Кога украинските војници искинаа постер со руско знаме од билборд во Балаклија, град во регионот Харкив што беше ослободен на 8 септември, тие одоздола неочекувано открија песна од најистакнатиот украински поет од 19 век, Тарас Шевченко.
„Продолжете да се борите - сигурно ќе победите!“ се зборовите на едно од неговите најпознати дела, насловена „Кавказ“ и напишана пред повеќе од 150 години за да ја слави национално ослободителната борба против Руската империја.
Зеленски во посета на еден од неодамна ослободените градови
Фразата, која во последните месеци стана популарен слоган за време на војната, го одразува ентузијастичкото расположение што преовладува низ Украина по молскавична офанзива на Киев во регионот Харкив, што доведе до речиси целосен колапс на руската одбранбена линија таму.
Успехот на операцијата го изненади дури и министерот за одбрана на Украина, Олексеј Резников, кој за Фајненшл Тајмс изјави дека операцијата поминала „подобро од очекуваното“.
Сега, кога сликата за тоа што се случи станува се појасна, РСЕ разговараше со неколкумина украински воени аналитичари за тоа што се случи и што да се очекува понатаму.
Успехот носи предизвици
„Верувам дека Резников можеби навистина беше изненаден од успехот на нашата армија“, вели украинскиот воен аналитичар Михајло Жирохов, додавајќи: „Обично, операции од таков размер би ги извршувале најмалку шест бригади, додека Украина таму ангажирала од три до четири бригади“.
Според Жирохов, целта на почетниот удар од страна на украинските сили била многу добро избрана: тие прво ги нападнале слабо обучените милиции мобилизирани во неодамна окупираните украински територии, а потоа и единиците на руската Национална гарда, кои обично се користат за сузбивање демонстрации и имаат ограничено борбено искуство.
„Кога Русите се обидоа да соберат редовни трупи, веќе беше доцна и хаотичното повлекување беше во полн ек. Кога украинските трупи ја презедоа контролата врз клучните северни градови Купјанск и Изум за само четири дена и стигнаа до реката Оскил два дена подоцна, Русите немаа шанса да ги прераспоредат војниците од другите области“, рече Жирохов.
Украина вели дека Русија користи ирански беспилотни летала
Ова беше можно само затоа што руските команданти беа целосно изненадени. Почнувајќи од почетокот на август, Киев покрена контраофанзива во регионот Керсон, што ја натера Русија да префрли некои од своите најдобри сили на југ.
Поради информативното затемнување наметнато од украинските власти во зоната на воени дејствија, јавноста има ограничено и одложено знаење за украинскиот напредок.
Но, брзите успеси носат нови предизвици. Најверојатно, на Украина наскоро ќе и треба оперативна пауза на местата каде што повторно зазеде територија, смета Жирохов.
„Кога левото крило на единиците во Славјанск и Краматорск ќе биде целосно заштитено, војската на Украина ќе мора да се фокусира врз обезбедување логистички и одбранбени структури на 6.000 квадратни километри што ги освои“, објасни тој.
Југот е клуч
Во меѓувреме, фокусот на конфронтација би можел да се врати на југ. „Иако вниманието на набљудувачите сега е префрлено на регионот Харкив, клучот за иднината на војната сè уште лежи на југ“, изјави за РСЕ експертот за безбедност Павло Лакијчук.
Украина работи на стабилизирање на ситуацијата на повторно заземените области
Според него, Русија со преместувањето на своите трупи на западниот брег на реката Дњепар не само што ги намалила своите сили на североисток, туку и ги оставила во позиција која станува се поопасна. Во текот на изминатиот месец, украинските сили постојано ги отсекоа двата моста преку реката и ги отфрлија руските напори за надополнување на своите сили преку шлепери и понтонски траект.
Украинските сили, исто така, неодамна постигнаа значителни територијални придобивки на југот - околу 500 квадратни километри територија во текот на изминатите две недели, според портпаролот на оперативната команда Југ, Наталија Хумениук.
Според Лакијчук, за Русија би било подобро ако се повлече на источниот брег на реката Дњепар, но домашните политички размислувања го спречуваат тоа. Украинските команданти ја користат оваа стратешка грешка за систематски да ги ослабат способностите на руските трупи заробени на западниот брег.
„Ефектот ќе биде ист како на североисток: руските војници ќе бидат оставени сами на себе по нивна команда и или ќе се предадат или ќе се обидат да побегнат“, додаде Лакијчук.
Шолц го повика Путин да се согласи на прекин на огнот
Според Хуменјук, некои руски единици во регионот Керсон почнале да се обидуваат да преговараат за предавање на украинските сили откако дознале за неуспехот околу Харков. „Степенот на деморализација е толку висок што дури и командантите сега сфаќаат дека немаат каде да одат“, изјави таа.
„Треба само да продолжиме“
Повеќето украински воени експерти се согласуваат дека по минатонеделната контраофанзива, руската цел за заземање на целиот регион Доњецк повеќе не е остварлива, и затоа Кремљ треба да излезе со нова агенда.
„Украина уште еднаш ги спречи плановите на Русија, токму како на крајот на март и почетокот на април кога, по битката кај Ирпин, Украина ја врати контролата врз целиот регион на Киев“, изјави Иван Ступак, поранешен офицер на украинското разузнавање (СБУ) и воен експерт за РСЕ.
„Тоа кажува дека руските официјални медиуми не можеа да ги проголтаат овие случувања пред да можат да известуваат за бомбардирањето на нашата енергетска инфраструктура“, додаде тој, мислејќи на руските ракетни напади врз цивилни електрични и водни објекти кои беа пријавени во Харкив, Суми, регионите Полтава, Запорожје и Дњепропетровск.
Според Ступак, Русија ќе го интензивира гранатирањето на електрани, топлински станици и електрични далноводи. И ќе продолжи да ја искористува својата контрола над нуклеарната централа Запорожје за да го „тероризира и уценува украинското општество“.
Но, таквите тактики ја откриваат стратешката слабост на Русија, тврди тој. „Кремљ не е во можност да објави мобилизација, а рускиот претседател Владимир Путин се чини дека ја губи контролата врз она што се зборува на руската државна телевизија. Иницијативата е јасно на наша страна; само треба да продолжиме“, рече Ступак.