Од овој петок па до 21 јануари угостителските објекти да затвораат во 18 часот, хотелските ресторани во 21 часот, да нема прослави на работните места, да се забрани групирање на плоштадите за прослава на Новата година. Потоа останува во сила забраната за собири на јавни места, а единиците на локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка. Истите правила за забрана за собири важат и за одбележувањето на верските празници, а внатре верските објекти да се пополнат со 30 отсто од капацитетот и сите да бидат со маски. Ова се предлози на Комисијата за заразни болести кои Министерството за здравство ќе ги достави до Владата која ја има конечната одлука.
„Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за престојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
На состанокот на кој се дискутираше за рестриктивните мерки во пресрет на новогодишните и божикните празници присуствуваше и претседателот на Независната угостителска комора Здравко Јосифовски. Тој излезе незадоволен од ваквите препораки. Вели дека ниту едно од нивните барања кои ги доставиле во писмена форма не било дискутирано, туку биле веднаш биле отфрлени, а од министерот Филипче во почетокот на состанокот биле информирани дека планот е угостителските објекти да се затвораат од 18 часот.
„Ова беше само фарса пред јавноста и пред комората за да на некој начин укажат дека одлуките што ги наумиле ќе ги донесат без разлика на реалноста и ефектите што тие ќе ги предизвикаат“, вели Јосифовски.
Тој рече и дека побарале докази дека во некој угостителски објект се проширила заразата на коронавирусот но одговор од комисијата не добиле. Инаку, досега угостителските објекти работеа до 21 часот, а барањето на комората беше за време на новогодишните празници да можат да работат до 1 часот по полноќ. Сега најавуваат дека ќе ги почитуваат мерките што ќе донесат, но бараат целосно обештетување за штетата која им ја правела ,како што вели Јосифовски, владата со ваквите одлуки.
Како е во другите земји?
Во пресрет на празниците и други држави преземаат поригорозни мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот. Германија на пример, каде што од претходно се затворени кафулињата и баровите, а може да работат само со шалтери и достава, според најновата одлука од 16 декември до 10 јануари ќе бидат затворени и сите продавници кои не продаваат храна, малите бизниси како фризерските салони, од сите компании се бара да им дозволат на вработените да работат од дома, а верските обреди се дозволени, но со дистанца и носење маски.
Од регионот, во Косово ситуацијата зависите од епидемиолошката состојба на конкретната општина па така граѓаните кои живеат во таканаречените црвени зони не смеат да излезат од дома до 19 часот до пет наутро. Угостителските објекти се затвораат во 18 часот.
Во Црна Гора, новата влада ги ублажи претходните рестриктивни мерки, па сега на Црногорците им е забрането да ги напуштаат домовите од 22 часот до пет наутро, угостителските објекти работат од 7 до 18 часот, а супермаркетите и трговските центри до 20 часот. Во Бугарија, пак, веќе неколку недели се затворени трговските центри, а целосно се затворени сите угостителски објекти кои може да вршат само достава на храна. Грција пред повеќе од месец ги затворите кафулињата, рестораните, вежбалниците и други објекти, откако сериозни се зголеми бројот на новозаразени, а од понеделникот повторно со строги мерки се отворени фризерниците и книжарниците.
Како е во Македонија?
Во земјава е прогласена кризна состојба на територија на целата држава од 20 ноември. Основната цел на кризната состојба, како што образложенија надлежните, е да се овозможи војската да се вклучи во помош на медицинскиот персонал во ковид центрите, а државата да може да управува со капацитетите на приватните болници. Војската веќе е вклучена, а старата Систина, објектот кој министерот Филипче го договори со сопствениците на трите приватни болници, да биде на располагање на државата со нивни кадар и опрема се уште не профункционира поради правни нејаснотии.
Покрај кризната состојба во сила се и други мерки. Од почетокот на ноември е се забранети групирања на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или било каде на отворен простор, задолжително е носење на маска и на отворено и во затворени простории, задолжително често темелно миење на раце со сапун и вода или средства за дезинфекција, препорачано е одржување на физичка дистанца од два метри секогаш кога тоа е возможно и неколку други. Истовремено, последниве недели ретки се деновите кога бројот на новозаразени е под 1000 дневно, а минатата недела беше забележан и насмртоносниот ден од почетокот на пандемијата досега, за 24 часа починаа 46 луѓе.
Досега вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 73638, бројката на оздравени пациенти е 49414, на починати е 2121, а бројот на активни случаи изнесува 22103.