„Ние сме цел на дискриминации. Стоп дискриминацијата.“
Жителите на Шуто Оризари со вакви пароли го искажааа својот револт пред владата, по инцидентот на пазарот во општината кога продавачите се судрија со полицијата, откако инспекторите им ја конфискува брендираната стока. Околу 200 граѓани и студенти од ромска популација излегоа на протести преку кои бараат извинување од премиерот Никола Груевски за настанот и ги повикуваат ромските политички партии и владата да не преземат легални мерки против учесниците во инцидентот и сопствениците на конфискуваната стока. Тие велат властите не требале на таков начин да реагираат.
Страшно го осудувам тој чин и мислам дека треба на малку поинаков начин да реагира државата кон ромите, бидејќи се работи за луѓе што работат на тезга, а не луѓе кои што работат со оружје или со некој сличен голем криминал.
„Ако не се провоцира, нема да се потпали.“
„90 отсто од луѓето во Шутка живеат од пазарот. Ова што го направија личи на Газа, личи на Багдад, за ова треба да размисли Владата, но треба да размислат и нашите ромски политичари.“
Еден од организаторите на протестот, Ениса Еминовска вели дека Шуто Оризари како единствена ромска општина во Европа и заработила на Македонија имиџ на демократска држава. Ние бараме правда и сметаме дека ромската популација има поголеми проблеми од пазарот, а тоа се невработеноста, сиромаштијата и необразованоста, вели таа.
„Владата на РМ не успеа да овозможи услови за вработување во целосно отсуство на ефикасност во борба против сиромаштијата во земјата посебно меѓу ромите. Македонската влада не успеа да ги вклучи ромите како партнери, а посебно пазарџиите, кои беа директно погодени како од сиромаштијата така и од несоодветните мерки на данок на немилиот настан.“
Протестот на жителите на Шуто Оризари започна од нивната општина, па пред владата за на крајот да заврши пред канцеларијата на Европската Комисија. Европската Унија 2010 година ја прогласи за година за борба против сиромаштијата, особено кај ромската популација.