Достапни линкови

Интервју - Осман Кадриу


Осман Кадриу
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:27 0:00

Осман Кадриу, В.Д. Претседател на Хелсиншкиот Комитет во Македонија

Во таа предкривична постапка, имаме повреда на уставниот принцип - презумпција на невиност, непотребни спектакуларни аспења и притвор како рестриктивна меркa.

Професоре, најпрво како ја оценувате состојбата со човековите права во Македонија. Дали напредуваат работите, стојат во место или се уназадува ситуацијата?

Кога зборуваме за човековите права во нашата држава прво треба да појдеме од она што се нарекува правна регулатива и како тие се гарантираат, како се регулираат, како се утврдуваат и како нашата држава ги определува човековите права. Меѓутоа за човековите права и нивното унапредување не е доволно само правната регулатива туку треба да се анализира како тие се почитуваат, гарантираат, дали граѓаните ги остваруваат квалитетно, навремено, соодветно. На ова прашање, прашањето за нивната реализација, сеуште имаме проблеми.

Го споменавте Уставот. Во последно време се поактуелна е иницијативата на црквата за уставни промени. Дали црквата има право да бара уставни промени?

Кога станува збор за Уставот и неговите измени и дополнувања, треба да се прави разлика кој се може да иницира одредена постапка и од друга страна кој се може да биде овластен предлагач. Нашиот Устав јасно ги има подвлечено овластените предлагачи, а тие можат да бидат претседателот на државата, група пратеници и граѓани меѓутоа со соодветен број на потписи, значи потписници. Кога станува збор за црквата, како иницијатива може да се иницира и од страна на црквата и од страна на секоја друга организација, значи како иницијатива, меѓутоа таа иницијатива треба да биде прифатена од еден од овие субјекти што ги наведов, кои се овластени предлагачи.

Што е со законот за антидискриминација? Имаше многу реакции од меѓународната заедница и од ЕУ кога се донесуваше оваа правна одредба, меѓутоа дали сметате дека владата има слух за забелешките на меѓународната заедница?

Стои фактот дека тој закон беше проблематичен и во фаза на предлогот и во фаза на усвојувањето и денеска има различни мислења по однос на одредени законски решенија во законот и се смета дека со оделни решенија не е соодветно решено конкретното прашање како законска материја, а од друга страна се смета дека требало и со конкретни решенија што ги нема да се уредат одредени прашања што не се опфатени со законот. Прашањето на бракот, ние досега имавме јасна определба - бракот може да се случи само меѓу лица од различен пол, но една структура на граѓани се разбира сериозно реагира на оваа определба. Затоа ова прашање треба да се анализира многу одговорно, компетентно и соодветно водејќи сметка и за евентуалните последици, но и за правата на граѓаните кои се рамноправни пред Уставот, органите, законите...

ЕУ меѓудругото реагираше и за судството. Дали тоа се претвори во кочничар на остварувањето на човековите права?

Во сферата на правната регулатива и на ниво на правната регулатива има значајни позитивни чекори. Како држава имаме донесено пакет закони од областа на судството и како што се менуваат и развиваат односите се разбира се врши и интервенција во нив, но стои фактот дека тие закони сеуште не се спроведуваат во целина и тоа фактички ги кочи реформските процеси во судството и судската власт. Се реагира на судството прво по однос на ажурноста, по пристрасноста или непристрасноста на судството и одредени девијантни појави што мора да признаеме дека ги имаме, како прашањето за корупцијата, на судење надвор од разумните рокови, а има индикации дека во одредени постапки има и судење врз основа на политички диктат со што се нарушува интегритетот на судската власт, се нарушува оној важен принцип што е подвлечен и во нашето право и уставно уредување, дека судската власт е рамноправна со другите две власти, извршната и законодавната, без право другите власти да се мешаат во судската власт. Ако ние имаме мешање во судската власт, тогаш судството не е независно, туку е зависно, а оваа борба треба да се добие на тој начин што ние како држава мораме да обезбедиме да имаме една целосно независна судска власт.

Пред судниците се почесто се местат камери и снимаат луѓе со лисици на раце. Каква штета предизвикуваат спектакуларните апсења?

По однос на ова прашање, нашата јавност и стручната јавност има сериозни забелешки кога станува збор за одделни постапки и одделни дејаниjа кои се преземаат од органите во кривична, а посебно во предкривична постапка. Тука имаме сериозна повреда на одредени уставни одредби, уставни начела, а тие начела ние во правото велиме дека претставуваат суверени принципи во правото. Во таа предкривична постапка, прво како што веќе реков имаме повреда на уставниот принцип - презумпција на невиност, второ спектакуларните аспења се непотребни и трето, и притворот претставува рестриктивна меркa и мора да се води сметка за дословно да се почитува законската одредба, кога притворот е нужен, неминовен, потребен. Кога овие права се повредуваат, тогаш се разбира настапува сериозна штета за дотичните лица и нивните семејства.

Многу од овие работи што ги споменавте беа спорни во случајот ,,Перо Наков бб". Од аспект на набљудувач имаше спектакуларни апсења, имаше многу лесно препишување на притвор?

Па добро, вие сега поставивте конкретно прашање за конкретна постапка која сеуште е во тек. Ние реагиравме по однос на одделни постапки во предкривичната постапка и одделни повреди на човековите права со повреда на оние исти принципи кои беа повредени во други постапки - спектакуларното апсење, повреда на уставниот принцип за презумпција на невиност и одлуката за притвор. Сметаме и сеуште сме длабоко убедени дека во оваа фаза на постапката имавме сериозни повреди, а и во други постапки сличните повреди се јавуваат, но во оваа постапка овие повреди беа во една понагласена форма со сериозни последици врз лицата кои се во притвор, врз нивните семејства, па и врз вработените во оваа реномирана медиумска куќа, А1. Сметам дека таквите постапки, укажуваат на заклучок дека во конректниот случај има елементи на одредени политички мотиви и политички мотивирани процеси и постапки во нив.

Што е со законот за лустрација, со самиот процес на лустрација. Дали постои ризик овој процес да се претвори во инструмент за политички и бизнис реваншизам?

Првото прашање што се поставува и на кое треба да дадеме одговор како држава е - што сакаме ние со овој закон? Дали навистина сакаме да ја спроведеме лустрацијата како што треба или преку законот за лустрација сакаме да постигнеме одредени политички цели? Кога станува збор за лустрација, станува збор за лустрација кон тие лица кои ги злоупотребиле човековите права, но другиот одговор може да биде исто така фатален, ако лустрацијата не се спроведе или се спроведе еднострано, или може да има и друга позадина, дали во лустрацијата ќе бидат опфатени лица кои немаат врска со лустрацијата па сега и нив да ги жигосаме што исто така би претставувало сериозна повреда на човековите права.
XS
SM
MD
LG