Достапни линкови

НАТО и ОН загрижени за Косово


НАТО изрази загриженост за ситуацијата на северот на Косово и ги повика страните на воздржаност и на целосна соработка со меѓународните фактори. Иста е пораката и во редовниот тримесечен извештај за Косово што денеска ќе се најде пред Советот за безбедност на Обединетите нации. Во вчерашниот обид за отстранување на барикадите на северот на Косово дојде до судири во кои имаше десетици повредени војници на КФОР, како и косовски Срби.

Повици за смирување на северот на Косово, но и осуда за оние што ги предизвикаа вчерашните судири дојдоа и од Приштина и од Белград.

И додека косовските власти ги обвинуваат косовските Срби за нападите врз војниците на КФОР, српските власти со осуда за акцијата на меѓународните сили за отстранување на барикадата кај Зубин Поток.

Претседателката на Косово Атифете Јахјага ги повика одговорните институции да ги пронајдат и казнат, како што се наведува во соопштението, криминалците кои повредиле 23 НАТО војници, а косовските Срби да ги ослободат патиштата кои ги блокираат веќе неколку месеци, односно откако Приштина реши да ја преземе контролата врз граничните премини кон Србија.

И механизмите на борбата кои се користат таму се исто така вонинституционални. Кога ја имаме таа мрежа на недефинирани механизми на управување со некој проблем тогаш не можете да предвидите што ќе се случи.
Премиерот Хашим Тачи, пак, изјави дека неговата влада не е во судир со Србите на северот и оти е подготвен да разговара со нив.

Од друга страна, претседателот на Србија Борис Тадиќ повика на прекин на насилствата и воздржаност, додавајќи дека политичките лидери на Србите мора да ги спречат екстремистите кои ја доведуваат под прашалник безбедноста на Србите и на меѓународните сили на Косово.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ за инцидентите го обвини КФОР.

„Не знам каква е целта на отстранувањето на барикадите ако Србите постават нови. Тоа создава можност за инциденти. Улогата на КФОР е да ја чува безбедноста, но некој има намера да ја заостри ситуацијата.“

Со ова се согласува и министерот за Косово Горан Богдановиќ кој вели дека Србите ги подигнале барикадите со цел да им се спротивстават на намерите на Приштина со употреба на сила да инсталира свои институции.

„Употребата на шок бомби и гумени куршуми не може со ништо да се оправда. Барам и од КФОР и од косовските Срби да бидат воздржани, бидејќи проблемите можаат да се решат само преку преговори.“

Но, Србите од Косово веќе неколку пати јасно му порачаа на Белград дека нема да го почитуваат она што ќе биде договорено на преговорите со Приштина.

Развојот на ситуацијата на северот на Косово е тешко да се предвиди, вели аналитичарот Владимир Павиќевиќ, објаснувајќи дека постојат низа знаци дека на косовските Срби се дејствува и вониснтитуционално.

„И механизмите на борбата кои се користат таму се исто така вонинституционални. Кога ја имаме таа мрежа на недефинирани механизми на управување со некој проблем тогаш не можете да предвидите што ќе се случи“, вели Павиќевиќ.

Тој изразува надеж дека исходот од судирот ќе значи чекор кон приближување до можното решение на северот на Косово.

Во вчерашните судири кај Зубин Поток, според КФОР, Србите употребувале малокалибарско оружје и молотови коктели.

„Досега КФОР употребуваше само спреј за одбрана, солзавец, гумени куршуми и водени топови. Но, во ситуации кога се во опсаност животите на војниците, тие ќе одговорат со сите соодветни средства“, изјави портпаролот на КФОР Уве Новицки.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG