Јемен - студентите бараат оставка од Претседателот Салех
Протестите во Јемен продолжуваат и денеска, откако околу три илјади студенти се собраа во главниот град Сана. Тие бараат оставка на Претседателот Али Абдула Салех. На вчерашните протести пет луѓе беа повредени за време на судирите меѓу анти и про-владините демонстранти и полицијата. Според сведоците еден демонстрант бил застрелан, но министерството за внатрешни работи негираше. Во петокот пак 5 луѓе загинаа за време на анти-владините протести.
Војската безмилосна против демонстрантите во Либија
Во источниот либиски град Бенгази, кој е епицентарот на пет дневните протести против режимот на Претседателот Моамер Гадафи расте бројката на загинати. Според локалните болници десетици демонстранти биле убиени вчера кога безбедносните сили отвориле оган на погреб на жртвите. Британскиот секретар за надворешни работи Вилијам Хаг ја осуди употребата на тешко оружје и снајпери против демонстрантите. Судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили имало и во градот Бајда.
Хјуман Рајтс Воч соопшти дека најмалку 105 лица загинале во Либија од почетокот на анти-владините демонстрации во земјата.Според сведоците војската со снајпери од покривите на зградите пукала кон демонстрантите.
Демонстрантите во Бахреин го заземаа централниот плоштад
Демонстрантите во Бахреин кампираат на централниот плоштад во главниот град Манама, откако полицијата се повлече. Илјадници анти-владини демонстранти прославувале вчера, бидејќи успеале да го заземат плоштадот. Властите соопштија дека започнала дијалог со опозицијата за спроведување на реформи. Принцот на Бахреин повика на национален ден на жалост за шесте загинати во минатонеделните протести и смирување на страстите. Тој претходно нареди војската да се повлече од улиците. Сунитско муслиманската династија Ал Халифа владее со Бахреин, но шиитското малцинство се жали на дискриминација.
Во Ирак протести за остварување на човековите права и спроведување на реформи
Илјадници луѓе протестираа во курдскиот регион во Ирак за спроведување на политички реформи. Во градот Сулаиманија најмалку 10 луѓе биле повредени во судирите со безбедносните сили за време на протестите. Во Багдад стотици жени и деца излегоа на улиците и ја повикаа владата да им обезбеди подобри права на вдовиците и сирачињата. ОН соопштија дека во Багдад има околу 336 илјади сираци и 871 илјади вдовици.
Во Египет состојбата се нормализира по соборувањето на Претседателот Хосни Мубарак
Банките во Египет се повторно отворени денеска, откако привремено престанаа со работа поради штрајкот на работниците и протестите во земјата. Банките затворија кога започнаа немирите на 18 дневните протести за соборување на режимот на Претседателот Хосни Мубарак. Кратко беа отворени кога Мубарак поднесе оставка на 11 февруари, а во минатата недела повторно прекинаа да работат, бидејќи вработените се придружија на протестите за добивање на повисоки плати и услови за работа.