Достапни линкови

Економската криза на Балканот се потешка


Економската криза се продлабочува на Балканот. Она на што предупредуваа експертите, се остварува, а за повеќето земји аранжманите со Меѓународниот Монетарен Фонд и новите задолжувања, на и онака презадолжените држави, моментално се единствена надеж за преживување. И додека работниците и Синдикатите се повеќе се жалат дека последиците од економската криза стануваат неиздржливи, Владите тврдат дека ситуацијата е под контрола.

Босна и Херцеговина
Властите во Босна и Херцеговина, која е тешко погодена од економската криза, се надеваат на излез преку Стенд Бај аранжманот со Меѓународниот Монетарен Фонд, но Синдикатите тврдат дека ни тоа нема да помогне да се запре бранот отпуштања од работа и падот на Бруто Домашниот Поизвод. Само во Република Српска во првите 6 месеци од годинава без работа останале 18 илјади луѓе. Претседателката на Синдикатот Ранка Мишиќ вели:

“Неодговорната власт во Босна и Херцеговија ја доведе земјата во позиција да мора да зависи од ММФ, а тие пари не се користат онака како што сакаме, туку како што ќе наложи тој што ги дава парите”.

Од друга страна, премиерот на Република Српска, Милорад Додик не се согласува дека економската состојба е најлоша досега.

“Мислиме дека ќе ги задржиме позитивните кумулативни трендови и дека ќе нема рецесија. Можеби нема да имаме раст од 6 насто, како што планиравме, но сигурно нема да биде под 4 насто до крајот на годинава”.


И во федерацијата на Босна и Херцеговина ситуацијата е загрижувачка, будејки веќе недостигаат пари и за буџетските корисници. На пример, сметката на Владата на Тузланскиот кантон е празна. Економистот Анто Домазет оценува дека економијата во земјата е во слободен пад.

“Пoсебен проблем е губењето работни места, за што нема прецизни податоци. Постои стравување дека таквиот тренд ќе биде уште полош кон крајот на годинава”.

Србија
И во Србија се поголем број луѓе се без работа, а расте и незадоволството од многубројните приватизации. Работничките протести се радикализираат.

“Во оваа земја, Србија, ова е единствен начин да се почитуваат работничките права, единствен начин да се чуе гласот на работникот”.

Претставникот на Синдикатот, Југослав Ристиќ, додава.

“Причина за ваквите протести е приватизацијата која имаше цел да ги уништи претпријатијата, поединци енормно да се збогатат, а да се избркаат работниците”.

Претставниците на власта тврдат дека се свесни за проблемите во стопанството и оти ги превземаат сите неопходни мерки. Премиерот Мирко Цветковиќ оценува дека Србија го допрела дното на економската криза и оти ситуацијата почнува да се подобрува.

“Мoжеме да констатираме дека по почетните големи тешкотии, усеавме да го стабилизираме финасискиот систем, курсот и девизната заштеда. Истовремено е запрен драстичниот пад на индустриското производство. Искрено верувам дека најлошото помина”.

Економистите, не се оптимисти како премиерот. Владимир Глигоров вели:

“Владата релативно лошо ја процени ситуацијата, иако беше јасно дека рецесијата ќе биде сериозна. Друг проблем е што нема стратегија во смисла на тоа што кога ќе заврши светската криза, како ќе изгледа земјата тогаш”?

Црна Гора
Во Црна Гора допрва се очекуваат вистинските последици од кризата. Започнаа да се применуваат мерки за штедење на парите од државниот буџет. Според ребалансот, буџетот од милијарда ипол евра е намален за 216 милиони евра. Предвидено е, доколку продолжат проблемите, намалување на платите во државната управа за 10 насто, како и укинување на надоместоците за превоз и храна. Сигурно е дека до крајот на годинава ќе има и дополнителни последици, вели диеркторот на Дирекцијата за мали и средни претпријатија Зоран Вукчевиќ:

“Верувам дека ќе биде најден соодветен одговор. Најкритичен е проблемот со неликвидноста на банкарскиот сектор. Мерките што ги превзема Владата, не може да го решат тој проблем, но барем го ублажија”.

Дел од стопанствениците во Црна Гора наведуваат дека секогаш кога ќе помислат дека кризата го допрела дното, се случува дополнително влошување. Туризмот и металната индустрија се главните индустриски гранки во Црна Гора. Во тешка криза се наоѓа Комбинатот за алуминиум во Подгорица, како и железарницата во Никшиќ, а туристичката сезона потфрла. Тие факти ја зголемуваат загриженоста, а Владата се надева дека јавните работи, како што е изградбата на автопатот од Бар до Бољаре, кон Србија, што треба да започне наесен, ќе помогнат за пребродување на кризата.

Хрватска
Хрватите се огорчени од најавеното кратење на платите и пензиите, без што Владата нема да може да го покрие буџетскиот минус од над милијарда евра. Премиерката Јадранка Косор заега ги избегнува директните одговори.

“Она што можат да го кажам како претседателка на Владата е дека жестоко ќе се борам за заштита на најчувствителните категории, за оние што се на работ на егзистенција и за невработените”.


И економистите се согласуваат дека при кратењето мора да се има селективен пристап и оти последиците не можат да ги сносат и оние што имаат најмалку пари. Аналитичарот Дарко Баничек оценува дека Хрватска сеуште може уредно да ги плаќа своите кредити и оти не и се заканува аргентинско сценарио.

“Мислам дека сеуште сме талеку од таква позиција, со оглед на опцијата ММФ. Ако дојдат тогаш настапуваат поинакви услови. Оваа Влада досега не покажуваше готовност да ги превземе нужните реформи, но ММФ ќе ја натера да ги превземе”.

Хрватската држава нема да банкротира, наведуваат и други стручњаци, додавајки дека, само граѓаните ќе живеат се полошо и полошо.

МАКЕДОНИЈА??? Оставете ваш коментар подолу...
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG