Достапни линкови

Избори во Бугарија - Тесно водство на Борисов


Парламентарни избори во Бугарија, Бојко Борисов
Парламентарни избори во Бугарија, Бојко Борисов

Првите прелиминарни резултати на Државната изброна комисија на Бугарија со избројани 93 отсто гласови покажаа дека ГЕРБ води со помалку од 2 отсто гласови пред реформистичката прозападна коалиција Продолжи со промените/Демократска Бугарија. Но Борисов не може сам да формира влада.

Поранешниот премиер Бојко Борисов и неговата центро-десничарска партија ГЕРБ имаат мало водство пред про-европската коалиција Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија, според прелиминарните резултати по гласањето на парламентарните избори на 2 април.

Со пребројани 93,39 % од гласовите во Државната изборна комисија објавени на 3 април 2023, ниту една партија не освои мнозинство во парламентот за да може сама да формира влада.

Партијата ГЕРБ освои 26,47 % од гласовите, според Изборната комисија. Втора е Продолжуваме со промени - Демократска Бугарија со освоени 24,96 % гласови.

Крајно десничарската, проруска партија Преродба која се залага Бугарија да излезе и од НАТО и од ЕУ е трета со 14,39 % освоени гласови.

Движењето за права и слободи, партија на Турците , освои 13,5 отсто гласови.

Во парламентот ќе влезат и бугарската Социјалистичка партија, како и популистите Има таков народ.

Излезноста на изборите во текот на вчерашниот ден се стравуваше дека може да биде загрозена по серијата закани со бомби во училиштата, но немаше нови закани.

Се потврдија предвидувањата на Анкетите на јавното мислење кои покажуваат дека и по овие избори, нема да се прекине политичкиот ќор-сокак во најсиромашната земја на Европската унија (ЕУ), која се соочува со високо ниво на корупција.

Во изборната трка за 240 пратенички места во парламентот учествуваат над 5.600 кандидати од 14 политички партии и седум партиски коалиции.

За да влезат во парламентот, партиите треба да освојат најмалку четири отсто од гласовите.

Во услови на тековна политичка нестабилност, постоеше загриженост за можна политичка измама откако беше одлучено дека гласачите ќе можат да користат хартиени гласачки ливчиња, како и електронски машини за гласање кои се сметаат за помалку подложни на манипулации. Но по гласањето нема пријавено неправилности.

И ливче и машина: Бугарски предизборни стравови
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00

Бугарија е управувана претежно од привремени влади назначени од претседателот Румен Радев, откако гневот на јавноста поради долгогодишната корупција резултираше во масовни протести во 2020 година.

Политичката криза ја принуди Бугарија да го одложи усвојувањето на еврото за една година.

Балканската земја, со население од речиси 8 милиони жители, е втора најкорумпирана во земја во ЕУ според Транспаренси Интернешнл, а исто така се соочува со зголемена инфлација што го попречува економското закрепнување од ковид пандемијата.

Бугарија имаше највисока стапка на смртност од коронавирусот во ЕУ поради ниските стапки на вакцинација.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ќе има набљудувачи на парламентарните избори на 2 април.

Изборната кампања беше обележана и со фактот што државната телевизија и радио им дадоа време за емитување на екстремистичките кандидати од партиите со мала поддршка од јавноста во согласност со измените на изборните закони воведени во 2021 година.

Шефот на бугарската национална телевизија, Емил Кошлуков, јавно призна дека дебатите главно не биле ништо повеќе од „пародија“ и им се извини на гледачите и ТВ водителите што биле принудени да слушаат „целосни глупости“.

На 2 февруари, Радев го распушти парламентот и најави предвремени избори по шест неуспешни обиди за формирање влада од јули 2022 година.

Прозападната влада на бугарскиот премиер Кирил Петков падна во јуни, по шест месеци на власт откако парламентот изгласа недоверба против неа.

Петков и неговата кревка коалиција ја презедоа власта во декември 2021 година по осум месеци политички ќор-сокак и две привремени администрации.

Претходно, протести против корупцијата му ставија крај на децениското владеење на поранешниот премиер Бојко Борисов и лидер на партијата Граѓаните за европски развој на Бугарија (ГЕРБ).

Радев, кој ја назначи привремената влада, рече дека за време на таа влада, Бугарија која е членка на НАТО, нема да испраќа воена опрема, вклучително и авиони и тенкови од советската ера во Украина.

Радев е поранешен пилот на воздухопловните сили, кој е познат по своите проруски ставови. Тој на 21 март одби да се приклучи на иницијативата на ЕУ за снабдување со артилериска муниција на Украина во текот на следната година.

XS
SM
MD
LG