Достапни линкови

Сребрен медал на ЕП во Карате за Наташа Илиевска


Карате натпревар
Карате натпревар
Наташа Илиевска минатата недела на македонското женско карате му го донесе најголемиот успех на меѓународна сцена. Таа на Европското првенство во хрватскиот град Загреб го освои сребрениот медал во борби во дисциплината до 55 килограми. Историско постигнување до кое членката на карате клубот Макпетрол дојде по победите прво над претставничките на Полска и Австрија, а потоа и над главните фаворитки за висок пласман, Германката Окл и Санду од Романија. Тоа ја доведе до финалето, каде што со 1 спрема 0 беше запрена од домашната натпреварувачка Ковачевиќ. Минимален и несреќен пораз, кој сепак, не го намали задоволството од големиот успех.

„Овој успех е остварување на секоја моја досегашна желба, бидејќи јас сум долгогодишен член на македонската карате репрезентација и постојано бев блиску до медал и ова е остварување на мојот сон. Искрено, длабоко во себе се надевав на овој успех и премногу сум задоволна,“

вели Илиевска, која до медалот дојде на шампионатот на кој учествуваа рекордни 800 натпреварувачи од исто така рекордни 44 земји. Покрај ова, среброто добива уште повеќе на тежина кога се знае дека пред само четири месеци таа скрши две коски на левата дланка, поради што не можеше да тренира со полн интензитет. Тоа беше причина селекторот Бошко Заборски да не е голем оптимист пред настапот во Загреб, иако на Наташа во минатото на неколку пати и недостасуваше само една победа за освојување медал. Сепак, според народната дека среќата доаѓа кога најмалку и се надеваш, каратистката со 14 годишен репрезентативен стаж конечно освои вицешампионски трофеј, за надеж дека наскоро ќе дојде и до самиот врв, односно до златен медал. Според селекторот тешка, но не и недостижна цел.

„Таа сега треба да продолжи да вежба, со исто темпо, дури и поголемо, сега има и поголема обврска. Се надевам дека еден ден ќе не израдува и со влез во финале, иако тоа е многу тешко, тоа морам да потенцирам, но ние сме оптимисти и во изјавите и во резултатите,“

изјави Заборски.

Илиевска, пак, сега сака малку да одмори, а кога се во прашање очекувањата за поголем успех и тоа веќе на следното Европското и Светското првенство, кои ќе се одржат догодина:

„Дај боже! Тоа е желба на секој спортист, зошто да не? Кога стигнав до тука, сега ќе биде можеби и полесно.“

додаде Илиевска, која со освоениот трофеј во Загреб ја продолжи серијата успешни настапи и освоени медали на македонските каратисти на големите натпреварувања. Неа ја започна Иво Цветковски со европското сребро пред две години во Словачка, каде што Сашко Арсовски се закити со бронза, исто како и Ардита Исени лани на ЕП во Естонија.
XS
SM
MD
LG