Вести
18 новозаразени со коронавирус во Македонија, до денеска на пладне вкупно 219

Министерството за здравство информира дека во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со коронавирус, денеска до 12.00 часот, изнесува 219 лица.
Бројот на новозаразени по градови изнесува: Скопје - 11, Прилеп - 4, Куманово - 2 и Тетово - 1.
Според местото на живеење, досега случаи на коронавирус се регистрирани во Скопје (134), Дебар (43), Куманово (17), Штип (8), Прилеп (6), Охрид (3), Велес (3), Кавадарци (2), Тетово (2) и Гостивар (1)
види ги сите денешни вести
Меџити: Разговараме со пратеници од опозицискиот Европски фронт, можеби ќе преминат од другата страна

И по заминувањето на Арбен Таравари, во албанскиот дел имаме легитимитет и ист број пратеници, 13-14, изјави денеска вицепремиерот Изет Меџити. Тој претпладнево, по отворањето на конференцијата „Унапредување на зелената инфраструктура во Западен Балкан“, им рече на новинарите дека во моментов Владата има стабилно мнозинство, но и дека се преговара со пратеници од Европскиот фронт, за кои рече „се опозиција и можеби ќе преминат од другата страна“.
На новинарско прашање дали тие ќе дејствуваат како дел од пратеничката група на Вреди, Меџити одговори дека дел се од мнозинството и од Европскиот фронт и, рече, „ќе бидат поддршка за Владата“.
По оставката на министерот Арбен Таравари, на кого од власта му порачаа дека „не може да биде и дел од Владата и да шурува со ДУИ“, се отвори прашањето за реконструкција на владиниот кабинет, кое премиерот Христијан Мицкоски го затвори со најава само за замена на министри.
Меџити претпладнево рече дека се „во преговори за повеќе политички опции за ресорот здравство по заминувањето на Таравари и врз основа на тоа ќе дадат нов предлог за министер“, нагласувајќи дека тие разговори не се само во рамки на Вреди или со премиерот Христијан Мицкоски, туку и со „други поединци, групи и политички субјекти кои се надвор од Влен – во рамки на Европскиот фронт, кои се опозиција и можеби ќе преминат од другата страна“.
Тој не прецизираше дали тоа значи дека преговараат со Зијадин Села, лидер на крило на Алијанса за Албанците која е дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ.
Вицепремиерот не беше прецизен ниту за тоа дали вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кадар од партијата на Таравари, ќе остане на функцијата, со оглед дека се уште не најавил оставка: „Добро ја тера работата, успешно придонесува за промените и се надевам дека ќе продолжи“.
Самит на Европската политичка заедница во Тирана

Денеска во Тирана ќе се одржи шестиот Собир на Европската политичка заедница под наслов „Нова Европа во новиот свет: единство - соработка - заедничко дејствување“, на кој ќе присуствува и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Клучна тема на Собирот, чии ко-домаќини се претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и албанскиот премиер Еди Рама, ќе биде сигурноста и споделената визија за иднината на Европа.
Се очекува водачите да дискутираат за безбедноста на Европа, вклучувајќи ја и поддршката за Украина, европската одбрана, заштитата на демократијата, како и подготвеноста и капацитетот за одговор на разни закани.
Дополнително на ова, на настанот ќе се организираат и три тркалезни маси на високо ниво со акцент на безбедноста и демократската отпорност на Европа, вклучувајќи ја и руската агресија врз Украина, потоа на унапредување на европската конкурентност и сигурност преку иновации и издржливост, како и на предизвиците во мобилноста и зајакнување на младите.
Во поканата упатена до европските водачи за учество на Собирот, Кошта и Рама истакнуваат дека Европа се наоѓа во важен историски момент, одбележан со повеќеслојни и комплексни предизвици.
„Додека продолжува агресивната војна на Русија против Украина, нејзините последици се чувствуваат далеку надвор од границите на Украина, оптоварувајќи ја нашата безбедност и тестирајќи ја нашата колективна отпорност“, се наведува во поканата.
На Собирот на ЕПЗ во Тирана е најавено присуство на 47 шефови на држави или влади од Европа.
Покрај премиерите Мицкоски и Рама, на настанот ќе учествуваат и претставници на сите 27 членки на ЕУ, на земјите од ЕФТА (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија), како и на Азербејџан, Андора, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грузија, Ерменија, Косово, Молдавија, Монако, Сан Марино, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.
На Собирот ќе бидат присутни и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, како и генералните секретари на НАТО, Марк Руте, на Советот на Европа, Ален Барсе и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Феридун Синирлиоглу.
Идејата на Европската политичка заедница е да го поттикне дијалогот и соработката помеѓу водачите на континентот за справување со прашања од заеднички интерес и за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа. Таа не е предвидена да замени ниту една постоечка структура, организација или процес, туку е форум на кој европските земји можат да пронајдат дополнителен простор за соработка по најважните прашања на континентот.
До сега се одржаа пет собири на Европската политичка заедница.
Руте „внимателно оптимистичен“ за разговорите меѓу Украина и Русија

