Достапни линкови

Ни треба ли закон за медиуми?


Има ли потреба од донесување нов закон за медиуми? Ставовите на новинарите по ова прашање се поделени, затоа што се уште е нејасно што точно подготвува Владата.

Проблеми кои треба да се регулираат во медиумската сфера постојат, но и со сегашните закони може да се решат дел од нив, само што законите се почитуваат селективно, велат новинарите. Владата тврди дека сега за сега ќе се изработува само Директива за аудиовизуелни медиумски услуги но не заборава да спомне дека е наметната и потребата од донесување закон за печат и електронски публикации.

Ваков или сличен обид како што го има оваа влада го имаше и во 90-тите години во владата на Љубчо Георгиевски со носење на закон за јавно информирање. И тогаш и сега сум против донесување на каков било закон со кој што ќе се регулираат и прецизираат прават и обврските на новинарите.
Среќко Поповски, новинар во Алфа телевизија.
Новинарите стравуваат дека Владата ќе се обиде со новите измени во пакет да влезе и дел кој би задирал во и онака проблематичната слобода на изразување.

Новинарот од Алфа Телевизија, Среќко Поповски, вели дека е против донесување на каков било закон со кој би се прецизирале правата и обврските на новинарите.

„Ваков или сличен обид како што го има оваа влада го имаше и во 90-тите години во владата на Љубчо Георгиевски со носење на закон за јавно информирање. И тогаш и сега сум против донесување на каков било закон со којшто ќе се регулираат и прецизираат прават и обврските на новинарите, затоа што сметам дека Уставот и законите се доволна рамка врз основа на која ќе се третира начинот на кој јавноста ќе се информира.“
Репортери со микрофони
Репортери со микрофони

Тој додава дека во секое демократско општество, носењето на закон само по себе претпоставува рестрикција на одредени права и затоа е јасно дека кај новинарите се јавува скептицизам дека ќе им биде ограничена или ќе им биде лимитирана слободата со какво било озаконување на нивното работење.

Уредникот на дневниот весник Дневник, Зоран Димитровски, вели дека прво е потребно да се расчисти што треба да се регулира со закон, а што не би требало да се опфати со закон.
Она што јас мислам дека сепак треба да се регулира не се однесува на слободата на изразување и на слободата на информирање, туку на бизнис делот, на пример регулирање на делот на продажба на весници, затоа што во минатото имаше случаи кога бесплатни дневни весници се продаваа на исти места каде што се продаваа весници за пари што е нелојална конкуренција.
Зоран Димитровски, уредник на Дневник.

„Доколку предлог-законот се однесува на електронските медиуми за усоглсување на оние Директиви на Европската унија, фактички за електронските медиуми во радиодифузниот дел, тогаш потребни се такви измени, но во делот на печатените медиуми, она што јас мислам дека сепак треба да се регулира не се однесува на слободата на изразување и на слободата на информирање, туку на бизнис делот, на пример регулирање на делот на продажба на весници, затоа што во минатото имаше случаи кога бесплатни дневни весници се продаваа на исти места каде што се продаваа весници за пари што е нелојална конкуренција.“

Тој додава дека страв од законско ограничување на слободата на изразување секогаш може да постои, но ако учествуваат и новинарите во формирање на законските измени може да се спречи такво нешто.

Уредникот на Диверзити медиа Назим Рашиди вели дека прво властите треба да докажат дека имаат капацитет да ги спроведат постоечките законите, а потоа ќе може да се разговара за нов закон за медиуми.

„Прво властите што сакаат да има ваков закон треба да докажат дека ги имаат капацитетите да ги спроведат актуелните закони кои постојат. Мислам дека тука е клучот затоа што некои од законските решенија се добри и се во согласност со европските регулативи, но сепак ние имаме случувања кога тие закони не се споведуваат. И поради тоа се доведува во дилема дали овој предлог во суштина има искрена намера.“

Новинарите во едно се сложни - дека е потребно да се направи анализа колку и е потребен на Македонија целосно нов закон за регулирање на медиумската работа или треба да се донесат мали измени во сегашните закони кои патем треба во целост да се спроведат.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG