Достапни линкови

Нападот во Сараево, терористички чин


Напаѓачот Мевлид Јашаревиќ снимен за време на нападот.
Напаѓачот Мевлид Јашаревиќ снимен за време на нападот.

Претседателството на Босна и Херцеговина синоќа одржа итна седница на која остро го осуди вчерашниот, како што се наведува, терористички напад со автоматско оружје врз американската амбасада во Сараево.

Ова претставува класичен терористички акт, оцени претседавачот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, додавајќи дека, иако Босна и Херцеговина не е терористичка земја, сепак настанот треба на сите да им е поука оти и ова може да се случи.

Членот на претседателството Бакир Изетбеговиќ изјави дека истрелите врз американската амбасада се и истрели врз Босна и Херцеговина.

Американскиот амбасадор во Сараево, Патрик Мун, пак, оцени дека нападот нема да ги одврати Соединетите Држави од она што го работат во таа земја.

„Соединетите Држави им се пријатели на босанските граѓани и ќе останат тука многу долго“, изјави амбасадорот Мун.

Осомничен исламистички вахабист кој пукаше со автоматско оружје кон Американската амбасада во Сараево вчера е уапсен. Портпаролот на Сараевската полиција, Ирфан Нефиќ, за Радио Слободна Европа ја потврди информацијата. Тој додаде дека полициските сили трагаат по уште еден осомничен за кого се верува дека му помагал на напаѓачот.

Од Американската амбасада потврдија дека објектот е затворен. Областа во која се наоѓа зградата е опкружена од полициски кордон.

Сараево - Нападната американската амбасада
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:49 0:00

Извештаи за повредени

Радио Слободна Европа ја пренесува изјавата на доктор Бакир Накаш кој изјави дека примил повреден пациент кој е вработен како стражар во Американската амбасада во Сараево. Докторот изјави дека раните на пациентот не се опасни по живот. Медиумите јавуваат дека уште еден полицаец бил повреден во инцидентот. Очевидци сведочат дека престрелката меѓу напаѓачот и полицијата траела десетина минути.

Реакции од Вашингтон

Викторија Нуланд, портпарол на американскиот Стејт Департмент
Викторија Нуланд, портпарол на американскиот Стејт Департмент
Портпаролот на американскиот Стејт Департмент Викторија Нуланд им се заблагодари на полициските сили во Сараево за брзата реакција на нападот.

„Би сакале да ја искористиме оваа можност да изразиме благодарност за брзата реакција на локалната полиција, чија операција го спречи нападот на објектот на Амбасадата. Нашите мисли и молитви се со луѓето кои ги ризикуваа животите за Амбасадата“, рече Нуланд.

Апсења во Санџак

Српската полиција уапсила петнаесет луѓе во Нови Пазар, Сијеница и Тутин во акцијата што почна, откако Мевлид Јашаревиќ од Нови Пазар вчера попладне пукаше врз амбасадата на Соединетите Држави во Сараево.

„Акцијата е завршена, а ќе треба да процениме дали ќе бидат неопходни и дополнителни приведувања“, изјави директорот на полицијата Милорад Вељовиќ.
XS
SM
MD
LG