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека гледа можности за напредок во завршувањето на војната во Украина и покрај тоа што рускиот претседател Владимир Путин не присуствува на разговорите во Истанбул.
„Сè уште сум внимателно оптимистичен дека би можело да се постигне некаков пробив во следните неколку недели, изјави Руте на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во турскиот град Анталија.
Сепак, Руте рече дека разговорите ќе напредуваат само ако Русите се појават со релевантна делегација, пренесе ДПА.
„Топката сега е јасно во дворот на Русија. Тие мора да објаснат што прават, зошто се тука или не, нагласи Руте и додаде дека Украина е подготвена да се посвети на прекин на огнот и итни преговори.
Делегации од Русија и Украина денеска (15 мај) ќе одржат директни мировни преговори лице в лице за прв пат по повеќе од три години во Истанбул, иако тимовите ќе бидат составени од технократи од пониско ниво, откако претседателот Владимир Путин изјави дека нема да присуствува.
Делегациите треба да се состанат на 15 мај во палатата Долмабахче во Истанбул и ќе се одржат во тајност без пристап за медиумите, објавија руските медиуми.
Ако се зголеми миграцијата, Швајцарија ќе го ограничи движењето од ЕУ

Владата на Швајцарија предупреди дека ќе бара да го ограничи слободното движење на луѓето од ЕУ ако нето имиграцијата или зависноста од социјална помош надминат одредени граници.
Швајцарија и ЕУ во декември минатата година постигнаа договор за продлабочување на економската соработка и покрај противењето на националистите, за кои Европска Унија е закана по суверенитетот на земјата.
Договорот се соочува со долг процес на ратификација, при што имиграцијата е клучно прашање. Поради тоа Владата сака да воведе таканаречена заштитна клаузула.
Швајцарскиот министер на полицијата Беат Јанс, наведе дека клаузулата е потребна ако имиграцијата од ЕУ, прекуграничните патници, невработеноста или социјалната помош достигнат одредени нивоа, објави Ројтерс.
„Заштитната клаузула е како апарат за гаснење пожар на ѕидот. Кога има пожар, среќни сте што имате алатка при рака за брзо да го изгаснете пожарот пред да предизвика штета“, изјави швајцарскиот министер на полицијата Беат Јанс.
Доколку Швајцарија ја активира клаузулата, прашањето оди ќе се разгледфува пред заеднички комитет Швајцарија – ЕУ, а ако не биде постигнат договор за понатамошна постапка, Берн ќе се повика на арбитражен суд.
Швајцарија доживеа брз раст на населението, поради што десничарските партии се залагаат за построги ограничувања на имиграцијата.
Папата Лав XIV: Подготвен сум да посредувам меѓу завојуваните земји и ќе направам сѐ за да владее мирот

