Достапни линкови

Хамид Карзаи уште 5 години на чело на Авганистан


Хамид Карзаи
Хамид Карзаи

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи денеска 19.11.2009 официјално е инаугуриран за втор мандат. Главните барања до него и од домашната и од меѓународната јавност се да ја подобри безбедноста и да се справи со корупцијата во земјата.

Како и милиони други авганистанци, студентот Изхарул Хак, сонува за мир и безбедност во неговата земја.

“Ние бараме претседателот Карзаи да ги исполни ветувањата за обновување на мирот во Авганистан. Тоа е нашето главно барање од неговиот втор мандат”.

Инаугурацијата на Карзаи предизвикува големо интересирање и надвор од земјата, бидејки од неговите наредни постапки ќе зависи и наклонетоста на странските влади кон Авганистан. Битката против корупцијата ќе биде еден од главните приоритети на Карзаи. Во едно интервју деновиве, американскиот државен секретар Хилари Клинтон изјави дека Соединетите Држави ќе ја прекинат целата цивилна помош за Авганистан доколку новата влада не спроведе ефикасни мерки против корупцијата. На сличен сатв е и Европската Унија. Критичарите на Карзаи, како пратеникот Кабир Ранбар, оценуваат дека предизборните договори на Карзаи со некои регионални моќници и милитанти, покажуваат дека претседателот не е вистински определен за реформи.



“Карзаи може да ја среди ситуацијата ако им каже на неговите подржувачи дека во изминатите 7 години земаа доволно, дека си ги наполнија сметките во странски банки и оти е доста. Да им каже дека сега е време за патриотска технократска влада, составена од луѓе на кои им се битни националните интереси”.

Аналитичарите оценуваат дека вербалните добри желби на претседателот Карзаи нема да бидат доволни за барањата на западните лидери, кои сакаат да видат конкретни чекори за транспарентно владеење. Асадулах Валваџи, аналитичар од Кабул, оценува дека Карзаи би требало да вклучи во новата администрација луѓе кои би биле прифатливи за Западот, но и за домашната јавност, луѓе кои ќе немаат криминално минато, и доколку успее во тоа, ќе биде добро за сите. Кабинетот на Карзаи се очекува да биде составен за две недели, а веќе е формирана анти-корупциска единица која треба да ги истражи осомничените функционери. Хамид Карзаи ќе биде претседател на Авганистан уште 5 години, а тие години ќе бидат посветени на битката против корупцијата, изјави деновиве министерот за внатрешни работи Ханиф Атмар.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG