Достапни линкови

Астерфест 2011


„Струмица, отвореност, креација“ е мотото на престојното издание на АСТЕРФЕСТ, меѓународна манифестација на филмски автори што ќе се одржи во Струмица.

Македонија во деновиве на зовриена политичка битка помеѓу партиите во пресрет на предвремените парламентарни избори ќе стане центар на филмските случувања во регионот. Од 27 до 31 мај, во организација на Тивериополската филмска алијанса – Институтот за краток и документарен филм, ќе се одржи седмото издание на АСТЕРФЕСТ – фестивалот на филмски автори, чие мото овојпат е Струмица, отвореност креација.

Англискиот режисер Тимоти Бајфорд, еден од годинешните лауреати

„Преку ова мото сакаме да ги привлечеме не само странските гости туку и да им овозможиме преглед на нашите локалитети кои имаат културно-историска вредност и кои се всушност кинематички простори погодни за филмски проекции“, истакнува режисерот Горан Тренчовски, инаку претседател на Тивериополската филмска алијанса.

На програмата во неколку категории ќе бидат прикажани 50 филмски остварувања од дваесетина држави од кои повеќето се претставници на европските кинематографии, а има филмови и од САД и од Австралија.

Во документарната компетитивна селекција на креативни документарни филмови Астердокс, инаку востановена во 2006, и во играната компетитивна селекција на светски кратки играни филмови Глобална фикција ќе бидат прикажани понови филмски остварувања направени последните години.

Селектор на категоријата за документарен филм е Астрид Бусинк од Холандија, а селектор на категоријата за краток игран филме Омар Абу ел Руб од Белград,
Преку ова мото сакаме да ги привлечеме не само странските гости туку и да им овозможиме преглед на нашите локалитети кои имаат културно-историска вредност и кои се всушност кинематички простори погодни за филмски проекции.
соседна Србија. Обајцата се автори и менаџери со меѓународна репутација и нивната селекција ќе опфаќа врвни креативни филмски дела со светски референци, од млади, но и од зрели искусни автори.

Во конкуренција за награди од македонските автори ќе бидат режисерката Билјана Гарванлиева со Шивачките во категоријата за креативни документарни филмови, Гоце Цветановски со Хансел и Гретел за најдобар цртан филм и Томи Алексов со Жарче во конкуренција за најдобар краток игран филм.

Актерот Салаетин Билал еден од тројцата наградени

Овој филм премиерно ќе биде прикажан и на свеченото отворање на манифестацијата во Центарот за култура Антон Панов.

Наедно истата вечер ќе им бидат доделени наградите на тројцата годинешни лауреати Лаила Пакалнина од Латвија која во рамките на фестивалот ќе одржи и мастер клас, англискиот режисер и автор на култната серија Невен - Тимоти Бајфорд и познатиот македонски актер Салаетин Билал.

Нивните потрети се планирани за наредниот ден во дворот на манастирот Пресвета Богородица во Вељуса во рамките на Тивериополските беседи, а во рамките на АСТЕРФЕСТ овојпат ќе бидат претставени и блокот Мувиленд со неколку современи хрватски филмови, ќе биде промовиран Шкотскиот краток филм и ќе бидат прикажани наградени филмови од Швајцарскиот фестивал за едноминутен филм.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG