Достапни линкови

Интервју - Давид Хумар


Генерал Давид Хумар
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:58 0:00

Генерал Давид Хумар, командант на воениот штаб на НАТО во Скопје

Во моментот, ние немаме какви било специфични аргументи кои го подржуваат стравот за дестабилизација на Балканот од исламски радикализам.

Каде е местото на Македонија во новиот концепт на НАТО?

Вашата земја и понатаму останува значаен партнер на НАТО. Со своето
учество во Акциониот план за членство и со поддршката на мисиите во Косово и во Авхганистан, вашата земја ја искажува својата волја и подготвеност да стане полноправна членка на НАТО. Според одлуката од Самитот во Букурешт во 2008 година, која беше потврдена на неодамнешниот Самит во Лисабон, вашата земја практично има само уште едно прашање да реши за да стане членка на Алијансата. А, откако ќе станете земја членка, вашето мислење за Концептот на НАТО и сите прашања околу тоа и сега и во иднина, ќе биде исто толку важно колку и ставовите и визиите на било која друга земја членка.

Велите дека уште едно прашање треба да се реши за влез на Македонија во Алијансата. Претпоставувам, мислите на проблемот со името. Дали спорот за името останува единствениот услов за членство на Македонија во НАТО, или има и нешто друго?

Јас уште еднаш ќе ја искористам оваа прилика за да ја повторам пораката
која лидерите од НАТО ја испратија на вашата земја на самитот во Лисабон.
Тие го повторија договорот од самитот во Букурешт дека вашата земја ќе
ја добие поканата за членство штом се постигне заедничко прифатливо
решение за спорот со името во рамките на Обединетите Нации и повика на интензивирање на напорите за доаѓање до крајот. НАТО продолжува со поддршка и помош во владините напори за реформи и го поздравува вашиот придонес во ИСАФ. Тоа беше порака за вас од Лисабон.
Но, се додека прашањето со името не е решено, вие треба да останете
фокусирани на вашиот пат за реформи, посебно во секторот на одбраната и да продолжите не само со подобрување на овој сегмент, туку и со остатокот
од системот. Ова во секој случај мора да го направите, не заради НАТО
или некој друг, туку заради самите себеси. Во рамките на реформи во
секторот на одбраната, моменталната работа на Долгорочниот план за
развој на одбраната, кој одзема многу труд на Министерството за одбрана
и Генералштабот во моментот, е вистинскиот чекор за земјата да остане на
патот кон НАТО. Мислам дека прашањето за името е вистинското прашање во моментот, но исто така мислам дека долгорочно, важни се вашиот развој и реформите кои треба да се спроведуваат на повисоко ниво.

Останува ли западниот Балкан сфера на интерес на Алијансата по
новата трансформација?

Да. Би кажал дека НАТО е многу заинтересиран за Балканот, можеби од една друга перспектива. НАТО е присутен на Балканот веќе подолго време, имено во Сараево, Белград, Скопје и на Косово. Но, главната цел на ова присуство е да се отстранат причините за присуството и тука не зборувам генерално за НАТО, туку за силите на НАТО на терен, за да се минимизираат ризиците од конфликт, да се подобри безбедносната состојба, да се подобрат општите услови во земјите од регионот. Како што напредуваат работите,
се приближува моментот кога присуството на НАТО повеќе нема да биде потребно. Исто така е вистина дека НАТО сака да остане во земјава, со цел таа да се приклучи кон Алијансата.

Како гледате на најавите за намалување на бројот на македонски
војници кои учествуваат во меѓународните мировни мисии?

Очигледно дека вашата земја вложува многу напори за учество во
мировните мисии. Сепак, ние разбираме дека моменталната финансиска
ситуација не е баш најдобра. Во оваа ситуација им препорачуваме на нашите колеги од Министерството за одбрана и Владата да изнајдат соодветен баланс помеѓу инвестирање во реформите и учество во мировни операции. Само соодветниот баланс ќе биде добар за вашата иднина.

Ширењето на исламскиот радикализам влева страв на Балканот.
Можна ли е дестабилизација на регионот?

Би кажал не. Но, каков било радикализам може да биде проблем кој ќе влијае на безбедноста и стабилноста. Затоа и сите напори на националните и
меѓународните сили и структури се насочени кон намалување на ризикот
од дестабилизирање на состојбата од страна на радикали. Меѓутоа, во
моментот, ние немаме какви било специфични аргументи кои го подржуваат
стравот за дестабилизација на Балканот од исламски радикализам. Во
секој случај, ние сите заедно поседуваме инструменти за справување со
таква можна опасност.

Што ќе добие Македонија со членството во НАТО, освен се разбира,
гаранција за мир и стабилност?

Мирот и стабилноста се основа за развој и просперитет. Оттука ќе добиете подобри услови за развој и просперитет. Може да се каже дека тие се дел од инфраструктурата. Оттука, потребни ви се патишта, аеродроми, потоа елекрична енергија, образовен систем, добар банкарски систем, итн, но без мир и стабилност, сево ова ќе биде бескорисно и никој нема да инвестира, а вие сте заинтересирани за нови инвестиции. Ние сме сигурни дека членството во НАТО ќе поддржи нови странски инвестиции во државата како што тоа беше случај со некои други релативно нови НАТО земји членки. Сепак, членството автоматски не значи и пари. Постојат и други релевантни фактори, но сепак дава добра основа за тоа, заедно со другите инфраструктурни елементи. Од друга страна, станувајќи членка на Алијансата ја доведува вашата држава во позиција да седи на иста маса со многу други земји, со земји кои припаѓаат на најмоќните организации во светот, и да биде еднаква со нив. Вие ќе бидете дел од таа маса кога важни прашања ќе се разговараат и ќе може да учествувате во процесот на донесување на одлуки. Тоа исто ќе ја зајакне вашата меѓународна позиција.

Дали сте задоволни од спроведувањето на воените, но и на политичките реформи во државата?

Пред еден месец присуствувавме на вежба на вашите Вооружени Сили на Криволак за време на која повеќе единици поминаа низ евалуацијата на НАТО. Ова беше одличен пример за имплементацијата на реформите. Моментално, Долгодишниот План за Развој на Одбраната влегува во финалната фаза и сигурни сме дека ќе помогне во засилувањето на идните реформи. Вашето Министерство за одбрана и Генералштабот се свесни дека многу од реформите се завршени, но има уште многу да се сработи. Всушност, процесот на реформи не завршува. Штом еднаш се достигне одредено ниво, нови области се отвараат и нови цели и предизвици кои треба да се постигнат се појавуваат. Од друга страна, штом станете членка на НАТО вие ќе бидете дел од семејството кое постојано се менува и подобрува. А, ние се стремиме кон подобрување. Може да се каже дека рефомите и подобрувањето се дел од човечката природа кои се рефлектираат на институциите кои ние сме ги изградиле.

Во кои држави НАТО планира да отвори свои бази во иднина?

Во моментот, НАТО има мирновремени штабови во многу од земјите членки. Вообичаено земјите членки сакаат да се отворат бази на нивно тло. Во последниот период, НАТО членките решија да ги намалат своите мирновремени структури и за време на понатамошната трансформација на Алијансата ќе се реши каде ќе бидат лоцирани идните мирновремени бази. Секако ќе има многу помалку бази, отколку во моментот. Ова ќе биде прашање за стратегиските планери и предмет на договор помеѓу НАТО членките. Во меѓувреме, некои од базите кои се кризни бази, како тие во Косово, Босна и Штабот во Скопје кој е под моја команда во моментот се ревидираат и се во процес на намалување. КФОР ја намали својата структура како и нашиот штаб. Околу Нова година ние ќе го затвориме Кампот Ејбл Сентри во Петровец и ќе го предадаме на вашата Армија. Како што кажав претходно, главната цел на НАТО на Балканот е да се достигне моментот кога присуството на НАТО силите повеќе нема да биде потребно, а тој миг се ближи. Но, секако го чекаме моментот кога сите земји од овој регион, особено вашата, ќе влезе во НАТО.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG