Достапни линкови

Охрид од природна убавина до наследство во опасност


Свети Наум, Охридско Езеро
Свети Наум, Охридско Езеро

Експертите се скептични дека новиот закон што го носи Собранието за зачување на природното и културно наследство ќе им помогне на институциите да се справат со дивоградбите во Охрид. Тие велат дека е потребно посуштински да се дејствува за спас на Охрид.

Охрид и езерото се едни од ретките природни богатства по кои не препознаваат во светот, но за жал, институциите во континуитет со години наназад најнеодговорно се однесуваат кон езерото и уникатната архитектурата со сликовит распоред на куќите, велат стручните лица.

По обидите на УНЕСКО да се спаси ова природно богатство, експертите предупредуваат дека серозна опасност претставува преголемата непланска урбанизација која го нарушува автентичниот пејзаж. Автентичноста се нарушува со амбицијата и желбата за изградба на висококатни и големи објекти, кои сè повеќе, во желбата за профит и удобност, се доближуваат кон езерото. Втора голема закана за Охрид и едно од најстарите езера во Европа е стариот и дотраен колекторски систем кој е темпирана бомба што при хаварија во секој момент може да предизвика непоправливи штети.

Тие велат дека е потребно веднаш и суштински да се делува и оти се друго е губење на време и коцкање со оваа ретка и автохтона убавина.

Професор Трајче Талевски вели дека за сите илјада градби кои се проценети како дивоградби прво треба да се направи одделна студија за влијанието врз животната средина. Затоа, тој оценува дека до февруари идната година нема време да се направат радикалните мерки кои се неопходни. Талевски не верува дека новиот закон за зачувување на природното и културно наследство ќе му помогне на охридскиот градоначалник да се справи со дивоградбите. Во пресрет на неговото донесување тој вели дека ако постои волја надлежни институции можеа и досега да донесат одлука за уривање на дивоградбите и без овој нов закон.

„По усвојувањето на законот се носи план за управување со регионот најдоцна 6 месеци откако ќе се донесе законот. Може до крајот на јануари нема да го донесеме планот за управување со охридскиот регион. Нема време за нешто да се направи. Ова се бесцелно купени осум месеци. До први март треба да се испорача извештај до УНЕСКО“, вели професор Талевски од невладината организација „СОС Охрид“.

Деновиве градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски во однос на дивоградбите информираше дека следуваат низа постапки за нивно санкционирање и уверуваше дека во идниот период ќе се пристапи кон уривање на се што е изградено надвор од Законите.

„Не значи дека појасот од 50 метри оддалеченост од езерото е единствено битен за езерскиот систем. За секоја градба треба да се прави оценка за влијание врз животната средина и после тоа да се донесе одлука што со нив. Тука влегуваат и платформи крај езерото и мовчиња кои се без дозвола направени и доградби врз куќи во стариот дел на градот кои го нарушуваат автентичниот лик“, вели Талевски.

Освен прашањето за дивоградбите градоначалникот на Охрид рече дека во следните неколку месеци ќе се пристапи и кон ревитализација на колекторскиот систем на езерото, а ќе биде направен и план за управување со Охридско-струшкиот регион.

Дејан Паневски, екологист и стручњак кој се залага за заштита на природата, вели дека ништо нема да биде завршено до февруари, но оти треба барем да започне процесот.

„Тоа не може да се заврши во вакви рокови, но треба да се направат подготовки како да се влезе во процесот на рехабилитација и да се обезбедат пари. Не е прашање на рокови од УНЕСКО, тоа е наша работа која треба да ја завршиме. Урбанизацијата е голем проблем, но и колекторскиот систем и некои градби кои постојат зашто ретко кој напоменува дека Охридскиот регион доби статус заради пејзажните вредности. Има далеку поголеми работи - колекторскиот систем и прекумерната урбанизација - отколку да ни значат некои рокови до февруари“, вели Пановски.

Тој додава дека на македонската страна од езерото со истражувањата што се направени при изготвување на студијата за колекторскиот систем се видело дека има сериозни нарушувања на работата на пумпните станици и исто така нарушувања на процесот на прочистување на водата во самата прочистителна станица.

„Од наша страна проблемот е насекаде. Нема исклучок, колекторскиот систем е во лоша состојба. Дали се работи за погрешни приклучувања, за отпад во самиот систем, за напукнување на цевките. Секаде треба да се рехабилитира комплетно. Мора да се замени затоа што една поголема хаварија и нема да може да се рехабилитира“, вели Пановски.

Во врска со квалитетот на водата на езерото Пановски оценува дека зимскиот мониторинг покажал солиден квалитет на водата, а на моменти и многу добар. Но, тој укажува дека тоа се показатели во момент на неоптовареност на езерото. Со летниот мониторинг треба да се видат вистинските резултати, потенцира Пановски. Според него, среќа е што моќта на езерото за самопрочистување е голема и тоа е шанса езерото само да се брани.

За споредба во Албанија е изграден колекторски систем, но според Пановски, се уште процесот на прочистувања на езерото го нема потребниот максимален квалитет.

Инаку, Охрид и езерото пред 40 години се запишани на листата на светско наследство како речиси недопрена природа. Првите знаци на зголемена градежна активност се забележани во 1998 година од кога датираат првите предложени мерки за Охрид кои и денес се актуелни, а низ годините се засилени со укажувања за недозволени градежни активности на Плаошник, а последните години се забележуваат зголемени активности долж целиот регион и неисполнување на мерките.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG