Достапни линкови

СДСМ во „немилост“ на ДУИ за да нема предвремени избори


Владина седница за првите 100 дена од нејзиното работење
Владина седница за првите 100 дена од нејзиното работење

Однесувањето на министерот Бектеши и на собранискиот спикер Џафери помина без став од СДСМ и покрај постојаните реакции од ВМРО-ДПМНЕ и јавноста. Аналитичарите Божиновски и Незири сметаат дека СДСМ не сака да ги нарушува односите со ДУИ за да нема избори, но, тоа партијата ќе ја чини гласови.

Со денови Владата и СДСМ молчат за однесувањето на министерот за економија Крешник Бектеши и на собранискиот спикер Талат Џафери и покрај реакциите во јавноста и од ВМРО-ДПМНЕ. Иако, досега партиските препукувања меѓу власта и опозицијата се редовна појава со размена на по неколку соопштенија секојдневно, во овие два случаи тоа изостана.

Бектеши за време на посетата на Албанија се сликаше само со знамиња на нашиот западен сосед, а притоа и реагираше на обраќањето до него кога го нарекоа македонски министер. По неколку дена Бектеши се правдаше дека му е чест што е министер на Македонија, а што се однесува до неговата изјава, како што рече, реалноста е дека Албанец.

Џафери, како што можеше да се слушне на аудио снимка, со вулгарен речник и со навреди се обрати кон вработените во службата за седници во Собранието. Премиерот Димитар Ковачевски избегна да даде коментар за Џафери, иако како што рече ја погледнал снимката, но не може да ја коментира бидејќи не се гледало со кого собранискиот спикер разговара.

Собранискиот спикер Џафери ги навредува вработените
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:19 0:00
Директен линк

Во моментов ДУИ, а не СДСМ е главниот фактор во државата и во Владата, вели политичкиот аналитичар Бладимир Божиновски. Само на СДСМ не и одговараат предвремени парламентарни избори и затоа на ДУИ му се остава удобната позиција.

„Едноставно нема да им се даде никаков изговор за да да не одат на избори и тоа го прави СДСМ во моментов. Значи ДУИ може буквално што сака да прави СДСМ нема да реагира, напротив само дополнително ќе ги брани и тоа гледаме дека се случува. Или со активна одбрана или со пасивна одбрана, односно со избегнување на одговори“, смета Божиновски.

И политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека се работи за претпазливост од страна на СДСМ кога се работи за челници од ДУИ од причина што токму од оваа партија зависи дали ќе биде одобрено барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори или не.

„Значи ако се влошат односите со ДУИ тоа би значело приближување на оваа партија кон ВМРО-ДПМНЕ што би резултирало со предвремени парламентарни избори затоа мислам дека СДСМ калкулира со внатре коалициските односи, односно сака да ги зачува и сака да ги зацврстува со цел Владата да остане стабилна и мандатот да се истера до крај“, вели Незири.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски однесувањето на Бектеши го оцени како „непријателски акт“. Додека опозициската партија повика Џафери да даде оставка од функцијата, бидејќи се обратил со скандалозен и примитивен речник.

Од СДСМ во однос на Бектеши за РСЕ велат дека се работи за личен став на министерот за економија и партијата смета дека станува збор за коментар кој се однесува на неговата националност, а не на државата.

На прашањето за однесувањето на Џафери, од СДСМ кое ВМРО-ДПМНЕ го нарече скандалозно и примитивно, од владејачката апртија велат дека тоа зборува за ниското ниво на политичка култура во самата партија, и како што додаваат, очајот на Мицкоски и СДСМ нема да се спушта толку ниско.

Од Владата пак велат дека на сите официјални средби предвидени во официјалната посета на Бектеши на Тирана според државните протоколи на двете земји било истакнато државното знаме.

„Средбата која што е предмет на Ваш интерес не беше официјална и не беше предвидена во официјалната агенда“, велат од Владата.

Од Владата за Џафери посочуваат дека не може да коментираат случувања во Собранието, зашто станува збор за посебна власт која има сопствен деловник во кој се уредени односите.

Од 2017 година ДУИ е во коалиција со СДСМ, откако и покрај победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори, најголемата партија од албанскиот блок донесе одлука да не ја дели власта со нивниот дотогашен коалиционен партнер.

СДСМ, како што посочува Божиновски, со одбрана на ДУИ го губи рејтингот кај гласачите.

„Затоа што ако не ги одбранат ДУИ знаат дека ќе има избори. Ако има избори ќе изгубат. Со ова они секојдневно буквално губат гласови. И тие што ги имаат веќе ги губат. Едноставно најсилен поддржувач да си на СДСМ во моментов не можеш да ги оправдаш“, посочува Божиновски.

Дали фактот што од СДСМ нема реакции кога јавноста ги очекува ќе го чини гласови, Незири вели дека владејачката партија ја избира помалку лошата опција за партијата.

„Помеѓу собирање политички поени и прагматизам мислам дека СДСМ го избира второто, односно да ја зачува Владата и да го истера мандатот до крај. Веројатно внатре партиските мерења на рејтингот покажуваат дека најлоша варијанта за партијата е да одат на избори. Ако во јуни се случи чудо и се започнат преговорите со ЕУ тогаш тоа би било силен ветер во грб за партијата и да се воздигне до нивото кое беше во 2017 година“, додава Незири.

Но од друга страна почетокот на преговорите со ЕУ е блокиран поради спорот со Бугарија. Кабинетот на бугарскиот премиер Кирил Петков соопшти дека тој нема наскоро да го посети Скопје, односно нема да има заедничка седница меѓу двете држави, бидејќи се уште не е изготвен документ врз која може да се работи врз основа на Договорот за добрососедство и пријателство. Воедно и дека Петков очекува македонската Влада наскоро да формира институција за Бугарите.

Премиерот Ковачевски, од своја страна, денеска изјави дека ние сме единствената држава во Европа која што има министерство за помалите етнички заедници и законски решенија со кои што се унапредуваат правата на помалите заедници во секоја смисла. Ковачевски претходно изјави и дека седницата со Бугарија предвидена за 22 мај нема да се одржи бидејќи, како што рече, тоа не го дозволувале агендите.

Бугарија од 2020 година го блокира почетокот на преговорите со ЕУ на Северна Македонија и покрај тоа што двете држави во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство. Најгласното барање од источниот сосед во последно време за решавање на спорот е внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.



  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG