Достапни линкови

Правда им ги прифати барањата на матичарите, нема одговор од финансии


Архивска фотографија: Протест на независниот сидникат на управата за водење матични книги пред Министерството за правда
Архивска фотографија: Протест на независниот сидникат на управата за водење матични книги пред Министерството за правда

Вработените во Управата за матични книги денеска го селат протестот пред Министерството за финансии. Пред десетина дена тие постигнаа договор со Министерството за правда, но сè уште немаат одговор за барањето за покачување на платите од Министерството за финансии.

Цел месец граѓаните не може да извадат извод за родени, умрени или венчаница. Вработените во Управата за водење матични книги штрајкуваат од 27 април, а денеска го селат протестот пред Министерството за финансии. Пред десетина дена, тие ги усогласија нивните барања со Министерството за правда, но сè уште немаат никаков одговор од Министерството за финансии за барањето за покачување на платата од 30 отсто.

Претседателот на Независниот синдикат на Управата за водење матични книги Тони Милошевски вели дека нивните главни барања се донесување Колективен договор на ниво на работодавач, континуирана обука и унапредување на вработените и усогласување на платите со минималната плата. За барањата постигнале договор со Министерството за правда.

„Остана само финансискиот дел, тоа што баравме 30 отсто покачување на плата и плус 50 отсто од просечната плата во Република Македонија за К-15. Управата не може сама да одлучи за тоа, туку мора да добие согласност од Министерството за финансии за да се потпише тој колективен договор. Затоа Управата чека да добие зелено светло од Министерството за финансии за колкаво да биде тоа покачување и дали ние ќе се согласиме со тоа што тие ќе го понудат, но досега Министерството за финансии нема дадено никаква понуда“, вели Милошевски.

На крајот на април, синдикатот на матичарите соопшти дека 70 отсто од вработените земаат плата пониска од минималната.

Во Министерството за финансии прашавме како ги коментираат нивните барања и дали планираат средба со штрајкувачите, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците за живот во април годинава биле над 10 отсто поголеми од април минатата година, а храната е поскапена за скоро 15 отсто.

Вработените во Управата за водење матични книги се придружуваат и на барањето на Сојузот на синдикати на Македонија за линеарно покачување на платите на сите вработени во јавниот сектор за по 2800 денари.

Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, каде што членува и синдикатот на матичарите, бара итна средба со владата за барањето за покачување на платите. Тие денеска излегуваат на протестен марш, кој ќе почне во 14 часот во паркот Жена-борец, па пред Собранието и Министерството за правда, за да заврши пред Министерството за финансии.

Во владата велат дека е планирано продолжување на преговорите со ССМ и штом биде закажан нов состанок, јавноста ќе биде известена.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG