Почина британската кралица Елизабета Втора на 96 годишна возраст, откако беше под медицински надзор во Балморал поради нарушено здравје, соопшти Бакингемската палата.
Телеграми со сочувство пристигнуваат од владите од целиот свет. Кралицата Елизабета беше најдолго на престолот во британската историја, таа стана кралица во 1952 година.
Знамето на нејзината омилена палата Балморал во Шкотска веднаш беше спуштено на половина копје. Со смртта на Елизабета, нејзиниот син, принцот Чарлс, веднаш станува новиот британски крал.
Нејзиниот најстар син Чарлс кој има 73 година веднаш ја наследи како крал, соопшти Бакингемската палата по објавувањето на нејзината смрт во Балморал.
Чарлс ја опиша смртта на неговата мајка како момент на најголема тага за него и неговото семејство. Новата британска премиерка, Лиз Трус, рече дека нацијата мора да се собере за да го поддржи новиот крал, нудејќи му ја на Чарлс „нашата лојалност и посветеност.“
Голем број луѓе се собраа пред Бакингмската палата да ѝ оддадат почит на кралицата, откако претходно кралските лекари соопштија дека се загрижени за нејзиното здравје и препорачаа таа да биде под медицински надзор.
„По дополнителна проценка утрово, лекарите на кралицата се загрижени за здравјето на нејзиното височество и препорачаа таа да остане под медицински надзор“, се вели во соопштението на Бакингемската палата.
Во Балморал се престолонаследникот Чарлс, неговиот син принцот Вилијам, војводата од Кембриџ и сопругата Кетрин, војвотката од Корнвол.
Исто така таму се принцот Хари и неговата сопруга Меган, војводата и војвотката од Сасекс.
Кралицата во средата се повлече од Тајниот совет и лекарите, откако лекарите ја советуваа да се одмор.
За смртта на кралицата прво беше известена премиерката на Велика Британија Лиз Трас. Таа денеска претходно, по соопштението на кралските лекари, изјави дека „целата земја е длабоко загрижена“ од веста.
„Моите мисли и оние на луѓето низ нашето Обединето Кралство, се со нејзиното височество Кралицата и нејзиното семејство во овој момент“, додаде таа.
Американскиот претседател Џо Бајден по смртта на кралицата Елизабета изразувајќи сочувство рече дека таа ги обединила луѓето низ целиот Комонвелт. Тој додаде дека сега во нивните мисли се сите луѓе од Велика Британија и Коменвелтот.
Бајден и пред да почине кралицата разговараше со британската премиерка Лиз Трас и ѝ рече дека тој и неговата сопруга Џил мислат на кралицата Елизабета поради длабоката загриженост за нејзиното здравје, соопшти Белата куќа.
Бајден беше редовно информиран за ситуацијата со кралицата и го покрена ова прашање за време на конференцијата за Украина со сојузничките лидери, изјави портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби на прес-конференција.
„Неговите мисли и оние на првата дама на САД се искрено со кралицата и нејзиното семејство“, рече Кирби.
Шефицата на Европската унија, Урсула фон дер Лајен, ја поздрави британската кралица Елизабета Втора како симбол на заедничката историја на Европа:
„Моите мисли и моите молитви се со неа. И таа ја претставува целата историја на Европа, која е наш заеднички дом, со нашите британски пријатели“, рече фон дер Лајен на прес-конференција во Ротердам.
Инаку, кралицата во Балморал ја назначи Трас за премиерка, наместо да патува во Лондон на настанот.
За време на нејзиното 70-годишно владеење, кралицата обично одржуваше аудиенција со нејзиниот нов премиер во Бакингемската палата.
Таа од јули беше на летен одмор во својот шкотски дом.
За многу Британци, кралицата Елизабета претставуваше симбол на стабилноста во текот на 20-от век.
Таа беше заслужна за модернизацијата на монархијата низ децениите на огромни социјални промени и вешто менаџирање со скандалите на сопственото семејство.
По нејзиното крунисување на 25-годишна возраст, Елизабета ја предводеше земјата во обновата по Втората светска војна. Вкупно 15 премиери владееле со Британија за време на нејзините 70 години на тронот, почнувајќи од Винстон Черчил и завршувајќи со Трас.