Достапни линкови

Евро-зоната во криза


EU -- Euro coins and bank notes - generic photo
EU -- Euro coins and bank notes - generic photo
До пред извесно време, на почетокот од годинава, еврото изгледаше силно и во споредба со доларот, имуно на светската економска криза. Но, денес и вредноста на еврото паѓа, а дел од економистите сметаат дека тој тренд ќе продолжи.

Евро-зоната изгледа е целосно погодена од рецесијата во Соединетите Држави, а тоа се гледа и низ курсот на еврото. Деновиве, едно евро се менуваше за долар и 26 центи, а се очекува натамошен пад на европската валута. Според економистите, се очекуваат загуби во некои источно-европски земји, каде што банките од евро-зоната дале крдити од над 1,5 трилиони долари во изминатата декада ипол. Секое пропаѓање на тие кредити ќе ги погоди банките во Австрија, Германија, Шведска, Италија и други земји. Многумина финансиски експерти оценуваат дека евро-зоната би можела да влезе во рецесија, дури полоша и од американската. Јорг Радеке вели:


"Само пред два, три месеци, многумина сметаа дека само Соединетите Држави се практично изложени на финансиската криза, а оти земјите од евро-зоната ќе ја поминат полесно, дека ќе има одредени проблеми во надворешната трговија. Но сегашните податоци покажуваат дека ниедна напредна економија не е имуна на кризата".

Според статистичките податоци на Европската Унија, економијата во евро-зоната, во последните три месеци од минатата година, забележала пад од 1,5 насто. Тоа е полошо и од Соединетите Држави, каде што, во истиот период имаше пад од 1 насто. Намален е кредитниот рејтинг на некои европски земји, како на Грција, Шпанија и Португалија. Ирска има проблеми со буџетскиот дефицит, кој може да достигне 12 насто од Бруто Домашниот Производ. Во други земји, како Австрија, Шведска, Белгија, Холандија и Луксембург, има проблеми со големите долгови на банките, во споредба со Бруто Домашниот Производ. Според Радеке тоа се показатели не само на рецесија, туку и на проблеми кои ги нема во Соединетите Држави. Дополнителна загриженост за евро-зоната предизвикува и фактот што не постои единствена стратегија за излез.


"Работите со евро-зоната се такви, бидејки, за разлика од Соединетите Држави и Велика Британија, не станува збор за една причина за лошите економски показатели, туку зависи од земја до земја".

Вели Радеке, додавајки дека затоа и претставниците на Европската Унија зборуваат за координирање на мерките, но засега се останува само на зборови.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG