Достапни линкови

Полска поради ЕП делумно ги врати граничните контроли


Полска неколку дена пред почетокот на Европското првенство во фудбал ги врати контролите на својата граница со соседите од Шенгенската зона. Тоа ќе потрае до 1 јули, односно крајот на првенството што Полска го организира заедно со Украина.

Контролите кои ги вршат полицијата и таканаречената Гранична стража нема да бидат редовни, туку само во одредени денови и часови и тоа во внатрешноста на полската територија, соопшти министерството за внатрешни работи.

Се прецизира дека за таа цел се ставени во функција 60 таканаречени Шенеген автобуси, специјални возила опремени за брза контрола на податоците.

Иако Полска во време на фудбалското првенство не ја враќа целосната блокада на границите со соседите од Европската унија, какви што ги има со другите земји кои не се членки на Унијата, минувањето на границата ќе биде можно само на одредени премини.


Граничната стража ќе контролира и одбрани летови на аеродромите, како и одделни бродови на полските пристаништа.

Вкупно се определени 254 контролни пунктови. Полските власти соопштија дека се подготвени и на евентуални испади на хулиганите, а на ЕУРО 2012 како помош на полските полицајци им пристигнуваат и полицајци од 16 земји чии репрезентации играат на Првенството.

Русија и Белорусија веќе им доставиле на полските полицајци списоци со околу 300 хулигани кои биле казнувани за нереди на стадионите и надвор од нив. Се очекува тоа деновиве да го направат и другите земји.

Експертите за безбедност велат дека ЕУРО 2012 како и секоја поголема спортска манифестација не е без ризик од терористички напади. Сепак, разузнавачите смируваат дека немало никакви сигнали за такво нешто.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG