Повисоки глоби за намалување на загадувањето на животната средина, но и кривична одговорност предлага владејачкото мнозинство, во услови кога Македонија со години се соочува со високо загадување на воздухот, водите и почвите.
Министерството за правда предлага измени на Законот за прекршоци, бидејќи, како што е наведено во текстот, постоечките прекршоци не можат да ги одвратат сторителите кои загадуваат, а трендот на загадување на животната средина продолжува во континуитет.
„Како претставник на зелената партија ДОМ апсолутно поддржувам дека треба да бидат зголемени, зошто видовме дека со намалување на глобите ефектот беше минимален. Така, на пример во еден загаден град како што е Скопје, мисламе дека треба да се зголемат казните“, вели пратеникот Мирослав Богдановски од партијата ДОМ која е дел од владејачкото мнозинство во Собранието.
Предлагачот на измените наведува дека донесувањето на овој закон ќе придонесе за заострување на казнената политика со можност за зголемување на глобите за физичките и правните лица во областа на животната средина.
Претставници на граѓански организации за заштита на животната средина велат дека суштината на овие измени е во додавањето на членот 7, кој предвидува дека глобите може да бидат поголеми од досега пропишаните за правни лица кои ќе направат прекршоци од областа на животната средина.
„Практично се вадат од закон за прекршоци за да може да се дозволи повисока глоба за загадување на животната средина и природата“, вели Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест.“
Богдановски додава дека освен зголемувањето на казните, ќе предложат и кривична одговорност за сторителите.
„Со паричните средства не може да се врати во првобитна состојба тоа што е уништено. Таму ќе има последици, така што казните се едно, меѓутоа тука ќе има и кривични санкции“, вели Богдановски.
Став во врска со предложените измени побаравме од опозицијата, но координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски не одговори дали неговата партија ќе поддржи вакви измени.
Инаку, во главниот град Скопје и други градови во Македонија деновиве имаше високо загадување на воздухот, нешто што со години се случува особено на време на грејната сезона.
Но тоа не е единствениот проблем. Само оваа година неколку пати имаше истекување на индустриски материјал во реките во земјава.
Во септември оваа година од рудникот САСА истекоа 3.000 метри кубни јаловина во Каменичка Река.
Претходно имаше и видливо загадување на реката Вардар во Скопје, а потоа и на реката Брегалница.
Во период од три години, од 2017 до 2019 година, има вкупно 179 прекршочни постапки, осум кривични пријави и околу 700 акти во инспекциска постапка, изјави за РСЕ во јули Дарко Блинков – раководител на Секторот за поддршка, аналитика и меѓународна соработка при Државниот инспекторат за животна средина.
Предлог измените на Законот за прекршоци е поставен на интернет страницата ЕНЕР, каде во периодот до неговото влегување во собраниска процедура засегнатите страни можат да даваат забелешки во однос на предложениот текст.