Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Охрид изјави дека не очекува премиерот Зоран Заев да поднесе оставка, иако Заев најави оставка во СДСМ за утре, вторник. „И не треба“, постирала Мирјана Бубеска, а Згзен Горги со иронична шега: „Јас мислам дека ова треба во кладилница да се внесе... Кој е коефициентот“, и коментарот го завршува со црвен прашалник. Искра Давкова му се обраќа на Мицкоски: „А ти па исполни кога рече дека ќе дадеш оставка“. И коментарот на Лидија Пренџовска што го почнува со смеење е на истата линија: „Хахаха, ти што си исполнил, слуго будимпештанска, освен сценарија на шеф ти и вашите газди од Белград за рушење на прогресот на државата!?“ Во постовите доминираат жени, па Софи Трајковска напишала: „И Заев и ти исти сте... оставка и ти Мицко од ВМРО... не на наместен конгрес како досега... оди си од ВМРО... не одработувај за Заев уште... те прочита народот... од 480 000 падна ВМРО на 280 000... кај ти се старите вмровци...“ Ѓорѓи Ристески смета дека „...инает е во прашање, но и тоа е добра страна... Инаетот секогаш удира од глава...“
Минатата недела премиерот Заев се сретна со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, во обид да се зголеми парламентарното мнозинство, но откако не успеале да се договорат, најавија повторна средба за неделава, а премиерот Заев, како што кажавме, најави оставка на партиската функција за утре. Реакциите и по оваа информација се сомничави и негативни. Борис Ангеловски вели: „Да слушнам да не верувам“, а Горан Стоименов со пост: „Дај јас ќе му ја потпишам оставката, ако нејќе никој, одма стапува на сила“. Дончо Радевски со недоверба спрема првиот човек на Алтернатива: „И Гаши се приклучува во криминалната банда, за да ја спаси иднината на Македонија, чудно“.
Радев прогласи победа, ГЕРБ призна пораз
Завршија и претседателските избори во Бугарија – досегашниот претседател Румен Радев прогласи победа, партијата ГЕРБ на Борисов го призна поразот, како што објави бугарскиот сервис на РСЕ, и има само еден коментар, половина напишан на бугарски, на Блажо Хогар Страшниот: „Герџиков или Радев - сʼштата песен. На Исток ништо ново“.
Но по информацијата дека губитникот Борисов го обвинил Радев дека „најомилената земја на Балканот ја скарал со сите соседи“, нашите посетители со отровни и непримерни коментари коишто нема да ги цитираме. Николчо Петров коментарот го почнал со неколку насмеани емотикони и извикува: „Најомилена?! Откако знам, на власт во Бугарија биле исти хегемонистички, исфрустрирани ѓ....“, и го спомнува Тодор Живков, а Даниел Крстовски му одговара: „Како да кажеш, Жељу Желев и Петар Стојанов беа господа за овие и...и сега“. Горан Ивановски Гокс додава: „Само со Грција се во љубовни односи, а со Романија си намигнуваат!“ Ердоган Налбант ѝ забележува на Бугарија: „Сите Турци ги прекрстивте со сила, ги направивте Булгари“. Аце Костески далеку се сеќава: „Беше омилена на Русите кога тие и Тодор Живков 35 години ја оковаа во пранги и мрачнина!“