Достапни линкови

Европската агенда не е приоритет?


Колку Македонија ги отстранува забелешките нотирани во минатогодишниот извештај за напредокот на земјата кон ЕУ?

До каде е земјата во спроведувањето на европското законодавство? Се работи ли по препораките од Извештајот? Која е македонската стратегија во сферата на европската интеграција во 2011 година?
Власта вели дека работат и дека се се одвива по предвиденото, дека земјата е се поблиску до европското семејство. Опозицијата и дел од експертите, пак, велат дека ништо не се работи, само се креира лажна слика дека нешто се прави. Тие велат дека во моментов се чини дека европската агенда воопшто не е предмет на владината програма, а одамна не била и во фокусот на политичката дебата и расправите во граѓанскиот сектор.

Го држи ли власта темпото на реформи?

Досега властите ја убедуваа Унијата дека го држат темпото на реформите, но во извештаите три години наназад се нотираат речиси исти забелешки. Минатата година земјава добиваше критики дека ги забавува реформите во повеќе области. Политизираната јавна администрација, слабата борба против корупцијата, лошата бизнис клима поради правната несигурност, недостигот од независност на судството и човековите права и во Извештајот за 2010 година останаа како проблематични области.

Од Секретаријатот за европски прашања, велат дека веднаш по објавувањето на Извештајот направиле споредбена анализа на извештаите од 2009 и 2010 година. Од таму велат дека анализата покажала дека во две третини оценката за 2010 е иста или подобра од претходната година и дека во ниедна област вклучително и во исполнувањето на политичките и економските критериуми не се бележи стагнација или назадување.


Врз основи на таа анализа е подготвена и Национална програма за усвојување на правото на Европската унија, ревизија 2011. Во документот на повеќе од 400 страници се опишани плановите како ќе се постапува за да се исполнат приоритетите. Од Секретаријатот велат дека во подготовката на овој документ учествуваа 35 работни групи составени од 850 лица. Од таму велат дека и во 2011 година ќе продолжи хармонизацијата на македонското со европското законодавство. Владата планира во 2011 година да изработи 62 закони со европски предзнак и над 400 подзаконски акти. Во Националната програма за усвојување на законодавството се предвидени и 201 обуки за вкупно 8.073 луѓе, кои се однесуваат на зајакнување на македонските институции во насока на натамошно приближување кон европските стандарди. Националната програма за усвојување на законодавството за 2011 година е усвоена од Владата на последната седница за минатата година на 28 декември, а досега е усвоен и еден од законите.

И од Македонскиот центар за европско образование направиле споредбен анализа на Извештаите за 2010, 2009 и 2008 година. Од Центарот велат дека целта на анализата е да се истакнат проблемите на Македонија во исполнувањето на задачите кои се дел од европската агенда. Токму затоа ги извадиле проблемите од сите три извештаи со надеж дека полесно ќе се согледа дека Македонија се обидува да реши еден ист сет на проблеми барем три години. Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование. вели дека властите тотално се оглушуваат од забелешките во Извештаите:

„Ја убедуваме јавноста дека сите забелешки од извештајот ќе бидат соодветно разгледани во новата национална програма, а кога ќе ја видите нова национална програма ќе видите дека е таа само ископирана од минатата и тотално не се води сметки за забелешките што биле вклучени во извештајот, ниту од оваа година, ниту пак од другите години.“

Димова наведува еден пример од делот на мали и средни претпријатија, каде институциите не постапиле по забелешките во Извештајот.

„Од една страна во извештајот пишува дека недоволно пари имате за мали и средни претпријатија и дека треба повеќе пари за тоа да се дава, а помалку за Агенцијата за привлекување странски инвестиции бидјеќи се покажа дека е неефикасна, но вие во буџетот за 2011 година предвидувате осум милиони денари за мали и средни претпријатија, а за Агенцијата за привлекување странски инвестиции имате околу осум девет милиони евра.“

Димова вели дека се губи поентата на Извештајот ако не се постапува по забелешките и препораките нотирани во него.

По објавувањето на Извештајот, евроамбасадорот Ерван Фуере рече дека Извештајот на ЕК за за 2010 година ја одразува реалноста и содржи објективна проценка за настаните од изминатите 12 месеци, а напредокот се мери врз основа на донесеното законодавство и спроведените мерки. Тогаш Фуере оцени дека реформите се одвиваат со нееднакво темпо, а тоа се темели на согледувањата за реформскиот процес споредено со минатата година. Фуере направи своја споредбена нализа на Извештаите за 2009 и за 2010 година.

„Значителен прогрес во 2009 година имаше две поглавја - визната политика и царината. Во 2010 година нема области коишто се удостоени со оценката значителен напредок. Категоријата добар напредок лани е забележан во 11
Вицепремиерот Васко Наумовски и евроамбасадорот Ерван Фуере
области, а годинава во шест поглавја. Во категоријата извесен напредок, во 2009 година остварен е во 20 области, а во 2010 во 19. Ограничен, нерамномерен или делумен напредок во 2009 беше регистриран во четири области, а годинава во осум“, рече Фуере.

А како важен аспект што треба да се земе предвид, за понатаму е и тоа што во бројни делови од Извештајот е наведено дека е потребен поголем фокус во спроведувањето на законите.

Радмила Шеќеринска, претседателка на Националниот совет за евроинтеграции, вели дека Владата на Груевски на Извештајот мисли само два месеци пред тој да излезе, тие тогаш свикуваат итни средби, тогаш ударнички усвојуват закони.

„Меѓутоа во моментот кога извештајот ќе биде објавен и усвоен забораваат повторно на него и тоа се гледа и денеска. Владата на Македонија и по усвојувањето на извештајот продолжи уште повеќе да ја партизира администрацијата, да прави притисок на судството и да го занемарува политичкиот дијалог, така што дури и оние закони кои што се планираат да бидат усвоени со европско знаменце, прашање е колку тие ќе можат да го поправат општиот впечаток. Суштинските забелешки од извештајот владата се прави дека не ги слуша.“

Поранешниот државен секретар во Секретаријатот за европски прашања Перо Димшоски вели дека досега не се забележува некоја реакција по забелешките во Извештајот, а она што Владата го прави во однос на јавната администрациај е досега невидено нешто, коментира Димшоски.

„Ние имавме две-три годишни проекции финансирани од ЕУ во однос на реформи во државната администрација, голем број на експерти дојдоа тука и работеа заедно со наши експерти и се донесоа одредени закони и регулатива во таа област и сега одеднаш тој систем се менува, значи не се постапува по однос на сите тие препораки.“

Евроамбасадорот Ерван Фуере ги поздрави напорите на Владата за реформите во јавната администрација, но предупреди дека се уште има сознанија за политизирање на службата.

„Ова не беше наше барање туку беше суверена одлука на самата влада.“

Евроамбасадорот очекува Владата до Канцеларијата на ЕК да ја достави Стратегијата за реформа на јавната администрација, за истата да биде прегледана и да се утврди дали документот во целост ги отсликува предлозите и препораки на ЕК.

Фуере апелира во целост да се почитуваат законите и подзаконските акти во однос на реформата и изнесе тврдење дека по презентирањето на последниот Извештај на ЕК за напредокот на земјата, неговата канцеларија добила сознанија дека има вработени во администрацијата кои од политички причини биле преместувани од едно на друго работно место.

Реформата во администрацијата важен предуслов за ЕУ

Министерот за информатичко општество, а наскоро и министер за администрација Иво Ивановски вели дека процесот на реформата на јавната
администрација е важен предуслов за интеграција во ЕУ и другите евроатлански процеси и оти Владата сака да ја подготви земјата за полноправно членство во ЕУ.

„Владата на РМ врз основа на експертски и компаративни искуства процени дека реформата на јавната администрација треба да се концентрира во еден орган со цел старатешки и плански да се преземат организирани и координирани мерки за имплементацијата на овој процес.“

Што се однесува за забелешките за судството и како се постапува по нив, министерот за правда Михајло Маневски вели дека се позитивни забелешките во делот на судството, фундаменталните права и антикорупцијата. За годинава, министерот најавува усвојување на закони и подзаконски акти со кои ќе се продолжи по патот на реформите.

„Значи ние нечекајќи веднаш пристапуваме кон нивно спроведување, во тек е донесувањето на голем број на закони токму од оваа област, тоа е законот за судовите, законот за судскиот совет, за судската служба, за управните спорови и најзначајниот закон, Законот за Кривичната постапка што на сосема поинаква основа ги поставува и темели принципите на водењето на постапката, позицијата на јавниот обвинител како доминантна позиција, посебните истражни мерки, роковите.“

Вицепремиерот за евроинтеграции Васко Наумовски по објавуањето на извештајот вети дека сите делови од Извештајот во кои е потеребен дополнителен напредок, набрзо ќе станат дел од владините програми и ќе бидат имплементирани. Познавачите на ова проблематика се скептични дека годинава ќе има виден напредок во спроведувањето на реформите. Но, сепак велат дека сега за сега тоа не е најголемиот проблем, се уште може да се манипулира јавноста и да се лаже Европа дека нешто се прави. Но, се надеваат дека ќе дојде време кога пред европските преставници ќе треба да се презентираат резултатите од законите, да се види дали се спроведени реформите и дека дури тогаш земјава ќе има сериозни проблеми. Тие препорачуваат Владата отврено да зборува за стратегијата за приближување кон ЕУ, и вистински да работи на приближување на земјата кон Унијата.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG