Достапни линкови

Проблемот со името низ интервјуата на Радио Слободна Европа


Долгоочекуван договор и уште толку време разочараност и обиди сето тоа да се остави за некои подобри времиња и за некои натамошни генерации. Спорот со Грција околу името на Македонија, секако, беше една од главните теми во Неделното интервју на Радио Слободна Европа, со оглед на фактот дека токму неговото решавање ја прави земјата членка на НАТО и и го отвора патот до Европската унија. Еве што за тоа, онака хронолшки од почетокот па некаде до кон крајот на 2009 изјавуваа нашите соговорници.

Ендју Ки: Двете страни да ја подобрат комуникацијата

Ендрју Ки
Запрашан за тоа дали Македонија се движи кон меѓународна изолација, бидејќи спорот со името влезе во застој поради претстојните избори во Македонија, но и в Грција Ендрју Ки, амбасадор на Велика Британија во Македонија, вели:

,,Сметам дека важно ќе биде годинава и двете страни да продолжат со напорите за наоѓање решение. Тоа ќе треба да се покаже со конструктивни разговори со амбасадорот Нимиц. Но, исто така ќе треба и двете страни да создатат подобра меѓусебна комуникација и доверба."

Претседателските кандидати за проблемот со името

Претседталскиот кандидат на СДСМ Љубомир Фрчковски вели дека земјата се изолира и оти е неопходен компромис со соседна Грција околу проблемот со името. Како тој го гледа можниот излез од проблемот?

,,Прво што би направил кога би станал претседател е една дипломатска операција, на контакти со нашите стратешки партнери. Да се возобнови врската и довербата со нив во тоа дека Македонија е нормална држава, а не негативно чудо на Балканот кое се бави со антика и ја заглибува земјата во кал и дека ние сериозно мислиме да влеземе во НАТО, а не глумиме. Тоа е основа, потоа да се отворат сериозни преговори со Грција за спорот. Некој мора да земе политичка одговорност, да преговара, а не да глуми преговори."

Претседателскиот кандидат на владејачката ВМРО ДПМНЕ Ѓорге Иванов, кој потоа и беше избран за шеф на државата за тоа дали под компромис се подразбира и промена на името вели:

,,Ние наследивме еден таков проблем од политичари кои веројатно не ни знаеја што од сето тоа ќе произлезе и со своите отстапки и менување на ставови ја доведоа нашата позиција во многу нерамноправна положба Македонија мора конечно да има државна стратегија во однос на тоа. Мораме да изградиме став како држава. Штом сме почнале преговори веројатно ќе дојде до привршување на тие, на почетокот разговори. Затоа што резолуцијата 817 на ОН од нас бараше да водиме разговори за разликите околу името. Од тоа што беше во резолуцијата, видете до каде стигна состојбата. Да во предлозите имаме да се посега по нашиот идентитет, јазик, уставот и се друго што во овие сугестии што доаѓаат од преговарачот."

Филипини: Решение за името за членство во НАТО

Симоне Филипини
Запрашана за нејзините погледи на можните последици од одлагањето на решението на спорот за името, Симоне Филипини, амбасадор на кралството Холандија во РМ, тогаш изјави:

,,Мислам дека идното членство на Македонија во НАТО не е прашање дали, туку кога таа ќе стане членка. Како што знаете, минатата година во Букурешт беше кажано дека Македонија ги исполнува условите и дека единствената работа што треба да се заврши е заеднички прифатливо решение во спорот со името. Тоа не значи дека Македонија не треба да продолжи со реформите во одбраната и војската. Исто е и со Холандија. Ние сме членка на НАТО, но секогаш мора да работиме на реформите во одбраната со цел да бидеме во тек со приоритетите на НАТО."

Вељановски: Собранието не смее да биде пасивен посматрач


Претседателот на Собранието на Македонија Трајко Вељановски за улогата на парламентот во решавањето на прашањето за името и на минувањето на патот до НАТО е Европскта унија со ваков став:

,,Собранието не смее да биде пасивен посматрач. И јас согласно моите укажувања, имаше и акција од страна на Собранието. Прво, Собранието донесе резолуција за носење на стратегија за името, којашто беше едногласно усвоена по дебата на пратениците. И мислам дека ако дојде до некое решение во спорот, сепак тоа ќе биде пред Собранието. Во краен случај никако не може да се избегне Собранието по одредени прашања, како што е името."

Азески: Решение за името ќе ја подобри економската соработка


На политички план, спорот за името е пречка во односите со Грција. Но, како стојат односите на економски план, го запрашавме претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески:

,,Ние имаме добра соработка на економски план. Зачудувачки добра соработка на економски план со Република Грција и мислам дека политичката криза што постои можеби придонела да не се развијат повеќе. Инаку, од постојното ниво ние може да бидеме задоволни и грчките партнери кои се во Македонија се конструктивни чинители во економскиот развој на државата и се активни членки и во стопанската комора и во другите бизнис асоцијации во државата и на вистински начин покажуваат еден светски тренд којшто значи дека еден светски тренд, дека и покрај политичките проблеми економијата може да работи."

Рикер: Решение за името е можно


Запрашан за тоа које е неговото мислење дали не е време за директно американско учество во преговорите за името американскиот амбасадор Филип Рикер за Радио Слободна Европа изјави:
Амбасадорот на САД во Македонија Филип Рикер и уредникот на македонската редакција на РСЕ Зоран Ќука

,,Сметам дека преговарачкиот процес во Обединетите Нации, воден од Амбасадорот Метју Нимиц, е соодветна форма за да се помогне да се најде решение за овој долгогодишен спор – да се најде решение кое ќе им одговара на двете страни. Ние веруваме дека такво решение е можно и ги поддржуваме двете страни и амбасадорот Нимиц да се реши ова прашање што е можно поскоро. Сметаме дека сега по изборите во Грција и претходно во Македонија, е време двете земји, Грција и Македонија, да седнат заедно и да се реши ова прашање што побргу. Ние не можеме тоа да го направиме за вас. Тоа треба да го направат Грција и Македонија заедно."

Фреден: Поголем оптимизам во споредба со пролетта


Во октомври Европската комисија за прв пат оцени дека Македонија може да се надева на датум за преговори, секако ако претходно се постигна добра динамика за решавањето на спорот за името со Грција:

,,Чувствувам поголем оптимизам, во споредба со пролетта оваа година дека спорот со името ќе се реши. Не би можел да ви кажам ништо специфично но чувствувам дека атмосферата е пооптимистичка во споредба со пролетта."

изјави Ларс Фреден, амбасадор на Шведска во РМ

Малески: Нема можност за затворање на прашањето до декември


Професор Денко Малески
Поранешниот министер за надворешни работи професор Денко Малески за можноста во декември да се дојде до решение за проблемот со името?

,,Не гледам апсолутно никаква можност тоа прашање да се затвори во рок од шест недели, бидејќи прашањето е премногу сериозно. Ние сме во една нова фаза на спорот со Грција кога проблемот иницијален, почетен, врзан за дистинкција помеѓу државата Република Македонија и грчката провинција Македонија, сега има додатна тежина со проблемот на дистинкција помеѓу идентитетите: Кој е македонскиот идентитет? Тоа успеавме да го направиме така што влетавме во стапицата на антиквизација, а такви проблеми, разрешување на идентитески теми се работа на една подолгорочен напор не само на политиката, туку и на општеството во целина."

Црвенковски: Го поддржуваме Груевски во решавањето на проблемот


Има ли СДСМ конкретен предлог како да се надмине спорот побрзо по информациите од македонските владини извори дека грчката страна сега поставува максималистички барања?

,,СДСМ не е ниту учесник ниту медијатор во преговорите. Оттука, било каков конкретен предлог кој би произлегол од наша страна не само што не би помогнал, туку да го употребам изразот што владините претставници често го користат би можело и да го загрози процесот или во најмала рака да претставува повод за нови обвинувања од страна на актуелната власт кон СДСМ дека со тоа ја поткопуваме преговарачката позиција на Република Македонија. Со нашата позиција, со нашиот став дека го поддржуваме премирот Груевски во решавањето на овој проблем, ние всушност демонстираме максимална конструктивност, тоа е она што ние можеме да го направиме. Се останато е во рацете на Груевски, се разбира вклучително и целосната одговорност за конечниот исход на овој процес,"

рече лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG