Достапни линкови

Вести

Шкотската влада се уште не решила за ал Меграхи

Шкотската влада соопшти дека се уште не решила дали ќе го помилува Либиецот Абдел Басет ал Меграхи одговорен за поставување бомба на авионот Пан Ам над шкотскиот град Локерби. Медиумите јавија дека Ал Меграхи ке бил помилуван поради рак на простата. Тој е осуден доживотно бидејки во 1988 загинаа 259 лица, според медиумите, ке бил ослободен од затвор.

види ги сите денешни вести

Се очекува пресуда за родителите на детето кое уби ученици и чувар во училиште во Белград

илустрација
илустрација

Суд во Белград денеска (30 декември) се очекува да ја соопшти пресудата против Владимир и Миљана Кецмановиќ, родителите на детето кое на 3 мај 2023 година со пиштол усмрти девет ученици и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, и рани уште пет ученици и наставничка.

Судот ќе донесе првостепена пресуда на која одбраната и обвинителството ќе имаат право на жалба до Апелациски суд.

Судскиот процес од самиот почеток е затворен за јавноста, но пресудата ќе биде јавно објавена.

Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, побара судот да изрече максимална затворска казна. Тој во завршниот збор му предложи на судот Владимир Кецмановиќ да биде осуден на затворска казна од 14 години и 11 месеци за кривични дела - тешко дело против општата безбедност и запуштање и злоставување малолетно лице.

Тој предложи и единствена затворска казна од пет години и пет месеци за Миљана Кецмановиќ за сторени кривични дела-недозволено производство, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи и запуштање и злоставување малолетно лице.

Предложена е максимална казна затвор од три години за инструкторот за стрелање Немања Маринковиќ за кривично дело давање лажен исказ.

Стефановиќ смета дека за брачниот пар Кецмановиќ нема олеснителни околности, туку само отежнувачки бидејќи не изразиле ниту каење ниту емпатија за жртвите

Јужнокорејските истражители бараат налог за апсење на поранешниот претседател

LAOS-ASEAN-DIPLOMACY
LAOS-ASEAN-DIPLOMACY

Јужнокорејски тим задолжен за истрага на сменетиот претседател Јун Сук-Јол од функцијата со парламентарно отповикување, поради неговото прогласување воена состојба претходно овој месец, побара налог за негово апсење.

Јун не се појави на сослушување во полицијата и Одделот за истраги за корупција на високи функционери, кои спроведуваат заедничка истрага за тоа дали воената состојба прогласена на 3 декември може да се смета за бунт.

За првпат во историјата на Јужна Кореја е побаран налог за апсење на актуелен претседател на земјата. Судот мора да одлучи дали ќе издаде налог за апсење по барањето. Бунтот е едно од ретките злосторства за кои претседателот на Јужна Кореја нема имунитет.

Уставниот суд на Јужна Кореја моментално одлучува дали да го врати на функцијата Јун Сеок-Јол или трајно да го смени. Институцијата има рок од 180 дена да донесе одлука.

Во петокот судот го одржа првото подготвително рочиште, на кое беше одбиено барањето на адвокатите на Јун за одложување на судењето. Следното рочиште е закажано за 3 јануари.

Зеленски очекува САД да објават одлука за нова помош за Украина

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека очекува САД денеска да објават одлука за нов пакет значителни количини воена помош за неговата држава.

„Знам дека се подготвува важна американска одлука за поддршка на Украина. Очекуваме официјално соопштение уште утре: значителни пакети поддршка за нашите војници, како за време на годините на војна за заштита на Украина“, рече Зеленски во видео порака, додавајќи:

„Колку е посеопфатно снабдувањето партнерите, толку повеќе животи на нашите млади луѓе ќе се спасат“.

Според него, продолжува работата на тоа да се обезбеди другите партнери на Украина да ја задржат поддршката на потребното ниво.

„Денеска разговарав со канадскиот премиер Џастин Трудо. Следната година почнува канадското претседавање со Г7 и важно е дефинитивно да се зајакне меѓународната соработка со цел заштита на нашите вредности и животот на нашиот народ“, рече Зеленски.

Американскиот претседател во заминување Џо Бајден деновиве побара од Министерството за одбрана да продолжи со големи испораки на оружје за Украина и го осуди рускиот божиќен напад врз некои украински градови и енергетскиот систем на земјата.

Од руската инвазија на Украина во 2022 година, Вашингтон одвои 175 милијарди долари помош за Украина.

Милановиќ и Приморац влегоа во вториот круг од претседателските избори во Хрватска

Претседателски избори во Хрватска
Претседателски избори во Хрватска

Актуелниот претседател на Хрватска и кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Зоран Милановиќ и кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац, влегоа во вториот круг од претседателските избори, кој ќе ќе се одржи на 12 јануари.

Милановиќ во првиот круг од претседателските избори на 29 декември освои 793.808 гласови или 49,11 отсто, а Приморац 313.124 или 19,37 отсто, покажуваат прелиминарните податоци на Државната изборна комисија.


Независниот кандидат Марија Селак Распудиќ освои 9,24 отсто, а Ивана Кекин од „Можеме“ 8,87 отсто.

Зад нив се независниот кандидат Томислав Јоњиќ со 5,07 отсто од гласовите, Миро Буљ од листата „Мост' со поддршка од 3,82 отсто, Бранка Лозо од партијата „Дом и Народно собрание“ со 2,41 отсто и Нико Токиќ Картело два со 0,88 отсто од гласовите.

Бројот на обработени избирачки места е 6.733 од вкупно 6.755.

До 19 часот на 29 декември беа отворени повеќе од 6.500 избирачки места во Хрватска и во 38 други земји каде право на глас имаа над 3,7 милиони гласачи.

Поранешниот американски претседател Џими Картер почина на 100 годишна возраст

архивска фотографија, поранешниот американски претседател Џими Картер е виден на Демократската национална конвенција во 2008 година во Денвер
архивска фотографија, поранешниот американски претседател Џими Картер е виден на Демократската национална конвенција во 2008 година во Денвер

Поранешниот американски претседател Џими Картер почина на 100-годишна возраст во својот дом во Плејнс, Џорџија.

„Нашиот основач, поранешниот американски претседател Џими Картер, почина попладнево во Плејнс, Џорџија“, соопшти Фондацијата Картер на 29 декември.

Картер беше 39-тиот претседател на САД со мандат од 1977 до 1981 година. Тој во Белата куќа пристигна по скандалот Вотергејт и војната во Виетнам.

Неговото мандат го одбележа договорот за ставање крај на тензиите меѓу Египет и Израел и интензивирањето на тензиите со Советскиот Сојуз по советската инвазија на Авганистан.

Во домашната политика се залагаше за човекови права, за борба против климатските промени, што веќе ги навести тогаш, но и за борба против инфлацијата.

Неговото претседателствување беше нарушено со 444-дневната заложничка криза во Иран, кога осум Американци загинаа при неуспешно спасување заложници во април 1980 година. Дополнително лошите домашни економски резултати заедно со исходот од заложничката криза резултираа со убедлива победа на Роналд Реган во 1980 година.

По завршувањето на претседателскиот мандат Картер беше активен во граѓанското општество и во хуманитарните здруженија, за што ја доби Нобеловата награда за мир.

Милановиќ со убедлива победа во првиот круг на хрватските претседателски избори

Актуелниот претседател на Хрватска и кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Зоран Милановиќ,
Актуелниот претседател на Хрватска и кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Зоран Милановиќ,

Актуелниот претседател на Хрватска и кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Зоран Милановиќ, води во првиот круг од претседателските избори одржани на 29 декември со 50,11 отсто од гласовите. Ова го покажува првите објавени прелиминарни резултати на Државната изборна комисија.

На второ место е кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац, со освени 20 отсто од гласовите, покажуваат прелиминарните резултати на Државната изборна комисија.

Според податоците на ДИК, на трето место е независната кандидатка Марија Селак Распудиќ со 8,11 отсто, а зад неа е кандидатот на „Можеме“ – Ивана Кекиќ со 7,28 отсто.

Останатите кандидати на изборите се Миро Буљ од десничарската конзервативна партија „Мост“, Бранка Лозо, зад која стои десничарската партија „Дом и Национален собир“ и независните кандидати Томислав Јоњиќ и Нико Токиќ Картело.

Денеска до 19 часот во Хрватска беа отворени повеќе од 6 500 избирачки места во земјата и во 38 други држави, каде право на глас имаа над 3,7 милиони гласачи.

Претседателот треба да го добие мнозинството гласови од сите гласачи кои гласале. Доколку тоа не се случи, двајцата кандидати со најголем број гласови одат во вториот круг, кој се одржува за 14 дена, на 12 јануари следната година.

Најмалку 15 повредени во Флорида при судир на воз со противпожарно возило

Архивска фотографија за илустрација
Архивска фотографија за илустрација

Тројца пожарникари и десетина патници беа повредени во саботата на Флорида кога противпожарно возило со ротациони светла се движело преку шините на патеката на брз патнички воз откако почека да помине друг воз, покажуваат видео снимки од инцидентот.

Од сударот предниот дел на возот беше уништен, и дел од патниците во предниот дел се повредени. Властите соопштија дека тројцата повредени пожарникари се хоспитализирани и во стабилна состојба. Останатите 12 повредени патници од возот се пренесени во болница со полесни повреди.

„Предниот дел на тој воз беше целосно искршен, а имаше дури и некои делови од противпожарното возило заглавени во предниот дел на возот, но тоа го подели автомобилот точно на половина. Го подели противпожарното возило точно на половина, а остатоците беа насекаде“, изјави Емануел Амарал, очевидец на несреќата.


Федералната управа за железници најави дека ќе спроведе истрага. Портпаролот на Националниот одбор за безбедност на транспортот попладнето изјави дека сè уште собира информации за несреќата и дека сè уште не одлучиле дали да истражуваат.

Талибанците забранија отворени прозорци од кои може да се видат жени

Иилустрација
Иилустрација

Врховниот лидер на Талибанците издаде наредба со која се забранува изградба на нови станбените згради со прозорци кои имаат поглед кон областите што ги користат Авганистанките. Дополнително постоечките такви прозори треба да бидат блокирани.

Според соопштението објавено од талибанската влада во саботата, новите згради не треба да имаат прозорци низ кои може да се види „дворот, кујната, бунарот на соседот и другите области кои најчесто ги користат жените“.

„Гледањето жени кои работат во кујните, во дворовите или земаат вода од бунари може да доведе до несоодветни постапки“, се вели во декретот објавен на социјалната мрежа X порано позната како Твитер од владиниот портпарол Забихула Муџахид, јавува новинската агенција Франс Прес.

Градските талибански власти и другите институции ќе треба да ги следат градилиштата за да се осигураат дека не е можно да се погледне во куќите на соседите.


Во случај да постојат такви прозорци, на сопствениците ќе им се советува да подигнат ѕид или да го блокираат погледот „за да не ги вознемируваат соседите“, се наведува во декретот.

Откако Талибанците ја презедоа власта воо август 2021 година, присуството на жените на јавниот простор се намали, што ги натера Обединетите нации да го осудат „родовиот апартхејд“ на талибанската администрација.

Талибанските власти го забранија образованието за девојчињата и жените надвор од основното училиште, го ограничија вработувањето на жените и го блокираа нивниот пристап до парковите и другите јавни места.

Неодамнешниот закон им забранува на жените дури и да пеат или рецитираат поезија во јавност поради строгата примена на исламскиот закон. Законот налага и да го „прикријат“ гласот и да ги покриваат телата кога се надвор од дома.

Некои локални радио и телевизиски станици престанаа да емитуваат женски гласови. Талибанската администрација тврди дека исламскиот закон ги „гарантира“ правата на мажите и жените во Авганистан.

Приведен,па ослободен „полицискиот крт“ кој им „шепнал“ за акцијата на „Беланоца“

Полиција, лента, увид
Полиција, лента, увид

Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека синоќа било приведено едно службено лице со кое бил извршен службен разговор во врска со кривично дело „Оддавање службена тајна“. Делото е поврзано со акции на полицијата извршени месецов против криминалната група „Беланоца-Барон“.

Според соопштението на МВР осомниченото службено лице било приведено на 28 декември.

„При што во полициска станица беше извршен службен разговор во врска со кривично дело ‘Оддавање службена тајнa’, одземен му е мобилен телефон, по што по насока на ОЈО лицето е ослободено“, велат од МВР.

Осомничениот е син на поранешниот министер за внатрешни работи од ДУИ, јавува ТВ Телма, повикувајќи се на полициски извори.

Тој е осомничен дека оддал информации до членовите на криминалната банда непосредно пред спроведувањето на акцијата на Обвинителството и МВР на 16 декември против 18 осомничени припадници на скопското подземје од кои осуммина од нив не пронајде. Тие како дел од криминалната банда „Беланоца-Барон“ се обвинети дека во период од 2020 до 2024 година, организирале убиства на вкупно 8 луѓе, при што тројца други биле ранети, а на три лица им бил загрозен животот.

Истрагата за протекувањето на информациите ја води Обвинителството за гонење организиран криминал. Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека е уверен оти информациите не протекле од кај нив.

„Во тој поглед јас како државен обвинител можам да ви гарантирам дека од страна на ЈО не протекуваат никакви информации за тоа што тие предистраги, тие мерки за следење со месеци биле активни и претходно и ниедна не пробила.
Акцијата е пробиена во завршна фаза односно ден два пред да се преземе официјално акцијата. Токму и на таа околност ЈО и сега истражува да дознае „кој е кртот“ на пробивање на акцијата, меѓутоа ете успеа два дена пред планираното да спроведе акција и дел од осомничените да ги уапси“, изјави Коцевски.

За полициската акција протекле информации од Министерството за внатрешни работи, и поради таа била спроведена во недела навечер, наместо во вторник како што било планирано. По спроведувањето на акцијата, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека е срамно тоа што протекле информациите.

„Порака до нечесните, срам е за македонски полицаец да учествува во поткопување на процесите кои треба да не довеат до правда и правичност и ќе следат во иднина постапки“, рече Тошковски на 16 ти декември.

Ова е трет пат по ред, како од полициските структури „протекуваат“ информации за полициски акции кои се спроведуваат против нарко-картелите.

Претходниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски по јануарската акција годинава кога беа уапсени седум луѓе од вкупно 16 осомничени за „увоз на кокаин“ од Перу и Бразил, изјави дека утврдиле дека во МВР има „кртови“ кои наскоро ќе бидат изнесени пред лицето на правдата.

На 4 ноември годинава МВР објави дека се уапсени пензионирани полицајци поради оддавање на оперативни информации.

Иако, тогаш не беше експлицитно посочено за кого се работи, но според соопштението наликуваше дека тие им давале информации на најголемиот нарко бос во земјава Шеваљ Муареми, кој според последните објави на социјалната мрежа Инстаграм е во Дубаи.

Најмалку седум загинати при израелскиот напад врз Газа

Илустрација, израелски напади врз Газа
Илустрација, израелски напади врз Газа

Агенцијата за цивилна одбрана во Газа соопшти дека воздушен напад погодил болница на 29 декември, при што загинале најмалку седум лица, додека Израел соопшти дека цел на нападот биле милитантите кои се криеле во зградата, која повеќе не е функционална.

Според Агенцијата за цивилна одбрана во Газа, воздушниот напад ги погодил горните катови на болницата Ал-Вафа во градот Газа.


Израелската војска соопшти дека извршила „прецизен напад“ насочен кон членовите на тимот за воздушна одбрана на Хамас - палестинската група означена како терористичка организација од страна на Соединетите Американски Држави и Европската Унија - кои, како што рече, дејствувале „од команден центар лоциран во зграда која порано била болницата Ал-Вафаа“.

„Оваа зграда во моментов не работи како болница“, соопшти израелската војска.

Министерството за здравство во Газа соопшти дека болницата сè уште функционира.

„Болницата Ал-Вафаа делумно работи, обезбедувајќи грижа за пациентите кои имаат телесен инвалидитет“, соопшти Министерството.

Нападот на болницата Ал-Вафаа се случи еден ден откако Израел ја заврши операцијата во болницата Камал Адван во северниот дел на Газа, напад за кој Светската здравствена организација соопшти дека ги принудил пациентите и персоналот да ја напуштат зградата.

Израелската армија го уапси и директорот на оваа болница Хосам Абу Сафије, велејќи дека е осомничен дека е член на Хамас.

Од 6 октомври, Израел ги фокусира своите воени операции на северот на Газа, велејќи дека има за цел да го спречи Хамас да се прегрупира. Меѓутоа, израелската војска изврши воздушни напади и гранатирања и во други делови на палестинската енклава.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG