Во рок од една недела се случија 4 напади на интернет страници, од кои три на државни институции како Државна изборна комисија, потоа Министерство за здравство и Министерство за образование и една на најголемиот македонски интернет агрегатор тиме.мк. Колкави се шансите овие сајбер напади да се поврзани?
Ако ги земеме предвид глобалните сајбер напади што се случуваат на секојдневна основа, ни Македонија не е изолирана од тоа. Сепак последните сајбер напади не можеме да ги земеме сите заедно иако дел од нив беа поврзани преку таканаречената Анонимус група на Македонија, не би можеле да коментираме и да речеме дека тие претставуваат една целина или еден глобален напад врз Македонија од страна на организирана хакерска група. Нападот што се случи, се гледа дека има некаква политичка позадина и е дирекно поврзана со тековните збиднувања во Македонија, но сепак би рекол дека овие сајбер напади не се од високоризична категорија, од причина што не претставуваат директен упад во системите каде што се наоѓаат доверливи податоци и податоци од класифицирана природа на организациите на институциите. Така што, едноставна промена или недостапност на одреден сервис не претставува тежок сајбер напад врз институциите.
Каква порака носат конкретно последниве напади ?
Хакерските напади во Македонија не се од вчера, тие се случуваат многу од поодамна и се светски тренд на глобално ниво. Не може ние да бидеме изолирани од нив, што значи дека последните се само дел во низата хакерски напади што се случуваат. Некогаш тие доаѓаат од надворешен фактор, некогаш се од внатрешен фактор. Но во секој случај за последните може да заклучиме дека се работи за револтирани индивидуалци кои сакаат на некој начин да ја покажат својата гневност или револт кон скорешните збиднувања во државата, ништо повеќе. Повторно ќе се повикам на тоа што претходно го кажав, дека не се напади од висок ризик.
За неодамнешни настани мислите на изборите ?
Па дали се тоа политички препукувања, дали се избори, самата ситуација во државата која е нестабилна, претпоставувам дека тоа би можело генерално да влијае како причина за изведување на овие хакерски напади од страна на индивидуалци кои согласно со пораките што беа оставени, очигледно се од некои што потекнуваат од овие простори.
Која е генерално тежината на сајбер инцидентите во земјава, и дали ние како држава имаме капацитети да се справиме со нив?
Тоа е малку тешко прашање да се одговори, бидејќи кај нас немаме ние централизирана заштита на сите институции под една капа, тоа значи дека секоја институција засебно си ја води заштитата дали со свои, дали со надворешни ресурси и секоја е одговорна за сајбер заштитата за својата институција сама по себе. Што значи не би можеле да генерализираме за цела Македонија, затоа што некои институции го прават подобро од други институции. Сепак би сублимирал на крај дека во Европа и во западниот свет сме сведоци дека посоодветни типови на сајбер заштита функционираат, на нас не ни останува ништо друго туку само да ги ископираме и да ги примениме за да направиме една глобална заштита на ниво на држава која ќе ги штити сите дражвни институции и ресурси во сајбер светот.