Папата Лав Четиринаесетти изјави дека е подготвен да посредува меѓу лидерите на земјите кои се во војна, наведувајќи дека тој лично „ќе направи сè за да владее мирот“.
Новиот поглавар на Католичката црква, кој минатата недела ја презеде должноста водач на 1,4 милијарди католици низ целиот свет, им се обрати на верниците собрани во салата Павле Шести во Ватикан на настанот посветен на јубилејната 2025 година и 23 источни католички цркви.
„Од Светата земја до Украина, од Либан до Сирија, од Блискиот Исток до Тиграј и Кавказ, колку насилство гледаме. Давам збор дека ќе направам сè за да владее мирот“, рече папата и ја повика толпата да се моли за мир.
Тој изјави дека Светата столица е секогаш подготвена да помогне во зближувањето на страните во конфликтот за „да можат да се соочат едни со други, да разговараат и за да можат народите повторно да ја пронајдат надежта и достоинството што го заслужуваат - достоинството на мирот“.
„Народите во нашиот свет сакаат мир. Од дното на моето срце апелирам до лидерите: ајде да се сретнеме, да разговараме, да преговараме!“, рече папата Лав Четиринаесетти.
Изјавата на новиот папа доаѓа во време кога се случуваат брутални вооружени конфликти во голем број региони - од Украина до Блискиот Исток и Африка.
Светата столица традиционално се обидува да игра улога на миротворец, а папата Лав Четиринаесетти јасно стави до знаење дека сака дополнително да ја нагласи таа улога за време на неговиот понтификат.
Секое трето дете во Северна Македонија живее во сиромаштија

Европската гаранција за деца како механизам на ЕУ за спречување на сиромаштијата и социјалната исклученост е особено важна за Северна Македонија, каде што секое трето дете живее во сиромаштија, апелираше денеска (14 мај) министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.
„Ова е значително повисока стапка од општата стапка на сиромаштија кај вкупното население. Особено ранливи се Ромите, децата што живеат со еден родител и оние што живеат во семејства со три и повеќе деца. Податоците за сиромаштијата кај децата се алармантни и укажуваат на потребата од итни и ефективни мерки“, изјави Лимани во обраќањето на конференцијата „Гаранција за деца - инструмент за искоренување на сиромаштијата и исклученоста на децата“.
Осврнувајќи се на Националниот акциски план за правата на децата 2025 - 2029, министерот потенцираше дека еден од приоритетите е зголемување за 15 отсто на паричните додатоци наменети за децата. Тој вели дека се работи на проширување на капацитетите за предучилишно обазование за повеќе деца да имаат можност да посетуваат градинка и на тој начин да обезбедат подобри шанси за успех во следните нивоа на образование.
„За да ги надминеме предизвиците, Владата со поддршка на ЕУ и УНИЦЕФ изработи Национален акциски план за правата на децата 2025 - 2029 кој е во завршна фаза на усвојување. Еден од приоритетите на Планот е намалување на детската сиромаштија, вклучително и воведување на Европската детска гаранција, како и зголемување за 15 отсто на паричните додатоци наменети за децата“, додаде Лимани.
Друга важна мерка предвидена со Националниот акциски план е формирање комисија за координирање на сите активности и политики која ќе го следи исполнувањето на обврските од Конвенцијата за правата на детето и ќе подготвува извештаи до меѓународните и регионалните механизми за човекови права.
Се очекува Комисијата да ја подобри меѓусекторската соработка која е неопходна за справување со комплексните потреби на децата и за развивање интегрирани услуги за нив како составен дел на гаранцијата за деца.
Мицкоски: Бидете трпеливи, наскоро ќе номинираме нови имиња по излегувањето на крилото на Таравари

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека во периодот што следува ќе бидат номинирани нови имиња на местото на Алијанса за Албанците, крилото на Арбен Таравари, откако излегоа од владината коалиција.
„На редовниот Извршен комитет синоќа разговаравме за актуелната економска и политичка состојба во државата. Членовите на ИК ме овластија во периодот којшто следи да номинираме нови имиња кои ќе ги заменат имињата на оние коишто одлучија да одат во прегратките на Али Ахмети и на ДУИ односно од партијата на Арбен Таравари“, рече Мицкоски по поставувањето камен-темелник на училишна спортска сала во село Долно Лисиче, Општина Аеродром.
Мицкоски, одговарајќи на новинарско пршање дали ресорите што ги напушти Таравари ќе останат во Вреди или ќе се поделат, рече дека во наредниот период ќе бидат појасни многу работи, повика на трпеливост и изрази уверување дека ќе биде постигнат договор.
Синоќа на седницата Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на која се дискутираше за актуелната економска и политичка состојба во државата, го овласти лидерот на партијата и претседател на Владата Христијан Мицкоски, да предложи нови кадровски решенија на позициите што досега ѝ припаѓаа на Алијансата за Албанците, по одлуката на Арбен Таравари да ја напушти владината коалиција.
„Овој чекор на Таравари беше оценето дека претставува уште еден доказ дека групата на заштитници на криминалот и корупцијата добива нови редови – уште една маска падна, уште една илузија беше разоткриена. На политичката сцена се појави нов, добро координиран марионетски квартет: СДС, Алијанса, ДУИ и Левица – различни имиња, но ист газда. Различни маски, но ист сценарист“, информираа вчеравечер од партијата.
Вчера министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски истакна дека доколку Арбен Таравари има намера да соработува со ДУИ, тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да соработува со него, додавајќи дека владиното мнозинство е стабилно.
Во понеделникот вечерта, по состанокот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари на прес-конференција изјави дека ја напуштаат владината коалицијата и дека одат во опозиција.
Според него, едногласна била одлуката во партијата на оваа средба на која беа партиските функционери и претседателите на ограноците. Тој тогаш рече дека се горди на промената во албанскиот политички блок која ја направиле после две децении, но оти промените не биле доволни.
Таравари најави дека ќе има уште една средба со премиерот Христијан Мицкоски.
Трамп се сретна со новиот лидер на Сирија откако вети укинување на санкциите

Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, се сретна со новиот привремен претседател на Сирија, Ахмад ал-Шара, поранешен бунтовнички лидер кој помина години во затвор на американските сили откако беше заробен во Ирак.
Средбата се одржа пред Трамп да го заврши престојот во Саудиска Арабија и да отпатува за Катар, како дел од турнејата на Блискиот Исток, која ќе вклучува и посета на Обединетите Арапски Емирати.
Трамп и ал-Шара се сретнаа зад затворени врати, додека на новинарите не им беше дозволено да присуствуваат, објави Асошиејтед Прес.
Ал-Шара беше прогласен за претседател на Сирија во јануари, еден месец по ненадејната офанзива на бунтовничките групи предводени од Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), која тој ја водеше. Оваа организација е прогласена за терористичка организација од страна на САД. Тие сили го освоија Дамаск и го завршија 54-годишното владеење на семејството Асад.
Трамп, пред состанокот, изјави дека донел одлука да се сретне со ал-Шара по охрабрувањето од саудискиот принц Мохамед бин Салман и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој, исто така, вети дека ќе ги укине долгогодишните санкции против Сирија.
„Во Сирија има нова влада која се надеваме дека ќе може да ја стабилизира земјата и да го одржи мирот“, рече Трамп во говор посветен на надворешна политика, каде што објави укинување на санкциите што беа во сила од 2011 година.
„Тоа е она што сакаме да го видиме во Сирија“, додаде Трамп.
Порано познат под псевдонимот Абу Мохамед ал-Голани, ал-Шара беше со Ал Каеда против американските сили во Ирак по инвазијата предводена од САД.
Тој сè уште се соочува со потерница за обвиненија за тероризам во Ирак. САД еднаш понудија награда од 10 милиони долари за информации за неговата локација, поради неговите врски со Ал Каеда.
Ал-Шара се врати во Сирија по избувнувањето на конфликтот во 2011 година и го презеде водството на огранокот на Ал Каеда познат како Фронт Нусра. Подоцна тој ја преименуваше групата во Хајат Тахрир ал-Шам и формално ги прекина врските со Ал Каеда.
Санкциите против Сирија датираат од времето на Башар ал-Асад, кој беше соборен од власт во декември. Тие имааа намера сериозно да ја оштетат економијата на неговиот режим.
Двете американски администрации - претходната администрација на претседателот Џо Бајден и сегашната администрација на претседателот Трамп - ги задржаа овие санкции дури и по соборувањето на Асад, додека ја оценуваа позицијата на Ал-Шара, која негираше понатамошни врски со Ал Каеда.
ЕУ го одобри 17-тиот пакет санкции против Русија

ЕУ во среда (14 мај) одобри нов пакет санкции за Русија, со кои се ограничува „нафтената флота во сенка“, додека Европа се заканува со понатамошни казни ако Москва не се согласи на примирје во Украина.
Новите мерки против Кремљ, или 17-тиот круг санкции од ЕУ од целосната инвазија на Русија во Украина во 2022 година, беа во подготовка пред европските лидери да го издадат својот последен ултиматум до Москва во врска со мировните напори предводени од САД.
Дипломатите што ги претставуваат 27-те земји-членки на ЕУ го одобрија пакетот на состанок во Брисел.
Пакетот - кој треба официјално да биде усвоен во вторник - вклучува ставање на црна листа на околу 200 танкери за нафта што се користат за заобиколување на ограничувањата за извоз на руска нафта.
Компаниите и во земјите како Виетнам, Србија и Турција, обвинети за помагање во снабдувањето со стока на руската војска, исто така, ќе се соочат со ограничувања.
Десетици руски функционери ќе бидат додадени на речиси 2400 лица и субјекти кои веќе се соочуваат со забрани за визи и замрзнување на средства.
Пакетот, исто така, носи санкции за руски поединци поради кибер напади, злоупотреба на човекови права и саботажи во Европа.
Службениците признаваат дека најновата рунда санкции против Москва е релативно ограничена во споредба со претходните пакети, бидејќи на ЕУ ѝ е потешко да се договори за целите.
Понатаму, покрај овие мерки, лидерите на ЕУ ѝ се заканија на Русија со „масовни санкции“, ако не се согласи со предлогот за 30-дневен прекин на огнот поддржан од САД.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во вторник ја предупреди Русија дека ќе се соочи со дополнителни европски санкции ако нема „вистински напредок“ оваа недела кон мирот во Украина.
Мерц го повика рускиот претседател Владимир Путин да разговара за прекин на огнот во Украина и мир со претседателот Володимир Зеленски во четврток (15 мај) во Истанбул.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да присуствува на разговорите во Турција, ако Путин и Зеленски седнат на маса, но досега нема индикации од Кремљ дека Путин ќе присуствува на тие разговори.
Зеленски вели дека ќе се сретне со Путин само ако има договор за прекин на огнот

Претседателот Володимир Зеленски наводно рекол дека ќе се сретне само со својот руски колега, Владимир Путин, а не и со други руски претставници на мировните преговори закажани за Истанбул оваа недела, на кои американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека можеби ќе присуствува.
Понудата на Трамп да се придружи на разговорите меѓу Украина и Русија закажани за 15 мај предизвика повик меѓу американски и европски дипломати кои продолжуваат да бараат пат што води кон крај на војната во Украина.
„Не го потценувајте четвртокот во Турција“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа пред да замине во официјална посета на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар, осврнувајќи се на потенцијалните разговори во Истанбул.
„Размислував да одам. Не знам каде ќе бидам во четврток. Имам толку многу состаноци... Постои можност, претпоставувам, ако мислам дека таму можат да се случат некои работи“, рече Трамп.
Зеленски рече дека е подготвен да се сретне со Путин во Истанбул на 15 мај.
Нема одговор од Кремљ на неговата понуда, а Москва сè уште не го коментирала предлогот на Трамп дека тој може да се приклучи на разговорите, што доведе до шпекулации за тоа кој од Русија всушност ќе биде присутен во Турција.
Ројтерс цитираше советник на украинскиот претседател на 13 мај, кој рече дека Зеленски, кој исто така предложи целосен и безусловен прекин на огнот во обид да се постигне целосен мировен договор, ќе се сретне само со Путин, а не со други членови на руската делегација.
Во минатото, Путин го доведуваше во прашање легитимитетот на Зеленски.
„Ако Путин се појави во Истанбул, тоа веќе би бил пораз. Самото влегување во преговори со Зеленски би сигнализирало пораз за него - особено ако пристигне под притисок, на самит на кој очигледно никогаш не планирал да присуствува“, изјави Александар Фридман, руски политички набљудувач и историчар, за „Курент тајм“ на 13 мај.
„И најверојатно, Русија нема да може да понуди ништо што би ги задоволило Американците, Украинците или Европејците. Тоа би можело да го означи крајот на преговорите во целост“, додаде Фридман.
Во знак на дипломатски притисок за Путин и Зеленски да седнат на преговарачка маса, американскиот државен секретар Марко Рубио доцна на 12 мај разговараше телефонски со министрите за надворешни работи на Франција, Германија, Полска, Велика Британија, Украина и шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.
„Лидерите разговараа за патот напред кон прекин на огнот и патот кон мир во Украина“, се вели во соопштението на американскиот Стејт департмент.
Претходно на 12 мај, сојузниците на Украина изразија сомневање во врска со изгледите за разговори и околу тоа дали Путин е сериозен во врска со мирот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете