Достапни линкови

Неделен печат - Анализи за името


Македонски дневни и неделни весници
Македонски дневни и неделни весници

Анализа на посетата на медијаторот Метју Нимиц објавуваат речиси повеќето неделни весници во Македонија. Предупредувањата од многубројните американски и европски функционери кои деновиве ја посетија земјава го наведува ,,Сега,, да заклучи дека Македонија, за жал, е најдобриот пример дека Балканот не може да излезе од сопствената кожа.

Анализа на политичкиот проблем со Грција за нашето име и можните безбедносни реперкусии од неговото нерешавање не само во земјава, туку и пошироко на Балканот, објавува неделникот ,,Сега,,. Особено во светлината на последната посета на медијаторот Нимиц и неговата изјава дека политичките елити треба да се соочат со тежината на проблемот и да го решат. Предупредувањата од многубројните американски и европски функционери кои деновиве ја посетија земјава го наведува ,,Сега,, да заклучи дека Македонија, за жал, е најдобриот пример дека Балканот не може да излезе од сопствената кожа. Еден од ,,балканските начини,, да се замрзне спорот е да се испровоцираат дополнителни етнички тензии, за да се создаде безбедносна криза и да се одвлече вниманието во друга насока, заклучува ,,Сега,,. И ,,Глобус,, ја обработува истава тема, особено по експресниот демант на премиерот Груевски дека во разговорите со европарламентарците дал предлог за решавање на спорот за името. Според анализата на неделникот, брзината со која премиерот се потруди да ја испрати оваа порака до јавноста ги отворало дилемите дали тој се' уште се колеба околу потребата за изнаоѓање решение и дали упадот на европратеникот Шацимаркакис во политичката агенда на Груевски тој го доживеал како удар врз позициите на македонската преговарачка страна. Како поента од анализата може да се извлече и тоа дека Македонија мора сама да покаже политичка волја да се изнајде компромис, и во прилог на ова ја цитира доскорешната дописничка на ,,Утрински,, од Брисел, Јовановска, која смета дека ако Македонија се надева на европско посредништво како супститут на отсуството на државна стратегија, тогаш чукала на погрешна врата. Дел од едиторијалот на ,,Форум,, исто така е посветен на последната посета на медијаторот Нимиц. Авторот не е убеден дека македонската страна е навистина подготвена за вистински преговори зашто двојната формула е нереална преговарачка позиција, но ако Нимиц јасно посочува дека се разговара само за името, согласно и резолуциите на ОН, а не за идентитетските прашања – Папандреу сега ќе треба да се изјасни зашто во ноември настапи со максималистички барања и со црвени линии, а меѓународната заедница веројатно нема да дозволи македонските евроатлантски интеграции да бидат заложник на внатрешната економска криза во Грција, заклучува ,,Форум,,. Неделникот ,,Фокус,, се осврнува врз приказната за Уставниот суд, особено актуелна во последно време. Неделникот го цитира екс-претседателот на Уставен, д-р Милан Нетков, кој смета дека премиерот требало кривично да одговара поради непочитување на одлуката на Уставен за повлекување на тн. патриотски фискални каси! Груевски и во наше време, како министер за финансии, применуваше казни кон овој суд, за разлика од Георгиевски кој сакаше да не' дисциплинира на помек начин, тврди Нетков. ,,Фокус,, го цитира исто така поранешниот претседател на Уставен, Тодор Џунов кој вели дека не може премиерот да мисли оти е врховна власт во државата, која не подлежи на никаква контрола, само затоа што на избори го добил легитимитетот да владее во име на народот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG