Достапни линкови

Косово по намалувањето на КФОР


Намалувањето на бројот на мировните сили на Косово од 14 илјади на 10 илјади, според оценките на аналитичарите, би можело да влијае врз безбедноста. Претставници на србите од северот на Косово пак сметаат дека тоа нема позначајно да влијае ни врз сигурноста на србите, ни врз косовската безбедност.

Портпаролот на Безбедносните сили на Косово Ибрахим Шаља смета дека намалувањето на бројот на припадниците на КФОР е резултат од подобрувањето на безбедносната ситуација во регионот:

,,Сепак, намалувањето на трупите не подразбира дека некои овластувања што ги имаат тие ќе преминат на Безбедносните сили на Косово. Имено, за безбедноста е надлежен само КФОР.,,

Според Шаља, за евентуалното пренесување на таквите овластувања е неопходна нова политичка одлука, како и договор меѓу косовската влада, НАТО и меѓународните фактори.

Експертот за безбедносни прашања генерал Рамадан Ќехаја оценува дека намалувањето од четири илјади странски војници ќе влијае врз безбедноста со оглед на тоа што, меѓу другото, границите на Косово се порозни, што пак ја остава отворена можноста за илегално минување на, како што вели. деструктивни елементи.
Намалувањето на трупите не подразбира дека некои овластувања што ги имаат тие ќе преминат на Безбедносните сили на Косово. Имено, за безбедноста е надлежен само КФОР.


Притоа тој потсетува на сложената безбедносната ситуација на северот на Косово. Ќехаја не се согласува и со оценката на високи претставници на НАТО дека на Косово не му се заканувале опасности од надвор:

,,Само нека ја прочитаат стратегијата за национална безбедност на Србија, која е усвоена во април минатата година каде што децидно се вели дека Србија никогаш нема да се согласи со едностраното прогласување на независноста на Косово и оти со сите средства ќе се бори против тоа.,,

Според неговото мислење, не може да се очекува Србија да покрене воена акција, но ќе прави се низ дејствувањето на разузнавачките и други служби да ја дестабилизира состојбата на Косово.
Тоа, како што додава генерал Ќехаја, бил долгоречен интерес на Белград и затоа КФОР не требало да го намали бројот на војниците. Еден од лидерите на србите од северот на Косово Марко Јакшиќ пак оценува дека тоа нема да влијае врз сигурноста на косовските срби, па ни врз безбедноста на цело Косово.

,,КФОР да сакаше да ги заштити србите во овие десет години имаше многу шанси и можности. Но, гледано од оваа дистанца за време на мандатот на КФОР повеќе од 200 илјади срби ја напуштија територијата на Косово и Метохија.,,

Јакшиќ додава дека КФОР немал доволно волја да им обезбеди сигурен живот на косовските срби, бидејќи се зависело од албанската страна:

,,Безбедноста не зависи толку од КФОР колку од албанската страна. Ако албанците сакаат да прават насилство над србите, тогаш треба само да побараат дозвола од одделни претставници на меѓународната заедница. Ако не сакаат да прават насилство тогаш и безбедноста е многу подобра.,,

Вели Марко Јакшиќ, оценувајќи дека таквото програмирано насилство врз србите имало за цел нивно расселување и создавање на уште една албанска држава на Балканот.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG