Дуарте, Санчез и Мела“ што го доделува претседателот на Републиката, ни доаѓа на Охридско лето. Од таму, без никаква двојба, за очекување е неговиот концерт во предворјето на црквата Света Софија, да биде несекојдневна средба со еден од навистина значајните светски музички авторитети.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG