Тешката миризба околу основното училиште „Рилиндја“ во кумановското село Лојане навестува тони токсичен отпад во близина, вклучително и арсен наталожен на депонија во близина местото каде учат и играат околу 400 деца.
„Секогаш им велам на моите ученици да не се приближуваат до оваа депонија“, изјави за Ројтерс, Африм Зимбери, наставник по географија во училиштето, покривајќи го носот од мирисот од депонијата која се наоѓа на 100 метри.
Рудникот за хром и антимон во селото Лојане бил затворен во 1979. година, а отпадот бил оставен на отворено, загадувајќи го земјиштето и подземните води.
Според Светската здравствена организација, арсенот е една од 10-те хемикалии кои предизвикуваат голем ризики за јавното здравје. Се вели дека долготрајната изложеност на арсен преку вода и храна може да предизвика рак.
Според извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации, направен во 2007 година, милион тони отпаден материјал со токсични концентрации на арсен, антимон и други опасни материи, имало на депониите во селото и во негова близина. Нема понови податоци.
Околу 5.000 тони се на само неколку метри од железничката линија каде меѓународните возови одат од Грција преку Северна Македонија и кон остатокот од Европа.
Македонија идентификуваше 16 локации на опасен индустриски отпад низ земјата.
Според Линдита Дика, од владината канцеларија за индустриско загадување и управување со ризик, отпадот од арсен не е отстранет бидејќи чекаат инвеститори да го купат.
Таа вели дека турска компанија се повлекла од договорот во 2022 година бидејќи немале економски интерес, но наскоро ќе биде отворен нов тендер штом ќе се обнови побарувачката. Арсенот се користи како средство за легирање, а исто така и за производство на стакло, пигменти, текстил, лепила и пестициди, вели СЗО. Во меѓувреме, Владата планира да ја блокира областа.
Нема веродостојни податоци за ефектите врз здравјето на луѓето, но во извештајот од 2007 година се вели дека концентрацијата на арсен во почвата и водата е до 50 пати повисока од дозволените меѓународни стандарди.
„Владата би требало веднаш барем да ја изолира областа, а потоа да преземе мерки како инструкции да не се користи водата од бунарите за пиење“, вели Трајче Стафилов, професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Пензионерот Фатмир Селмани се надева дека бокалот со филтер обезбедува одредена заштита додека вади вода од бунарот во близина на неговата куќа. „Водата има подобар вкус кога поминува низ овој филтер отколку без да се филтрира“, вели Селмани.
Во селото сместено на половина километар од границата со Србија, мнозинството луѓе ја користат водата од бунарите за пиење и за стока или за земјоделство.
Извор: Ројтерс