Достапни линкови

Еврозоната ја одложи помошта за Грција


Министрите за финансии на еврозоната ја одложија одлуката за тоа дали на Грција да и ја дадат следната рата од спасувачкиот пакет вреден 110 милијарди евра. Условите остануваат, намалување на трошоците и продажба на државниот имот.

По седумчасовниот состанок во Луксембург, е соопштено дека ратата од 12 милијарди евра ќе биде ослободена кон средината на јули, но само доколку претходно грчкиот парламент ги усвои клучните закони за кратење на трошоците и за продажба на државниот имот.
Знаеме дека ни е потребна брза одлука, но одлуката нема да биде овде, туку во Атина. Грција мора да ги исполни сите неопходни предуслови за исплата на следната транша. Европа ќе го заврши својот дел.

Соопштено е дека во идниот месец министрите ќе ги разгледаат и деталите на вториот спасувачки пакет за Грција.

Иако не е соопштено за колку пари станува збор, во новиот пакет за прв пат би требало да учествуваат и приватни инвеститори.

„Знаеме дека ни е потребна брза одлука, но одлуката нема да биде овде, туку во Атина. Грција мора да ги исполни сите неопходни предуслови за исплата на следната транша. Европа ќе го заврши својот дел“, изјави во Луксембург германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.


Вчера, во почетокот на тридневната парламентарна дебата за неговиот нов кабинет, грчкиот премиер Јоргос Папандреу побара од грците да ги поддржат потезите за штедење за да се избегнат катастрофалните последици.

Тој апелираше до нацијата да ги прифати многу непопуларните зголемувања на даноците, намалувањето на трошоците и плановите за приватизација.
Станува збор за промена на политиката при што за сите тешкотии нема да плаќаат само обичните граѓани.

„Промените се болни, но колку побргу ги направиме толку побргу ќе можеме да излеземе од кризата. Немаме луксуз да се откажеме.“

Папандреу во минатата недела, под притисок на јавните немири во Грција, ја реконструира владата која утре во парламентот се соочува со гласање на доверба.

„Имаме какофонија внатре во Европската унија, инертност, тешкотии и грешки. Направени се грешки од Унијата во начинот на справување со кризата и сега се соочува со ситуација без преседан“, оценува Папандреу и покрај најавите од клучните земји во еврозоната Германија и Франција дека ја поддржуваат неговата влада во справувањето со кризата.


Тоа впрочем во петокот во Берлин го повторија Ангела Меркел и Никола Саркози.

,,Како и нашите германски пријатели веруваме дека е неопходна нова програма за Грција. Ги поздравуваме напорите на владтата и ја поттикнуваме да ги спроведе реформите и приватизацијата.“

Како и да е, повеќето грци сметаат дека потезите на Папандреу нема да придонесат за решавање на кризата.

„Не мислам дека станува збор за отпуштање на еден министер или друг. Станува збор за промена на политиката при што за сите тешкотии нема да плаќаат само обичните граѓани како например пензионерите и работниците. Тоа е срамно. Познавам деца со три дипломи, а не работат ништо.“

„Разочаран сум од овие политичари, бидејќи не се загрижени за грчките граѓани, туку за тоа од каде можат да добијат пари“, наведуваат пензионерот од Атина Василис и Харис Јахаракис.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG