Достапни линкови

Нов масакр во Сирија?


Сириски опозициски активисти соопштија дека вчера повеќе од 80 луѓе биле убиени од провладините сили во провинцијата Хама. Во меѓувреме, официјален Вашингтон побара од сите членки на Обединетите нации да ги почитуваат санкциите против сиријскиот режим.

Во информациите кои не се потврдени од независни извори се додава дека меѓу загинатите имало повеќе од 40 жени и деца и оти станува збор за масакр. Се прецизира дека тоа се случило во селата Ал Кубаир и Марзаф во провинцијата Хама.

Ние, Соединетите Држави, се надеваме дека сите разумни земји наскоро ќе се приклучат во преземањето економски санкции против сиријскиот режим, вклучувајќи го тука, ако е неопходно, и активирањето на Поглавието седум што деновиве го побара Арапската лига.
Тимоти Гајтнер, американски министер за финансии.
Според активистите, овие села биле бомбардирани, но убиствата биле извршени потоа од провладини милитанти. Сиријската влада ваквите информации ги оцени како целосно лажни.

До нив дојде на помалку од две недели по убивањето на 108 цивили во градот Хула во провинцијата Хомс.

Обединетите нации проценуваат дека најмалку 9 илјади луѓе биле убиени од почетокот на востанието против авторитарниот режим на претседателот Башар ал Асад што почна пред 15 месеци.

Во меѓувреме, Соединетите Држави ги повикаа владите во светот да извршат максимален финансиски притисок врз владата на претседателот Асад со цел тој да си замине од функцијата.
Нашата цел не е да интервенираме во внатрешните работи на Сирија. Напротив, ние сме свесни дека секој пожар во Сирија би можело да го зафати целиот регион. Затоа ние зборуваме за ова прашање и сакаме да привлечеме внимание за ситуацијата во Сирија.
Реџеп Таип Ердоган, премиер на Турција.

На состанокот на Групата пријатели на сиријскиот народ, американскиот министер за финансии Тимоти Гајтнер го поддржа барањето на Арапската лига за ставање во сила на Поглавието седум од Повелбата на Светската организација со која се бара од земјите членки да ги преземат сите неопходни мерки за да ги спроведат резолуциите на Советот за безбедност.

„Ние, Соединетите Држави, се надеваме дека сите разумни земји наскоро ќе се приклучат во преземањето економски санкции против сиријскиот режим, вклучувајќи го тука, ако е неопходно, и активирањето на Поглавието седум што деновиве го побара Арапската лига.“

На состанокот во Истанбул, американската државна секретарка Хилари Клинтон им рече на западните и арапските земји дека транзицијата во Сирија мора да вклучува и целосен трансфер на власта од страна на претседателот Асад. Стејт департментот потоа прецизира дека тоа подразбира и репрезентативна привремена влада која ќе подготви слободни и фер избори.

Но, Кина и Русија го повторија нивното строго противење на секаков вид интервенција во сиријските внатрешни работи.

Во заедничката изјава по средбата во Пекинг на рускиот претседател Владимир Путин со кинеските домаќини се наведува дека Русија и Кина се решително против обидите за регулирање на сиријската криза со надворешна воена интервенција со цел менување на режимот.

Претходно и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган изрази сомневање во врска со евентуалната странска интервенција.

„Нашата цел не е да интервенираме во внатрешните работи на Сирија. Напротив, ние сме свесни дека секој пожар во Сирија би можело да го зафати целиот регион. Затоа ние зборуваме за ова прашање и сакаме да привлечеме внимание за ситуацијата во Сирија“, изјави турскиот премиер Ердоган на Економскиот форум што се одржа во Истанбул.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG