Достапни линкови

Дајана Крол во Скопје


Дајана Крол
Дајана Крол

Во рамките на својата актуелна светска турнеја Quiet Nights, во Универзална сала ќе настапи Дајана Крол, една од најдобрите пијанистки и вокалистки во современиот џез.

Со 12 албумски изданија и распродадени концертни сали секаде каде што ќе се појави, десетина номинации и две освоени греми награди, Дајана Крол во својата 43 година од животот е на врвот на популарноста во современата поп музика. Родена восемејство на музичари во Нанаимо, Канада, таа уште на 4-годишна возраст седнала зад татковото пијано и започнала да пребира по дирките. Формалното образование го заокружила на престижниот џез колеџ во Беркли во почетокот на 1980-те, за да потем се едуцира и во Лос Ангелес каде настапувала со басистите Реј Браун и Џон Клејтон, тапанарот Џеф Хамилтон и пијанистот Џими Роулс. Токму последниов ја имал клучната улога во убедувањето дека младата и перспективна пијанистка конечно треба да се фокусира и на пеењето. Во 1990 година Дајана се сели во Њујорк и започнува да настапува со своето трио, а првиот албум ќе го објави за една мала независна канадска издавачка куќа. По безмалку две децении поминати во музичкиот бизнис Дајана Крол е голема ѕвезда со блескава кариера зад себе. Таа искачувањето кон врвот го започна со потпишувањето на договорот за снимање со Verve во 1999 година, а првиот голем успех го имаше по објавувањето на албумот When I Look in Your Eyes со кого доби греми за најдобра џез вокалистка. Ова наедно беше и првата џез плоча што беше номинирана за Албум на годината по цели 25 години. Во 2002 година го објави The Look of Love кој стана најдобропродавано издание во САД и пет пати беше платинест во Канада. Две години подоцна излезе и The Girl in The Other Room на кој таа фокусот го стави на сопственoто творештво потпишувајќи дури шест во коавторство со својот сопруг Елвис Костело , во 2005 ја објави и колекцијата со божиќни песни, а мајчинството и раѓањето на близначињата беше пропратено со албумот From This Moment On кој одлично помина и кај критиката и кај публиката. Конечно, годинава излезе Quiet Nights, албумот со кој Дајана Крол наново им се врати на бразилската боса-нова, на Антонио Карлос Жобим и Жоао Жилберто и на мистичната и сензуална вокална изведба. Оваа објава ја работеше со своите стари пријатели – продуцентот Томи Ли Пума, Ал Шмит и со легендарниот аранжер Клаус Огерман.
Говорејќи за инспирацијата за албумот таа како особено значаен момент го издвојува своето патување во Бразил каде што ќе го сними материјалот за своето последно дивиди-издание и чувството што притоа го имала додека ги пеела класиците на големите тамошни композитори. Инаку, притоа во ниту еден момент не се срами да спомене дека Quiet Nights
е интимен и романтичен албум, нејзиното љубовно писмо до сопругот и пред се објава на жена која ужива во љубовта и во животот.
Токму во едно такво преубаво расположение Дајана Крол по прв пат ќе ја имаме и во Скопје.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG