Достапни линкови

Има ли листа на бугарски државјани на кои им е забранет влез?


илустрација
илустрација

Министерството за внатрешни работи не одговара конкретно дали има список на бугарски државјани на кои им е забранет влез во Северна Македонија. Велат дека се спроведувал Законот за странци. Бугарскиот шеф на дипломатијата тврди дека граничните власти кои не им дозволиле влез на бугарските државјани на 6 мај ги известиле дека се на црна листа.

Дали на странски државјанин ќе му биде одбиен влез во Северна Македонија одлучува исклучиво Министерството за внатрешни работи, а мерка „забрана за влез“ може да изрече МВР, надлежен суд или други органи во рамките на законските надлежности. Ова е образложението на македонското Министерство за внатрешни работи откако пред неколку дена не им беше дозволен влез во Северна Македонија на европратеникот Андреј Ковачев, претседателот на фондацијата „Бугарска Меморија“ Милен Врабевски и на други тројца бугарски државјани.

На конкретните прашања на Радио Слободна Европа: дали има други случаи на бугарски државјани на кои од 2020 година не им бил дозволен влез во Северна Македонија и ако има кој бил мотивот да не им се дозволи влез и дали постои список на бугарски државјани на кои им е забрането да влезат во земјава, од МВР одговорија:

„Полициските службеници секојдневно извршуваат проверки на граничните премини на лица - странски државјани кои остваруваат влез во Република Северна Македонија, односно го испитуваат исполнувањето на условите за влез во РСМ предвидени во Законот за странци. Согласно член 11 од Законот за странци се остварува и влез во Република Северна Македонија. Доколку странецот не ги исполнува условите за влез и не припаѓа на исклучоците определени со наведениот закон, му се одбива влез“, се вели во одговорот од МВР.

Македонските власти не им дозволија влез на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, претседателот на фондацијата „Бугарска Меморија“ Милен Врабевски и на други тројца бугарски државјани на македонска територија на 6 мај за да присуствуваат на настан во спомен на бугарските војници загинати за време на Балканските војни кај Ново Село.

Министерот за надворешни работи на Бугарија Иван Кондов вчера изјави дека лицата на кои не им бил дозволен влез во Северна Македонија се наоѓаат на црна листа.

„Во известувањата доставени до бугарските државјани од граничните власти на Северна Македонија, експлицитно е наведено дека во граничниот систем на нашата соседна земја се наоѓаат на забранета листа“, рече Кондов на брифинг со новинарите во Софија.

Софија ќе се жали во ЕУ

Најави дека Министерството за надворешни работи ќе испрати официјални писма до институциите во Европската унија.

Македонското Министерство за надворешни работи пак информираше дека во групата со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во МВР имало сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради други во групата со која патувал.

За бугарскиот шеф на дипломатијата тезата, дека Андреј Ковачев е „индиректна штета на други лица“ кои претставуваат закана за јавниот ред, е неодржлива.

На забранетиот влез на европратеникот Ковачев реагираа и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и лидерот на Европските народни партии во Европараламентот Манфред Вебер. Вархеји на Твитер ја повика Владата да ја појасни ситуацијата.

Ова не е прв пат да има тензии на граничните премини меѓу двете земји. Во февруари годинава, кога се одбележуваше 151 годишнината од роденденот на Гоце Делчев во Скопје, стотина бугарски граѓани не успеаја да влезат во земјата, затоа што македонскиот систем за контрола на граничниот премин беше во прекин, поради технички проблеми. Тогаш тројца бугарски државјани беа приведени за нарушување на јавниот ред и мир.

Роденденот на Гоце - настан од полузатворен карактер
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:53 0:00

Бугарските власти пак ги замолија европратеникот Андреј Џамбаски и пратеникот Костадин Костадинов да останат во Бугарија, откако претходно на 14 јануари во Скопје заедно со уште стотина бугарски граѓани ја одбележаа смртта на револуционерката Мара Бунева и притоа скандираа „Македонија е бугарска“. Македонското МНР тогаш предупреди дека на секој кој ќе го навреди достоинството на македонскиот народ и неговиот идентитет, ќе му биде забранет влез во Северна Македонија. Претседателот на државата Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност на 23 јануари и предложи на Владата да се забрани влез на еден бугарски европратеник и на неколку други бугарски граѓани заради дејствија против државата, а кажа и дека некои од нив се поврзани со руските разузнавачки служби.

Уставни измени - обвинувања и подготовки

Меѓу другото, бугарскиот шеф на дипломатијата Кондов вчера посочи дека Скопје не преземалo доволно мерки за спроведување на обврските од Договорот за добрососедство, како и за “проблемите на луѓето со бугарска самосвест во соседната земја“.

„Очекуваме земја која е кандидат за членство во Европската унија ефективно да ги заштити сите свои граѓани. Наместо тоа, сведоци сме на обиди да се замолчи гласот на македонските Бугари со кревање неосновани обвинувања против нив, со притисоци со тужби, со демонизирање во медиумите и особено на социјалните мрежи“, нагласи министерот Кондов.

Во Северна Македонија веќе се работи на текстот за измени на Уставот со кој Бугарите ќе бидат внесени во Преамбулата. Во Скопје денеска се одржува работен состанок на Работната група за подготвување на предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот. Тоа е услов за продолжување на преговорите со Европската Унија по скринингот, а за чие усвојување е неопходно двотретинско мнозинство во Собранието.

Но, во невладиниот сектор во земјава има сомневања дека нема да биде единствениот услов за почеток на преговорите по поглавја со ЕУ. Од Институтот за демократија укажуваат на можните ризици затоа што не е прецизирано кои други услови произлегуваат за старт на пристапните преговори.

Инаку, односите меѓу Северна Македонија и Бугарија се влошени во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Блокадата се надмина минатото лето со усвојување на Францускиот предлог и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но остана условот на Бугарија за отворање на поглавјата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG