Достапни линкови

МВР апси, дрога колку сакаш


Откриената дрога при последната акција на МВР/
Откриената дрога при последната акција на МВР/

Македонија освен транзит дестинација, станува и земја во која завршува дрогата, а бројот на корисниците е се поголем. Експертите советуваат поширока меѓународна соработка.

Дрогата во Македонија ја има во големо количество и бројката на лица кои пробале некаков вид на наркотично средство е поразителна, велат експертите. Полицијата во изминатиов период во неколку последователни акции успеа да заплени херион, марихуана и екстази наменети и за домашниот пазар, но и за земјите во регионот. Според последните информации на МВР има раст на ефикaсноста против трговијата со дрога. Полицијата во последните четири години открила над 2.200 случаи, а кривично биле пријавени 1.565 лица.

Професор Владимир Пивоваров вели дека Македонија од транзит земја станува земја во која завршува дрогата, а за тоа говори и фактот што има околу 16 илјади регистрирани уживатели на наркотични средства.

„Милјето на наркотични средства се зголеми во голем обем во нашава земја така што акциите што ги спроведува МВР се за поздравување, но загрижува фактот што тоа е само една капка во морето со што се спречува да дојде до младите уживатели на вакви средства.“

Акциите на МВР се за поздравување, но потребна е и поширока соработка, велат експертите
Акциите на МВР се за поздравување, но потребна е и поширока соработка, велат експертите

Професор Стефан Буџаковски вели дека Македонија е раскрсница на Балканот на повеќето патишта на дрогата.

„Констатирани се многу начини на прошверцување на овие видови на дрога, со тоа што сме земја во транзиција се уште немаме усогласено систем на контрола на овие форми на криминалитет што им оди во прилог на оние коишто се занимаваат со овие форми на криминалитет.“

Според Буџаковски, треба да се дејствува во два правци за сузбивање на трговијата со дрога.

„Поголема интеграција во рамките на меѓународната соработка за сузбивање на оваа појава и професионализација, односно едукација на оние коишто се вклучени во борбата против овој вид криминалитет. Имено ние како транзициона земја имаме недостатоци во однос на едукација на кадрите и во предкривичната, но и во самата кривична постапка.“
Уште од најрана школска возраст треба да има едукативни предавања за учениците и родителите за полесно да се справиме со проблемот на дрогата
.


Пивоваров смета дека е потребна сеопшта акција, а не само полицијата да дејствува. Превенцијата е најдобриот лек против ваквото зло во општеството, додава тој.

„Уште од најрана школска возраст треба да има едукативни предавања за учениците и за родителите, значи што порана фаза на уживатели на наркотични средства се детектира полесно ќе може да се справиме со таквиот проблем.“

Според експертите, доколку акциите на полицијата се успешни, дрогата на пазарот нема да ја има константно истата цена, што значи дека борбата со овој вид на криминал се уште не е на потребното ниво.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG