Достапни линкови

Коце Трајановски, градоначалник на Скопје


Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски

Јавните претријатија во Скопје се во многу лоша состојба, а нивниот долг кон државата е 10 до 12 милиони евра. Не отстапувам од реализацијата на својата програма

Каква состојба затекнавте во градот?

Како прво, јавните претпријатија се во многу лоша состојба, освен ЈП Водовод и Канализација. Значи, Комунална Хигиена, Паркови и зеленило, Улици и патишта, јас би кажал дека тие се во катастрофална состојба. Еден од главните проблеми е нивната презадолженост, 90 посто од ДДВ. Се заедно сума е од 10 до 12 милиони евра долг, на тие јавни претпријатија кон државата, кое е страшно оптеретување. Нормално, тука треба да се направат нови менаџерски тимови и подобра организација во функционирањето на тие јавни претпријатија, со многу добро дефинирани контроли и надзор во работењето на најнепосредните извршители. Сметам дека дисциплината е многу опадната и е на ниско ниво.

Вашиот претходник, господинот Костовски, како една од основните причини зошто не можат да се реализираат многу од идеите околу градот го наведуваше нискиот буџет. Сега тој е намален за 25 проценти?

Буџетот е намален за 25 посто, затоа што прво е предимензиониран. А, второ затоа што настана светската криза. Дури мислам дека и малку го намаливме, ако мене ме прашувате, но оставивме резерва за да можеме да бидеме повеќе мотивирани. Не јас лично, туку и службите, за да знаеме дека за да може да го реализираме ќе треба многу поголема активност. Мојата главна активност ќе биде кон привлекување домашни и странски инвеститори. Ние за прв пат пред 15-20 дена ги свикавме бизнисмените преку трите стопански комори на Република Македонија на којшто ги повикавме сите градоначалници кои ги презентираа своите детални урбанистички планови и им посочуваа на инвеститорите во кој дел од општината, што може да финансираат или што ќе биде предмет на објава и на конкурирање и финансирање. Бизнисмените од друга страна искажаа мислење што може на тие локации да се финансира. Во секој случај се создаде една блиска соработка. Нашата цел е инвеститорите да не чекаат пред вратите на градоначалниците, туку да бидат луѓе кои ќе имаат повисок степен на комуникација со локалната самоуправа, а особено со градоначалниците. Треба да се надмине моментот кога инвеститорите комуницирајќи со администрацијата, може да бидат подложени на мито, корупција, одолговлекување, незаинтересираност, бидејќи сепак градоначалникот е одговорен за тоа дали општината ќе се развива или не.

Но, додека дојдат инвестициите и инвеститорите со кои средства ќе ги реализирате вашите ветувања кон граѓаните? Има ли градот доволна финансиска моќ да го реализирате тоа што го ветивте?

Видете, јас тоа што сум го ветил сум го ветил за четири години. Имам програми за 2009, 2010, 2011 и 2012 година. Исто така, нормално, јас сум го дефинирал тоа врз основа на проекциите од 2008 година. Значи, со статистика колку била 2008 и 2007, и со поголем процент, неземајќи ја предвид светската криза. Меѓутоа, многу бев внимателен во правењето на програмата. Ако земете, подземниот булевар од Тифани до комплексот банки, таму многу децидно пишува, сериозно ќе ја разгледаме можноста за отпочнување на изработка на овој подземен коридор круцијален од аспект на сообраќајот за градот. Јас не отстапувам од своите програми. Дури и се ќе направам да биде нешто повеќе. И за трамвајот, децидно е кажано во програмата, ќе се испита, финансиската конструкција за овој проект. Имаме веќе контакти со бизнисмени, инвеститори, кои предвидуваат трамвај од друг тип и полесно и минимално финансирање.

Градот поради финансиската нестабилност не сакаше да аплицира за втората фаза од фискалната децентрализација. Што ќе се случува сега на овој план?

Јас како претседател на ЗЕЛС, многу ќе бев среќен доколку господинот Трифун Костовски учетсвуваше повеќе преку ЗЕЛС во менувањето на законите коишто значеа поголема финансиска стабилност на општините. Ние преку ЗЕЛС успеавме да го смениме законот за имот во којшто сега плаќаат данок на имот правните лица на производниот простор, а плаќаа само на деловниот. Исто така, го донесовме законот за комунални такси, во којшто уличното осветлување наместо на 15 се плаќа на 25 дена. Успеавме во образованието. Се е тоа заедничка борба на сите општини независно од политичката ориентација. Патот на децентрализација и патот на преземање на ингеренции од централната власт, особено од финансиски аспект, тоа е тежок пат, за сите држави и уште е тежок.

14 општини сеуште имаат блокирани сметки и не може да влезат во втората фаза од фискалната децентрализација. Што ќе се случи со тие општини?

Проблемот со блокираните општини е навистина проблем во процесот на децентрализација. Навистина е жално што Македонија почна со процесот на децентразализација во 2005, а уште пожално е тоа што не направи добра подготовка и имавме многу лош старт на процесот. Ние од 1 јули 2007 почнавме со процесот на децентрализација и вработените од урбанизам кои требаше да поминат во најдобар дел во локалната самоуправа, не знаеја кои ќе поминат, кои не, колку ќе задржи министерството а колку ние. Дури, на крајот од август беше дефинирано. Второ, на училиштата кои имаа долгови, тие беа префрлени или оставени на локалната самоуправа, така што беа блокирани голем број училишта. На последниот состанок со премиерот во ЗЕЛС се договоривме тоа поинтензивно да го преземе Комисијата за оценка на успешноста за поминувањето во втората фаза во процесот на децентрализација. Владата зема обврска, најверојатно од септември, има 13-14 општини кои се блокирани, да земе обврска, да им помогнеме со подолгорочни позајмици. Најдрастичен е случајот со општина Кичево и Охрид. Притоа, општините бараат да им се овозможи да земаат кредити. Тие се во состојба да земаат кредити, да им се даде согласност од Министерството за финансии и владата, и притоа владата да нема обврска. Значи, во тесна соработка сме и мислам дека годинава голем број општини ќе бидат одблокирани.

Ќе дадете ли одобрение доколку општина Центар издаде маркичка за Бурмали Џамија во ДУП?

Тоа не е во наша надлежност. Кога тој план ќе дојде во градот Скопје, ние гледаме само дали се запазени нормативите на градежна исполнетост на парцелата, дали е запазено со генералниот урбанистички план, таму каде што треба сообраќајници и намени. Така што, ние не навлегуваме во типот на објектите, доколку се за таа намена. Така што тоа е во надлежност на општина Центар и тоа не е предмет на нашето мислење.
XS
SM
MD
LG