Достапни линкови

Штедење или стимулирање на растот?


Без инвестиции нема економски раст, но од друга страна може да се инвестира толку „колку што ни е чергата“, велат економистите со кои разговаравме.

Да се штеди или да се инвестира во поттикнување на економскиот раст. Кое е решението за излез од должничката криза што ја зафати еврозоната. Од една страна, првите луѓе на Франција и на Италија, Франсоа Оланд и Марио Монти бараат развојот да биде врвен приоритет за ЕУ. Од друга страна, германската канцеларка Ангела Меркел цврсто стои на ставот дека треба да се продолжи со намалувањата на трошоците и со другите мерки на штедење за да се зауздаат долговите.
Штедењето во одредена фаза е добро ако е со цел да се постигне краткорочно префрлање на потребите, значи сега да се заштеди за во иднина да се инвестира, но од аспект на дилемите што се среќаваат мора да се има предвид дека во сегашни услови неопходно е да се инвестира особено во продуктивна намена, значи инвестирање во области, дејности и гранки кои создаваат натамошна динамика на раст и активација на факторите на производство.
Јован Пејковски, универзитетски професор.

Иако економскиот раст на Македонија во голема мера зависи од случувањата во еврозоната, што треба да направи земјава во ваква ситуација – да штеди или да инвестира во стимулирањето на економскиот раст? Таа дилема, вели професор Јован Пејковски, секогаш постои, но во основа, раст и развој нема без инвестиции.

„Штедењето во одредена фаза е добро ако е со цел да се постигне краткорочно префрлање на потребите, значи сега да се заштеди за во иднина да се инвестира, но од аспект на дилемите што се среќаваат мора да се има предвид дека во сегашни услови неопходно е да се инвестира особено во продуктивна намена, значи инвестирање во области, дејности и гранки кои создаваат натамошна динамика на раст и активација на факторите на производство. Инвестициите најмногу влијаат на растот на БДП-то и онолку колку што се поттикнува инвестирањето, посебно во продуктивни намени, толку и излегувањето од кризата станува пореално, поизвесно“, вели Пејковски.

Од друга страна, поранешниот гувернер на Народната банка, професор Љубе Трпески вели е добро што сите досегашни македонски влади во изминатите 20 години не посегнале по дефицитно финансирање на буџетот.

„Во тој поглед нашата земја е многу поблиска до концептот што Германија го протежира во рамките на еврозоната и во рамките на ЕУ, а тоа е преку штедење да се обезбеди сигурен и одржлив раст и мислам дека така треба и да продолжи Република Македонија, со ниски стапки на буџетски дефицит и со одржливо задолжување, било да е тоа од надвор или од внатре“, вели Трпески.

Тој посочува дека треба да се инвестира, но колку што има можност самата држава или народски кажано, да си ги пушти нозете колку што и е долга чергата. Инвестициите од буџетот треба паметно да се одберат за да можат да произведат раст, вели тој.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG