Утре е 2 Август, Илинден, голем нацонален празник и за прв пат по речиси дваесет години македонска државно-црковна делегација ќе го посети историскиот манастир Св. Прохор Пчински во Србија, во близина на македонската граница, каде што досега Српската православна црква забрануваше посети на местото каде што е одржан АСНОМ и прогласена македонската држава. Високата делегација ќе ја предводи претседателот на државата, Стево Пендаровски. Кире Каранфилов напишал: „Уште еден ѕид срушен, така треба“, исто како и Живанка Трајкоска: „Браво, пријателски со сите соседи“. Но, потпишана со Елизабета Госпожа За Вас сомничаво: „Ќе има публика и тоа наша, а како ќе помине ќе видиме“, завршувајќи го постот со озабен Смешко. Тоци Тоде вели: „Стево нека си седи дома подобро ќе помине!!!“.
Грозданчо Вчков и Блажо Хогар Страшниот развиле полемика. Првиот напишал: „После вакцините, пченицата и греењето за претстојнава зима, Вучиќ испадна најмакедонски претседател. Догодина Вучиќ нека спрема говор на Илинден“, а вториот му реплицира: „Плитко гледаш, нема тука никакво пријателство, сето тоа ќе ни го наплати Србија дебело“, на што Грозданчо Вчков му одговара: „Плитко одговараш... препознај сократова иронија во коментарот“.
Неделното интервју на РСЕ е со евроамбасадорот Дејвид Гир, кој покрај другото порачува дека никој не го изгубил идентитетот при пристапувањето во ЕУ и „ако не ги направите уставните измени веројатно преговарачкиот процес ќе запре и ќе се чека решавањето на тоа прашање“.
Ружа Малиновска со прашална констатација: „Само за Македонците. За нас секогаш има исклучок и други правила за непочитување, изживување и уништување!!!?“ И Горан Младеновски со сомнеж: „Никој не сменил име за почнување преговори со ЕУ, ние да, зошто пак да не се повтори единствено ние да изгубиме идентитет????“ За Аце Костески ова личело на, како што вели, „’макронов манифест‘за пропаста на еден народ!“ Петар Теов забележува дека интервјуто е огромно, но „на ниедно место евроамбасадорот не спомна Македонија (па дури ни Северна Македонија) или Македонци. ’Вие, вашата земја, оваа земја, ваша одлука... Сè е кажано‘“. Магдалена Тренева го прашува евроамбасадорот: „Дали пред да влезе Бугарија во ЕУ побаравте од неа да го смени Уставот и Македонците што живеат таму да ги вметне во Уставот. Или тие правила важат само за Македонија“.
Расправии на меѓуетничка основа, за историјата и кој како ја сфаќа има по информацијата за изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека е исплашен само од можните реакции на српскиот народ на Косово по најавите на Приштина дека денеска истекува рокот за примена на одлуката за пререгистрација на возилата со косовски наместо со српски таблички. Како на пример, Јорданка Стрезоска-Бусеска која му одговара на Абдул Мустафа, кој ја
подучува да прочита малку историја, па му возвраќа: „Која историја? Оваа од Балканов кој како што му текнало тоа пишувал“. Но Николина Глигоровска постирала: „Се отепавме за парче земја, а иста земја сите ќе нè покрие“. Наим Хамиди се согласува: „Конечно да се чита нешто, некој да размислува со своја глава, другите коментари не знаеш дали да се смееш или да плачеш, само сеат мржња. Господ да нè чува“.