Достапни линкови

Неединство на Србите за локалните избори на Косово


Претставниците на косовските Срби сеуште се поделени во врска со учеството на престојните локални избори на Косово, закажани за 15-ти ноември. Противниците сметаат дека со учеството, Србите би ја признале независноста на Косово, додека другите сметаат дека треба да се учествува од практични причини.

Еден од лидерите на Србите од северно Косово, Марко Јакшиќ изјави за Радио Слободна Европа дека, особено по повикот од српскиот претседател Борис Тадиќ, Србите не треба да учествуваат на изборите.

Она што од наша дистанца можеме и мораме да го кажеме е дека секое излегување на Србите на тие избори значи признавање на независно Косово. Значи откажување од сопствената држава, значи признавање дека злосторствата врз Србите и злосторниците кои тоа го правеа, се во право.

Затоа, според Јакшиќ Србите не треба да излегуваат на изборите, а од властите во Белград бараат да покренат кампања за бојкот. Лидерот на Српското движење на отпорот, со седиште во Грачаница, во централно Косово, Момчило Трајковиќ, кој е и еден од кандидатите за престојните локални избори, смета излегувањето на изборите не значи дека Србите ја прифаќаат независноста на Косово. Тој за Радио Слободна Европа изјави дека Србите од Косово со излегувањето на изборите ги прифаќаат оние институции и инструменти на власта кои ќе им овозможат подобар живот.
Момчило Трајковиќ


Сметам дека таа реална власт треба да ја превземат реалните сили, значи, силите кои сакаат да му помогнат на сопствениот народ во решавањето на важните прашања. Србите јужно од Ибар прифатија се, - полицијата, плаќаат струја, вода, даноци... Своите права ги остваруваат во општинскиот суд во Приштина. Според тоа, ните треба да ја земеме судбината во свои раце.

Меѓутоа и Трајковиќ е на ставот дека не постои независно Косово, туку дека постои само албанска власт над територијата која ја контролира. Тоа според него е уште една причина повеќе за де се учествува на изборите. Претседателот на општина Зубин Поток, Славиша Ристиќ меѓутоа, смета дека Србите во никој случај не треба да излегуваат на изборите.

Ние имаме официјален став на државата дека не треба да се излегува на изборите. Очекувам Србите едноставно да го послушаат мислењето на Владата на Србија. Со учеството на изборите, ние, не само што ќе го признаеме независно Косово, туку и ќе учествуваме во создавањето на институциите на државата што не ја признаваме.

Инаку, делегатите на српската заедница на општините на Косово, на седницата во Косовска Митровица, едногласно ја усвоија одлуката со која ги повикуваат косовските Срби на бојкот на локалните избори на Косово, закажани за 15-ти ноември.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG