Достапни линкови

Косово: ОВК тргувала со човечки органи?


Владата на Косово синоќа како невистинити и злонамерни ги отфрли наводите дека Ослободителната војска на Косово во 1999 година организарала киднапирање луѓе на кои во Албанија им биле вадени органи. Обвинувањата се наоѓаат во извештајот на Дик Марти известувачот на Советот на Европа, а вчера ги објави весникот Гардијан.

Во посебната изјава на косовската влада се наведува дека странски и домашни правни експерти неколку пати ги истражиле наводите изнесени во лондонскиот весник Гардијан и притоа било заклучено дека тие не биле засновани врз факти.

Швајцарскиот сенатор Дик Марти


,,Станува збор за конструирани обвинувања на член на парламентарното собрание на Советот за Европа Дик Марти со цел да се наруши имиџот на Косово, како и борбата на поранешната ОВК,, се додава во реакцијата на владата на Косово при што се оценува дека извештајот на Марти бил ист со ставовите на, како што се наведува, неговата пријателка Карла дел Понте и владата на Србија.

,,Јасно е дека некој сака да му пречи на Хашим Тачи по парламентарните избори на кои граѓаните на Косово, јасно и масовно му дадоа доверба да ја води земјата,, се наведува во соопштението. Притоа се повикуваат сите земји членки на Советот на Европа да не го прифатат неговиот извештај.

,,Извештајот е базиран врз докази собирани од господин Марти и од неговиот тим. Во доказите се вклучени и извештаи од ФБИ и од други разузнавачки и агенции за спроведување на законот. Мислам дека информациите што го воделе Марти да го обвини премиерот Тачи за врски со организираниот криминал се сигурни и одговорни.,,

Во доказите се вклучени и извештаи од ФБИ и од други разузнавачки и агенции за спроведување на законот. Мислам дека информациите што го воделе Марти да го обвини премиерот Тачи за врски со организираниот криминал се сигурни и одговорни.

Изјави за Радио Слободна Европа, авторот на текстот во Гардијан новинарот Пол Луис, додавајќи дека поранешниот државен обвинител на Швајцарија Дик Марти е човекот кој ги откри тајните затвори на ЦИА во Европа.

Во нацрт резолуцијата за трговијата со органи Марти наведува дека постојат многубројни докази и индикации кои потврдуваат дека срби и албанци биле во тајни затвори на северот на Албанија кои биле под контрола на Ослободителната војска на Косово.

Притоа директно се повикуваат лидерите на ОВК и се прецизира дека сето се одвивало во периодот од завршувањето на оружените судири во јуни 1999 година се додека меѓународните сили целосно не воспоставија контрола во тој регион.

Ваквата криминална активност, според Марти, продолжила да постои во поразличен облик и сега на што упатува истрагата што ја води Еулекс на Косово за клиниката ,,Медикус,,.

Дик Марти наведува дека органите на затворениците им биле вадени на албанска територија во близина на местото Фуша Круја, а потоа преку аеродромот во Тирана биле префрлувани во странство најчесто во Русија, Молдавија, Турција и Казахстан.

,,Конкретни знаци за таква трговија постоеле и пред десет години, но надлежните меѓународни власти сметале дека не е потребно тоа и подробно да го испитаат,, се вели во извештајот на Дик Марти што утре треба да биде разгледан од Одборот на Советот на Европа за човекови права и законодавство.

Доколку биде усвоен, во јануари Извештајот ќе се најде на седница на Парламентраното собрание.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG