Достапни линкови

Тројачката котлина нуди услови за селски туризам


Прилеп
Прилеп
Врз бедемите од некогашниот римски град Тројак, чии остатоци се видливи и денес на површина од 207км, во срцето на Македонија се простира питорескната Тројачка котлина. Опфаќа 7 села со едвај 200 жители или просечно по 30-тина постари луѓе живеат во Дрен, Смолани, Царевиќ, Тројаци, Топлица, Ракле и Никодин во еколошки чист предел. Лозови насади од кои се прави питко вино, овоштарници, градинарски култури, крај селата трла од кои се слуша добитокот, а луѓето вредни жилаво се борат со животот, горди што се родени тројачани, што живеат таму каде што се негувал и хранел револуционерниот македонски дух, велат таму каде што е се уште жив споменот на битките од Илинденскиот период и НОБ. Споменот е жив, но 13-те споменици се заборавени:

„Еден споменик толку е важен колку што е посетен. Ние ако мислиме да го развиваме туризмот, тогаш треба да ги истакнеме спомениците.“

вели пензионираниот наставник Александар Иваноски-Глоговичанец. Селата се без елементарна инфраструктура: водоводи, патишта, луѓето без здравствена, полициска заштита. Животот запрел повеќе од 5 децении. Жителите разочарани од власта, повторно собираат сили и чукаат на вратите од институциите, бараат помош селата да се ревитализираат:

„На пример Словенија има од својот БДП милионски суми за алтернативниот туризам. Би сакале и ние да одиме по овој пример.“

Вели Никола Јанески, претседателот на месната заедница.
Котлината изобилува со огромни природни богатства, руди, мермер, варовник, над 20 пештери со сталактити, сталакмити и други пештерски украси кои ги вајала природата со илјадници години:

„Во овие пештери има знаци од присуство на морски школки.“

Вели треварот Борис Богески од Тројаци. Затоа во тек се проекти за развој на пештерскиот, манастирскиот, црковниот и селскиот туризам. Месната заедница подготви и бизнис план за развој на котлината. Реализирани се 2, во тек е проект за изградба на водовод, а месната заедница со помош на локалната самоуправа, ќе аплицира до ресорните министерства и странски донатори за да обезбеди средства за реализација на останатите 7 проекти. Од месната заедница се оптимисти дека овој пат, прилепската општина ќе им помогне котлината да заживее, а жителите да излезат од заборав.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG