Протестите против францускиот предлог за надминување на проблемот со непопустливоста на Бугарија со ветото нашава земја да ги почне предпристапните преговори за членство во ЕУ, од кои РСЕ правеше директен пренос, како и другите информации на оваа тема, доминираат во коментарите на нашата ФБ страница, покрај оние за руската инвазија врз Украина.
Горан Симевски извикува: „Браво, Македонци, нè има уште. Браво!“, а Томислав Димитријевиќ Томачо потсетува: „Познато е дека во Северна Македонија живеат Срби кои се идентификуваат како Македонци, а Србија од тоа не прави никакви проблеми“. Перо Арсовски предизвикал контра дебата со неколкумина поддржувачи на протестот во неделата вечер: „Судејќи по организаторот, говорниците и другите поддржувачи на протестов, тој има сосема друга цел: враќање на криминалците од ДПМНЕ. Ретко кој знае за што протестира, па дури и говорниците. Повеќето се со бугарски пасоши“.
Во преписката има коментари со многу лични навреди кон Перо Арсовски, но нив нема да ги цитираме. Ѓоко Ристовски му реплицира: „Народот е организатор, знае тој за што протестира, ама ти не знаеш“. Перо Арсовски му одговара: „Ти ќе ми објасниш заедно со Мицкоски и Дурловски“.
Славка Трајковска до актуелната власт: „Секогаш се служеле со лаги и манипулации, и сега го прават истото“. Адем Липовица му се обраќа на Перо Арсовски: „Не се секирај, утре задутре Мицко ќе излезе и ќе каже го поддржувам францускиот предлог, живи били па видели“.
„Мицкоски нема да бара предвремени избори ако Ковачевски го одбие францускиот предлог“ е нашата информација по која исто така има многу објави. Илија Караѓорев пишувал со кратенки: „Не се работи за приф. или неприф. на франц. предлог, се работи за ’Делчевски ниви‘ и ’Бела палата‘, сака трампа?!“ Енис Шакири покрај другото му препорачува на Димитар Ковачевски: „... Премиере, не попуштај на ВМРО“. Емини Фети вели: „Не го интересираат ни избори ни Македонија, само да не го прашат како дојде до централите и другото“. Антонија Митрева се чуди: „До вчера беа протестите за предвремени избори, сега се откажува. Е, како тоа?“
Војната во Украина. „Москва тврди дека ја презела контролата врз Луганск во источна Украина“ е следната наша информација, по која Велјо Настески, како да се подбива, коментирал: „Како бе така, ајде запад јаки сте, на сите филмови запад победуваше“, но Бобан Велковски забележува: „Русија објавува многу нешто само тоа што треба не. Зошто не објави каде се нивните млади деца повредени и оставени без помош како гинат?“