Достапни линкови

Црна Гора со мала поддршка за влез во НАТО


Состанок на НАТО во Црна Гора
Состанок на НАТО во Црна Гора

Црна Гора до крајот на годинава се очекува да ја мине и последната скала до зачленувањето во НАТО, односно ќе биде поканета во Акциониот план за членство. И покрај ваквиот брз напредок, во Црна Гора се објавени податоци кои говорат дека поддршката на граѓаните за влез во Алијансата изнесува само 30 насто.

Една од причините за ваквата мала поддршка за зачленувањето на Црна Гора во НАТО, според функционерот во Социјалдемократската партија Борислав Бановиќ, е историското наследство, односно инертниот однос спрема Алијансата останат уште од времето на Студената војна:

,,Се уште ја има таа инерција во еден дел, особено кај старата популација која се уште на НАТО гледа како на воено политички сојуз на западните земји. Тука е искуството од крајот на деведесетите години и судирот со Србија, тогашна СРЈ.,,

Според Бановиќ, има и такви кои сметаат дека НАТО може да има некакви негатвини ефекти, како што е учеството во воени мисии во светот. Генералниот секретар на Атлантскиот совет во Црна Гора Саво Кентера вели дека е важно тоа што поддршка во Црна Гора подолго време не опаѓа.

,,Кога би дошло до опаѓање, тогаш би требало да се загрижиме. Вака, кога тој дел е стабилен и секогаш е на некое ниво од триесет насто тоа е добар индикатор.,,
За толку важни работи, како што е влегувањето на една земја во НАТО мислам дека понекогаш граѓаните не би требало да решаваат, бидејќи немаат доволно знаење за значењето на влезот на Црна Гора во НАТО...

Оценува Кентера кој од друга страна смета дека тоа е и јасен сигнал оти нешто треба да се менува кога се во прашање комуникациската стратегија и пристапот кон граѓаните за да се зголеми процентот. За функционерот на опозициската партија Нова српска демократија Горан Даниловиќ пак, малата поддршка и брзиот напредок на државата кон НАТО покажува дека власта во Црна Гора не се интересира за мислењето на граѓаните. Тој смета дека на владата не и паѓа на памет да распише референдум врз основа на кој ќе се донесе конечната одлука за НАТО.

,,Тие очигледно се обврзани да ја вклучат Црна Гора во НАТО. Верувам дека не сакаат референдум затоа што се свесни дека постојат работи кои во Црна Гора не минуваат. Една од нив е и членството во НАТО.,,

Генералниот секретар на Атлантскиот сојуз Кентера е на спротивно мислење, или, како што вели, кога имате двотретинско мнозинство во парламентот тогаш нема потреба од референдум.

,,За толку важни работи, како што е влегувањето на една земја во НАТО мислам дека понекогаш граѓаните не би требало да решаваат, бидејќи немаат доволно знаење за значењето на влезот на Црна Гора во НАТО. Некогаш толку важните одлуки не треба да им се препуштаат на граѓаните.,,

Со ова се согласува и Боро Бановиќ кој додава дека претставничкиот политички систем подразбира дека граѓаните својот мандат им го пренесле на собранието, владата и претседателот. На кој начин некоја одлука ќе биде донесена, според него, е работа на политичка проценка.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG