Тројца американски сенатори - Крис Марфи (демократ од Конектикат), Роб Портман (републиканец од Охајо) и Џин Шахин (демократ од Њу Хемпшир) - изјавија за РСЕ дека иако Вашингтон и Москва имаат области каде што се согласуваат, како што е новиот договор СТАРТ и напорите за денуклеаризација, Бајден треба на состанокот да му каже на Путин дека неговите субверзивни активности против САД нема да бидат занемарени.
„Треба да му дадеме до знаење на Владимир Путин дека сакаме да ги повикаме него и Русија одговорни за нивните постапки. Путин беше многу агресивен кон САД, во неговите напори да се меша во американските изборите“, рече Шахин во интервјуто за РСЕ.
Поентата на Шахин беше засилена од сенаторот Марфи, кој додаде: „Неверојатно е важно Бајден директно да ги покрене обидите на Русија за поткопување на американската демократија“.
Сенаторите беа дел од делегацијата на турнеја низ Источна Европа пред средбата на 16 јуни во Женева меѓу Бајден и Путин, нивниот прв состанок по инаугурацијата на американскиот претседател во јануари.
Самитот ќе се одржи во момент кога односите меѓу САД и Русија се на најниско ниво од Студената војна по заземањето на украинскиот полуостров Крим од Русија во 2014 година; постојаната поддршка на Кремљ за сепаратистите на истокот на Украина, каде што досега се убиени повеќе од 13.200 луѓе; обвинувањата за мешање на Москва во изборите во САД и хакерски напади во кои, според Вашингтон, биле вклучени руски актери.
ФБИ обвинува хакерска група поврзана со Русија за сајбер напад врз компанија за преработка на месо
Марфи, Портман и Шахин беа критички настроени и кон, како што наведоа, тековниот напад на Москва против независните медиуми во Русија, истакнувајќи ја критичната улога што ја играат медиумите како што е РСЕ и нагласувајќи ја потребата од западна поддршка за слободен печат во земјите со авторитарни режими.
„Не можете да имате демократија без слободен печат. Ние на Запад треба да застанеме против затворањето новинари во Русија, заканите кон нив“, рече Шахин. Портман пак, оцени дека РСЕ е „застрашувачко за раководството на Русија, Белорусија и други земји“.
Двопартиската конгресна делегација во посета на Киев ја охрабри Украина да продолжи со реформите за зацврстување на нејзината демократија и изрази солидарност со земјата пред руската „агресија“.
Портман рече дека континуираното мешање на Русија во конфликтот на истокот на Украина и нејзиното присуство на Крим значат дека на Путин треба директно да му се каже дека конечно треба да дозволи Украина да биде суверена земја.
„Вратете го Крим. Тоа беше нелегална анексија. Слушнавме дека има руски трупи внатре на украинска територија“, вели Портман, додавајќи дека неодамнешното распоредување на руски трупи во близина на Украина и на Крим не е целосно повлечено, и покрај спротивното тврдење од Москва.
„Загриженоста во последните неколку недели беше поради руското распоредување на 100.000 до 115.000 војници во областа. И кога тие рекоа дека ќе се повлечат во своите бази, некои новинари известија за тоа. Но, разузнавањето не го потврдува тоа и укажува дека мал број останаа - можеби 10 до 20 проценти врз основа на податоците што ги имаме - и дека опремата во голема мера е оставена, што значи дека тие можат многу брзо да дојдат што е дополнителна закана за суверенитетот на Украина“, вели Портман.
Германија и САД преговараат за „Северен поток 2“
Осврнувајќи се врз скоро завршениот гасовод „Северен тек 2“ - коска за расправија меѓу Вашингтон и Германија - Марфи рече дека Вашингтон и Европа требало да дејствуваат координирано.
Соединетите држави и неколку источноевропски сојузници категорично се спротивставија на проектот за транспорт на гас од Русија до Германија преку Балтичко Море со заобиколување на Украина - велејќи дека тој ќе стане алатка за геополитичка уцена за Русија.
„Зошто сме толку убедени во врска со Северен тек 2 е затоа што не сфаќаме. Знаете, Европа ни се придружува во санкциите против Русија, но потоа ѝ дозволува да гради гасовод. Тоа е измешана порака што не ја разбираме“, рече Марфи.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас деновиве изјави дека Берлин и Вашингтон водат разговори во обид да го решат спорот околу гасоводот, кој е околу 95 проценти завршен и може да биде готов до септември.
Администрацијата на Бајден на 19 мај санкционираше неколку компании и бродови за нивната работа на „Северен тек 2“, но се откажа од казните за фирмата што стои зад проектот - „Северен тек2 АГ“ - и нејзиниот главен извршен директор Матијас Варниг, близок сојузник на Путин.
Шахин рече дека Соединетите држави треба да преземат активности за запирање на проектот, со повеќе санкции што се на маса во Конгресот, иако како што рече, не е јасно дали ќе бидат донесени. „Но, имам намера да направам се што можам да се обидам и да го запрам гасоводот“, рече таа.
Украина - Некои НАТО членки се загрижени за провоцирање на Русија
Осврнувајќи се врз напорите на Украина за влез во НАТО, Портман изјави дека Киев ќе продолжи да ја ужива поддршката на САД во спроведувањето на реформите потребни за да се покаже дека Украина се придржува до западните вредности.
„НАТО е и воен сојуз и сојуз на вредности“, рече Марфи, додавајќи: „Затоа реформите што се водат во Украина се апсолутно критични“.