Достапни линкови

Повеќе судии, порегуларен фудбал


Арената Филип Втори во Скопје
Арената Филип Втори во Скопје

Неминовно е менување на фудбалските правила: или со зголемување на бројот на судиите или со примена на видео-техника.

Последниот голем судиски превид, на бараж дуелот за пласман на фудбалското СП меѓу Франција и Република Ирска, кога триколорите стигнаа до вкупна победа со гол на кој му претходеше игра со рака на Тиери Анри, повторно ги актуелизира долгогодишните барања за промени во судењето, со кои нема да се остави простор за незабележани ситуации. Тоа во преден план ги исфрли предлозите за дополнителни двајца судии, кои ќе бидат зад головите, како и за користењето на видео снимки. По двонеделни расправи, светската куќа на фудбалот не попушти и не прифати промени за Мундијалот кој по 6 месеци ќе се одржи во Јужна Африка. Сепак, од ФИФА, ставија до знаење дека се свесни за проблемот кој постои, а со тоа и дека се подготвени за новини во иднина. Тоа, се чини е неминовно, а според долгогодишниот македонски фудбалер, а потоа и фудбалски работник Томче Трајановски, решението е во зголемувањето на бројот на судии.
Треба да се зголеми бројот на судиите. Тоа најдобро се виде на натпреварот Франција-Ирска ...


„Треба да се зголеми бројот на судиите. Тоа најдобро се виде на натпреварот Франција - Ираска. Мислам дека е тоа просперитетно за фудбалот и дека фудбалот ќе добие со шест судии. Има некои работи што главниот судија објективно не може да ги види и натпреварувањето со тоа ќе биде порегуларно“

Рече Трајановски. Промените се нужни и за Жикица Тасевски, екс тренер во Работнички и Вардар, а сега дел од стручниот штаб на Металург. Но, тој е за внесување на технологијата во фудбалот.

„Треба да се воведе видео технологија со оние микрофони со што веднаш може да се види дали треба да се преиначи одлуката. Секојдневно има ситуации каде што со една судиска грешка се менува целиот тек на натпреварот“

Вели Тасевски, со чие мислење не се согласува Трајановски, според кого пресудувањето со помош на видео снимки ќе ја уништи убавината на фудбалот.

„Со воведување на техологија ќе се изгуби привлечноста на натпреварувањето“

Додаде Трајановски. Во секој случај, на фудбалот му се потребни промени во судењето. Дали со споменатите предлози или пак со нешто друго е помалку важно. Најзначајно е да не се остави простор за сомневање кај оние кои живеат од него.

„Многу пари се вложуваат, многу труд вложуваат и фудбалерите и ние тренерите, такашто никој не би сакал на крајот да биде оштетен“

Истакна на крајот Жикица Тасевски.
XS
SM
MD
LG