Достапни линкови

Трошоците за рекламните кампањи тајна


Македонската влада сеуште не кажува колку пари има потрошено за рекламната кампања ,,Инвестирај во Македонија" што се емитуваше и на странски медиуми.

Македонската влада се уште во тајност ги чува податоците за тоа колку пари беа потрошени од буџетот за рекламната кампања Инвестирај во Македонија-новиот бизнис рај во Европа. Слоганот се појави во 50 водечки весници и списанија во 35 земји, а видео спотот беше промовиран на светските телевизиски куќи. Слаѓана Тасева од Транспарентност Нулта корупција вели дека според законот сумите кои ќе бидат издвоени од народната каса треба да бидат познати и објавени уште пред да бидат потрошени.
Во некои ценовници кои се валидни да речеме 30 секунден спот на CNN би чинело 5 илјади долари во некои термини кои што да кажеме не се толку атрактивни, па дури до 30 илјади долари во атрактивни термини


,,Ниту тоа не е направено согласно сите закони и регулативата како што предвидува однапред да се знае колку ќе се потроши, да се види колку се потрошило ако било дадено повеќе или помалку и на кој начин и на крајот резултатите од тоа за да може да се планира за следната година."

Директорот на една маркетинг агенција Филип Петревски вели дека рекламирањето во светски познатите медиуми е многу поскапо отколку во Македонија.

,,Во некои ценовници кои се валидни да речеме 30 секунден спот на CNN би чинело 5 илјади долари во некои термини кои што да кажеме не се толку атрактивни, па дури до 30 илјади долари во атрактивни термини и сега доколку тоа се помножи со бројот на емитувањата може да се види колку чини тоа. За разлика од Телевизијата во принтот цените се нешто пониски."

Тасева вели дека не само за оваа кампања туку и за многу други на владата тие немаат информации колку пари се потрошени.
За кампањите надвор во другите медиуми во странство не добивме никаква ни приближна сума за тоа колку се потрошило

,,Слушавме она што беше на некој начин кажано од медиумите за тоа колку се потрошило за дневници, за плати, за оние што беа промотори, поточно за кампањите надвор во другите медиуми во странство не добивме никаква ни приближна сума за тоа колку се потрошило."

Во земјава во 2009 година од странски инвестиции влегле 180 милиони евра, според податоците на Народна банка. Во споредба со 2008 нивото на странски инвестиции е преполовено, кога биле регистрирани вкупно 399 милиони евра. Најголеми инвеститори во земјава се Холандија, Унгарија, Грција, Австрија, Швајцарија и Словенија. Македонија е на претпоследното место на листата најпосакувани дестинации за странски директни инвестиции меѓу шест земји од Западен Балкан.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG