Достапни линкови

Вечерва во КИЦ изложба на Танас Луловски Тане


Ќе бидат изложени 40тина слики и 20тина цртежи, најголем дел во сопственост на семејството на Луловски.

Танас Луловски Тане е роден на 20 февруари 1940-та година во с. Желево, Леринско. По избувнувањето на Граѓанската војна во Грција животот најпрво го носи во Војводина, па потоа во Романија, каде што во 1967 година дипломирал на Институтот за ликовни уметности Николае Глигореску и каде што ја имал својата прва самостојна изложба. Во Скопје доаѓа во 1968 година кога за прв пат учествувал на Изложбата Наше минато. Станува член на ДЛУМ, а до 1985 година работел како слободен уметник. Како стипендист на италијанската влада, Луловски, потем престојувал во Рим каде се стекнал со специјализација на Академијата за ликовни уметности и тој е првиот македонски сликар кој се поврзал со оваа институција. Неговата афирмација како ликовен уметник започнува во 70-тите години на минатиот век, кога ќе го привлече вниманието на јавноста со своите платна, со делата со мотив на писмо и текст, со мултимедијалните концептуални проекти, со цртежИ и текстови, со отворените писма во кои ќе укажува и опоменува на насоката во која се движи човештвото. Посебно ќе останат забележани неколкучасовната изложба во Уметничката галерија во Скопје во 1982-ра, делото Распнување: Триптих, циклусот на дела Детски игри, Интервенции во бело, како и концептуалниот проект со кој бил отворен Изложбениот простор во Уметничката галерија Чифте-амам во Скопје во 2002 година.

По три години од смртта на овој професор по сликарство на Ликовната академија, добитник на бројни домашни и интернационални награди, но уметник и човек кој си замина заборавен од државата и еснафот, во Културно информативниот центар, во трите салони, до 9 април годинава, ќе се одвива омажот на неговото творештво.

,,Сите оние дела кои се во сопственост на потесното семејство, во сопственост на неговата ќерка, а кои беа оштетени од временските влијанија се конзервирани и соодветно врамени. Ќе бидат изложени дела и од Националната галерија, како и некои дела од приватните колекционери,"

истакнува Златко Стевковски, првиот човек на КИЦ. Говорејќи за овој проект и за самиот чин на отворањето на изложбата тој со дополна:

,,На отворањето ќе говори неговиот пријател декан на Факултетот за ликовни уметности и актерот Петар Темелковски исто така негов пријател, кој ќе интерпретира стихови од Никола Јонков Вапцаров, омилените на Лиловски."
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG